Марсело Каитано

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Марсело Каетано)
Марсело Каитано
Премиер на Португалија
На должноста
27 септември 1968 – 25 април 1974
Претседател Америко Томас
Претходник Антонио де Оливеира Салазар
Наследник Хунта за национален спас
Лични податоци
Роден(а) Марсело Жозе дас Невес Алвес Каитано
17 август 1906(1906-08-17)
Лисабон, Кралство Португалија
Починал(а) 26 октомври 1980(1980-10-26) (возр. 74)
Рио де Жанеиро, Бразил
Почивалиште Гробишта Сао Жоао Батиста
Партија Национален сојуз
Сопружник Тереза ​​Тешеира де Кеирос де Барос (в. 1930; починала 1971)
Деца 4
Установа Лисабонски универзитет

Марсело Жозе дас Невес Алвес Каитано (португалски: Marcello José das Neves Alves Caetano; 17 август 1906 – 26 октомври 1980 година) бил португалски политичар и научник. Тој бил втор и последен лидер на португалската Нова Држава. Бил премиер од 1968 до 1974 г., и бил соборен од власт за време на Револуцијата на каранфилите .

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден е во Лисабон во 1906 година. Докторирал право и подоцна станал професор на Правниот факултет на Универзитетот во Лисабон. Уште во младоста почнал да се истакнува со своите ултраконзервативни и реакционерни политички убедувања,[1] а својата политичка кариера ја започнал во 1930-тите за време на првите години од Салазаровата Нова држава.

Каитано набрзо станал важна фигура во владата на „Естадо Ново (Нова Држава)“, а во 1940 година беше назначен за лидер на португалската младинска организација. Каитано напредувал во својата академска кариера на универзитетот, објавил неколку дела и предавал право.

Во периодот од 1944 до 1947 година, Каитано бил министер за колонии, а во 1947 година станал претседател на извршниот одбор на Националниот сојуз. Од 1949 до 1955 година бил претседател на Корпоративната комора.

Од 1955 до 1958 г, претседавал со Советот на министри и бил најмоќен човек во режимот по Салазар, кој наскоро требало да се пензионира. Потоа повторно се посветил на својата академска кариера и држел важни политички функции (како извршен претседател на Националниот сојуз). Каитано во 1959 г. станал деветти ректор на Универзитетот во Лисабон но поднел оставка по избувнувањето на студентските протести во 1962 година.[2]

Премиер[уреди | уреди извор]

Во август 1968 г., дотогашниот португалски претседател Салазар ненадејно доживеал мозочен удар и по 36 години на чело на државата, 79-годишниот премиер на Португалија бил разрешен од функцијата од страна на претседателот Америко Томас. По внимателната проценка на потенцијалните наследници на премиерската функција, Томас на 27 септември 1968 година го назначил Каитано за премиер.[3] Салазар не бил известен дека е сменет од својата позиција како лидер на режимот, а според некои извештаи, кога Салазар верувал дека е премиер сѐ до својата смрт во јули 1970 година.

Многумина се надевале дека 101-от премиер ќе ги ублажи стегите од авторитарниот режим на Салазар и дека ќе ја модернизира економијата. Каитано се обидел да го поттикне економскиот раст и да воведе неколку подобрувања во социјалните работи, како право на месечна пензија за руралните работници кои не биле во можност да платат социјално осигурување. На државно ниво биле направени одредени големи инвестиции, како изградбата на голем центар за преработка на нафта во Синес.

На почетокот неговите економски реформи вродиле со плод, но во 1970-тите почнале да се појавуваат одредени проблеми делумно поттикнати од двоцифрената инфлација од 1970 година и делумно поради краткорочните ефекти од нафтената криза од 1973 година и покрај неискористените нафтени резерви кои Португалија ги имаше на своите прекуокеански територии во Ангола и Сао Томе и Принципе.

Политичката моќ на Каитано била контролирана од Томас. Томас, како и сите негови претходници, за време на Салазар речиси и немал никаква политичка моќ, но Томас не му го дозволил тоа на Каитано. Како резултат на тоа, Каитано всушност не можел направи нешто повеќе. Тој размислувал и самиот да се кандидира за претседател, но се премислил.

Иако Каитано бил еден од архитектите на Новата Држава, презел одредени чекори за олабавување на режимот во таканаречената „политичка пролет“ (исто така наречена Марселистичка пролет – Primavera Marcelista). Тој својот режим го сфаќал како „социјална држава“ и го сменил името на официјалната партија, Национален сојуз во „ Народна национална акција(Acção Nacional Popular). ПИДЕ, озогласената тајна полиција, била преименувана во ДГС ( Direcção Geral de Segurança, Генерален директорат за безбедност). Тој, исто така, ја олабавил цензурата на печатот и ги дозволил независните работнички синдикати кои работеле илегално уште од 1920-тите. На опозицијата ѝ било дозволено да се кандидира на изборите во 1969 година.

Сепак спроведувањето на парламентарните избори во 1969 и 1973 година не се разликувале многу од изборите во претходните 40 години. Опозицијата не била толерирана. Иако на опозициските кандидати теоретски им било дозволено да се кандидираат, тие биле подложени на остра репресија. На изборите, Народната национална акција ги добила сите мандати. На единствените претседателски избори одржани за време на Каитано (во 1972 година) Томас бил избран од законодавниот дом контролиран од владата без противкандидат.

Промените од „политичката пролет“ (или „еволуција во континуитет“, како што ја нарекол Каитано) биле незначителни за големи маси од населението кои се стремеле за поголема слобода и не се сеќавале на нестабилноста пред Салазар да дојде на власт. Сепак, дури и за тие мали реформи бил потребен одреден напор за да се убедат потврдокорните членови на владата, особено Томас.

Конечно, Каитано и самиот бил авторитарен и не ја разбирал демократијата. Бил многу разочаран кога разбрал дека опозицијата не е задоволна со реформите за кои морал да ги убедува потврдокорните властодршци. По изборите во 1973 година, тврдокорните од режимот ги искористиле својите врски со Томас за да го притиснат Каитано да го напушти реформскиот експеримент.

Од раните 1960-ти, португалските прекуокеански провинции во Африка се бореле за независност, но владата во Лисабон не била подготвена да ги признае, а Салазар испратил војници да се борат против герилците и тероризмот на движењата за независност. Во 1970 година, дури 40% од португалскиот буџет се издвојувал за војната во Африка,[4] и немало решение на повидок.

По неколку години поминати во Африка, британскиот свештеник Адријан Хејстингс во 1973 година предизвикал бура од негодувања во јавноста по написот во Тајмс за „Масакрот Виријаму“ во Мозамбик. Тој откри дека португалската армија масакрирала 400 селани во селото Виријаму, во близина на Тете, во декември 1972 година.[5][6]

Извештајот бил објавен една недела пред Каитано да ја посети Британија за да ја прослави 600-годишнината од англо-португалскиот сојуз. Сè поголемата меѓународна изолација со која се соочувала Португалија по тврдењата на Хеjстингс често се наведува како фактор што ја предизвикала Револуцијата на каранфилите, државен удар по кој бил соборен режимот на Каитано во 1974 година.[7]

На почетокот од 1970-тите, Португалија ја добила војната против бунтовниците во Ангола, бунтовниците биле незадоволително сузбиени во Мозамбик, а војната во Португалска Гвинеја била во пат позиција и затоа португалската влада одлучила да создаде политика на одржливост со која ќе се обезбедат континуирани извори за финансирање на воените операции на долг рок. На 13 ноември 1972 година, бил усвоен Прекуморски фонд (Fundo do Ultramar) за финансирање на противбунтовничките операции на португалските прекуморски територии. Исто така, биле донесени нови декретни закони (Decretos-Leis n.os 353, de 13 de Julho de 1973, e 409, de 20 de Agosto ) за намалавуње на воените трошоци и зголемување на бројот на офицери преку вклучување на резервната милиција како офицери во редовната воена академија.[8][9]

Соборување од власт, егзил и смрт[уреди | уреди извор]

На почетокот од 1974 година се појавувале знакови на незадоволство. Движењето на вооружените сили кое било формирано во рамките на армијата, почнало да планира државен удар за да стави крај на режимот. Во март имало неуспешен обид за соборување на режимот. Каитано повеќепати ја понудил својата оставка до претседателот, но барањето било одбиено.

На 25 април 1974 година, војската го соборила режимот во Револуцијата на каранфилите. Каитано поднел оставка и бил приведен во воен притвор. Откако Каитано поднел оставка, бил однесен во притвор на островите Мадејра, каде што останал неколку дена. Потоа заминал во егзил во Бразил, кој бил под сопствена воена диктатура. Починал од срцев удар во Рио де Жанеиро во 1980 година.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. At 20, Caetano directed the review Ordem Nova (1926–1927), which declared itself on the cover as "Catholic", "monarchist", "anti-democratic", "anti-liberal", "counter-revolutionary", "anti-bourgeois", "anti-bolshevist" and "intolerant", among other epithets.
  2. A direita radical na Universidade de Coimbra (1945–1974) Архивирано на 3 март 2009 г., MARCHI, Riccardo. A direita radical na Universidade de Coimbra (1945–1974). Anál. Social, Jul. 2008, nº 188, pp. 551–76. ISSN 0003-2573.
  3. See Decree N° 48597.
  4. Abbott, Peter; Ribeiro Rodrigues, Manuel (1988). MAA 202 - Modern African Wars (2): Angola and Mozambique 1961-74. Men-at-Arms. London: Osprey. стр. 34. ISBN 0-85045-843-9.
  5. Gomes, Carlos de Matos, Afonso, Aniceto. Os anos da Guerra Colonial – Wiriyamu, De Moçambique para o mundo. Lisboa, 2010
  6. The Times 2 August 1973: The Three Inquiries: The Missionaries, the Bishops, and the Army.
  7. Adrian Hastings, The Telegraph (26 June 2001)
  8. Movimento das Forças Armadas (1974–1975), Projecto CRiPE- Centro de Estudos em Relações Internacionais, Ciência Política e Estratégia. José Adelino Maltez. Cópias autorizadas, desde que indicada a origem. Última revisão em: 2 October 2008
  9. João Bravo da Matta, A Guerra do Ultramar, O Diabo, 14 October 2008, pp.22
  10. Празен навод (help)