Марко Блажевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Марко Блажевски е македонски пливач кој се натпреварува на куси и средни патеки, во повеќе стилови (слободно, мешано).

Биографија[уреди | уреди извор]

Марко Блажевски е роден на 10 ноември 1992 година во Скопје, како прво дете на Боро Блажевски и Нарциса Блажевска (родена како Гркова). Неговиот татко бил долгогодишен тренер во пливачкиот клуб „Вардар“ и, истовремено, тој е личен тренер на Марко. Марко има помала сестра, Вера Блажевска, која исто така, се натпреварувала во пливање, во пионерска и младинска категорија.

Уште за време на средношколската возраст, Марко заминал да учи во САД, каде потоа го продолжил образованието, запишувајќи се на Универзитетот „Вингејт“ во Шарлот, а дипломирал во 2014 година.

Меѓународни настапи[уреди | уреди извор]

Пливачки митинзи[уреди | уреди извор]

Во декември 2014 година, на пливачкиот митинг на 50-метарски базени, одржан во Марибор, Блажевски го соборил државниот рекорд на Македонија, во дисциплината 100 метри градно, постигнувајќи време од 1:04,91 минути. Стариот рекорд го држел Дамјан Петровски, кој во 2012 година, оваа патека ја испливал за време од 1:05,55 минути.[1]

Во февруари 2016 година, на пливачкиот митинг во кратки базени „Ројал опен 2016“, одржан во Шарлот, САД, Блажевски поставил два нови македонски рекорди: на 200 метри градно, каде постигнал време од 2:11,92 минути, со што за повеќе од шест секунди го надминал претходниот рекорд, постигнат во 2012 година, кој го држел Дамјан Петровски; како и на 100 метри градно, каде испливал за 1:02,17 минута, т.е. речиси две секунди побрзо од дотогашниот рекорд (и овој рекорд го држел Дамјан Петровски).[2]

Европски првенства[уреди | уреди извор]

Светски првенства[уреди | уреди извор]

На Светското првенство во пливање во мали (25-метарски) базени, одржано во Доха, во декември 2014 година, Марко Блажевски настапил во повеќе дисциплини, при што поставил четири државни рекорди на Македонија, и тоа во дисциплините:[3] 200 метри слободно (1:49,80 минути), 100 метри мешано (55,98 секунди), 200 метри мешано (1:58,99 минути), 400 метри мешано (4:13,04 минути).

Олимписки игри[уреди | уреди извор]

Блажевски се натпреварувал на Летните олимписки игри во 2012 година, во категоријата 400 метри мешано во машка конкуренција[4] на кое што завршил на 34-то место. Претходно, тој не успеал да ја оствари олимписката норма, туку учестувал на Олимпиките игри така што добил т.н. „вајлд-карта“. Притоа, тоа било првпат, пливачи од Македонија да настапат на Олимписки игри на тој начин, односно без остварена олимписка норма.[5] Блажевски исто така се натпреваруваше на Летни олимписки игри 2016 година во категоријата 200 метри мешано во машка конкуренција при што постави нов државен рекорд и се пласираше на 26-то место . [6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дневник, година XVIII, број 5642, понеделник, 15 декември 2014, стр. 22.
  2. „Блажевски урива рекорди“, Македонски спорт, среда, 24 февруари 2016, стр. 10.
  3. „Македонските пливачи ќе почнат трка по олимписки норми за Рио“, Дневник, година XVIII, број 5639, четврток, 11 декември 2014, стр. 22-23.
  4. „Marko Blazhevski“. 2012 Summer Olympics. архивирано од оригиналот на 28 јануари 2013. https://archive.is/d8VQc. конс. 13 октомври 2012 г. 
  5. „Македонските пливачи ќе почнат трка по олимписки норми за Рио“, Дневник, година XVIII, број 5639, четврток, 11 декември 2014, стр. 22-23.
  6. http://telma.com.mk/sport/blazhevski-so-nov-drzhaven-rekord-26-ti-na-200-m-meshano