Мари Ундер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мари Ундер
Мари Ундер околу 1903 година
Роден/а27 март 1883(1883-03-27)(141 г.)
Ревал, Естонска губернија, Руска Империја
Починат/а25 септември 1980(1980-09-25) (возр. 97)
Стокхолм, Шведска
ПочивалиштеРахумјашки гробишта
ЗанимањеПоет
НационалностЕстонка
Книжевно движењеСиуру, Тарапита
Сопруг/аКарл Хакер (в. 1902; раз. 1924)
Артур Адсон (в. 1924)
ДецаДагмар Сток (1902–1994)
Хеда Хакер (1905–1988)

Мари Ундер (27 март [ст. ст. 15 март] 1883 – 25 септември 1980) била една од најпознатите естонски поети.[1] Таа бјавила 13 збирки поезија и била номинирана за Нобеловата награда за литература во 12 одделни години.[2][3][4][5][6]

Ран живот[уреди | уреди извор]

Детство[уреди | уреди извор]

Ундер била родена во Ревал (денешен Талин) во Естонија како третто дете на парот Прииду (1843–1930) и Леена Ундер (моминско име Кернер) (1854–1934) кои биле учители. Таа имала две сестри: Еванџелина (1880-1932?) и Берта (1885-1974), и два браќа: Готрид (1881-1882) и Кристфрид (1887-1934). Ундер рано научила да чита; на четиригодишна возраст. Таа читала и на естонски и на германски јазик, а Гете и Шилер биле меѓу првите поети со кои таа имала можност да се запознае. Таа учела во училиште за девојчиња каде наставата била на германски јазик, а таму научила да зборува и француски и руски јазик. По школувањето, се вработила како дадилка на семејството фон Стакелберг на Кројжовскиот имот. За време на нејзините студии, таа ги напишала своите први песни, но на германски јазик.[7] Во тоа време естонскиот јазик бил јазик што се зборувал само дома, а во пофините училишта воопшто не се ни изучувал.

Рана младост и првите поетски дела[уреди | уреди извор]

Во 1901-1902 година Ундер се вработила во либералниот естонски дневен весник, Театаја. Таму таа се запознала со неколку активни и напредни културни личности од тоа време, вклучувајќи ги писателот Едвард Вилде и уметникот Антс Лаикмаа, како и Константин Пјац, кој подоцна станал политичар и претседател на Естонија. Младата поетеса имала осумнаесет години кога првпат дошла во контакт со живиот естонски културен живот и тогаш почнала да пишува песни на естонски јазик. Сепак, слободата што работниот живот ѝ ја дал била краткотрајна, во 1902 година таа се омажила за книговодителот Карл Хакер. Двојката се преселила во Кучино, предградие на Москва, и имале две деца, Дагмар и Хеда. Токму револуцијата во Русија од 1905 година ја разбудила желбата за слобода во Естонија, исто како и во Ундер. Нејзините песни биле објавени анонимно во естонските весници и во првиот литературен албум налик на манифест „Млада Естонија“ (Noor-Eesti) во 1905 година. Во Естонија, ова збирка текстови се смета за пресвртница и почеток на естонската модерна културна ера.[7]

Портрет на Мари Ундер од естонскиот уметник Антс Лаикмаа од 1904 година

Враќање во Естонија[уреди | уреди извор]

Ундер се вратила во Ревел во 1906 година и почнала да ги преведува своите германски песни на естонски по совет на уметникот Антс Лаикмаа. Во 1913 година таа го запознала поетот Артур Адсон и решила да го напушти сопругот. Врската со Адсон ја инспирирала, а ѝ дала и простор за работа. Во 1917 година, парот заедно со некои други тогаш сè уште непознати поети и писатели го основале движењето „Сиуру“, под влијание на симболизмот. Сиуру претставувала митска птица во националниот еп Калевипоег. Движењето било експресионистичко и неоромантичко, па се косило со формалистичката традиција на Млада Естонија (Noor-Eesti). Други естонски поети и автори вклучени во движењето Сиуру во тоа време биле Пит Арен, Ото Крустен, Фридеберт Туглас, Артур Адсон, Аугуст Гајлит, Јоханес Семпер и Хенрик Виснапуу. Помеѓу 1917 и 1919 година, групата поети објавиле три тома поезија. Во 1919 година, конфликтите во рамките на групата ги натерале Виснапуу и Гајлит да заминат, додека Јоханес Барбарус и Аугуст Але се приклучиле како нови членови.[8][9]

Истата година како и основањето на движењето Сиуру, Ундер и Адсон заминале на турнеја во Естонија. Во овој период Ундер сè уште била официјално во брак со Хакер. Токму кога во Русија се одвивала Првата светска војна и револуцијата, Ундер ја објавила својата прва збирка песни „Сонетид“ (1917). Колекцијата е на естонски јазик и предизвикала силни реакции, а и станала многу популарна. Под прекарот Принцезата на Сиуру, пишувањето го одземало целото нејзино време од тој момент.[7]

Во февруари 1918 година, Естонија била прогласена за независна, но наскоро започнала нова војна. Сега слободната Естонија требала да се брани од болшевичка Русија и балтичкиот Ландесвер, а дури во 1920 година имало мир. Во меѓувреме, Ундер објавила три нови збирки поезија и во 1922 година била една од основачите на Естонскиот сојуз на писатели.[10] Љубовната грижа и владината стипендија на Артур Адсон ѝ дадоа слобода целосно да ѝ се посвети на поезијата. Во 1924 година, Андер се развела од Хакер и се оженила за Артур Адсон. Дотогаш таа успеала да објави пет збирки поезија и да стане една од најпознатите естонски поетеси на сите времиња. Парот Адсон живееле во изолација, таа не сакала да биде во очите на јавноста. Тие направиле неколку патувања во Европа: 1921–1923 година во Германија, 1926 година во Париз, подоцна во Полска, Чехословачка, Австрија, Унгарија, Италија и Холандија. Парот нашол дом во тивка станбена област во близина на Талин, Ним. Таа станала почесен член на меѓународниот Пен клуб и се освоила многу разни книжевни награди, а нејзините песни биле преведени на неколку други јазици.[7]

Исто така за време на 1920-тите години, Ундер била чест посетител на куќата на рускиот поет Игор Северјанин во селото Тојла, каде таа често била на одмор. Северјанин објавил книга со преведени дела на Ундер,[11] но тој не зборувал естонски и се служел со преводи од збор до збор како основа.[12]

Идилата нагло завршила кога Естонија била окупирана од Советскиот Сојуз во септември 1944 година, а репресалиите станале секојдневие во Естонија. Луѓе исчезнуваа без судење, а во 1941 година десетици илјади лица биле заробени и испратени во Сибир. По ова следуваше окупацијата под нацистичка Германија, која започнала нов бран погубувања и концентрациони логори. Кога Германците ја напуштиле Естонија во 1944 година и советската армија повторно се приближила, на Мари Ундер, како и многу други истакнати лица, ѝ беше понудена можност да побегне.

Живот во егзил[уреди | уреди извор]

На 20 септември 1944 година, Мари Ундер го напуштила Талин заедно со Артур Адсон за никогаш повеќе да не ја види својата татковина. На 29 септември била сместена во бегалскиот камп во Сигтуна, каде три месеци морала да дели соба со уште 11 луѓе. Сред сето ова, таа се обидувала да ја рекреира песната што ја изгубила. Таа страдаше од несоница и морала да пие апчиња за спиење, понекогаш неколку пати во текот на ноќта. За време на Божиќ, таа и Артур Адсон добиле своја соба. Адсон ја опишал собата во својот дневник како „кутија за кибрит“. Собата била долга колку еден кревет, а имало место само за два кревети покрај секој ѕид и по еден метар простор меѓу нив. Сепак, есента во Сигтуна била прекрасна и тие често одиле на долги прошетки покрај езерото Меларен.[13]

Надгробната плоча на Мари Ундер-Адсон и Артур Адсон во блок 23 во Скугширкогорден во Стокхолм, 20 јуни 2010 година

На почетокот на пролетта целиот камп повторно бил преместен. Кога Ундер и Адсон, заедно со другите бегалци, биле сместена во бегалскиот камп во Грена, Ундер дознала дека професорот Визелгрен ја номинирал за Нобелова награда за литература, со избор на песни преведени од Антс Орас. Таа не ја добила Нобеловата награда, но добила сместување во старомоден хотел, Рибаргарденхотел, каде имала две големи соби и големи прозорци свртени кон градината. Таа продолжила со својата работа и почнала да пишува нови песни. Од естонските бегалци таа добивала многу љубов и внимание, особено за време на нејзините родендени.[13]

Артур Адсон добил позиција во архивата во Дротнингхолмскиот театарски музеј. По една година помината во различни бегалски кампови, парот во 1945 година се преселил во Мјалархојден, Клуббакен 59 III,[13] каде што Мари Ундер живеела и пишувала остатокот од својот живот до 1980 година. Тогаш нејзиното здравје се влошило и таа била префрлена во дом за стари лица. На 25 септември 1980 година, Мари Ундер починала во Стокхолм без да може повторно да се врати во својата татковина. Мари Ундер била погребана во Скугширкогорден во Стокхолм.[14]

Животното дело на Мари Ундер се состои од 13 збирки поезија, од кои 3 биле напишани и објавени во Шведска (1 постхумно) и голем број преводи од повеќе јазици. Денот кога починала бил ден на жалост за естонското малцинство во Шведска, како и за целата естонска дијаспора распространета низ Западот и во Советска Естонија. Во Шведска, таа не била препознаена како значајна поетеса и покрај обидите да го предеве своето творештво на шведски.[15] Ивар Грунтал, Илмар Лаабан, Силвија Аирик-Приухка и Енел Мелберг направиле преводи на нејзините песни на шведски. На другата страна на Железната завеса, песните на Ундер долго време биле забранети, но по неколку децении таа политика била променета и нејзините збирки биле повторно објавени, нецелосно и без нејзина дозвола.

Во 2004 година, била поставена спомен-плоча во куќата Klubbacken 59, Хагерстен, каде што живеел парот Ундер-Адсон.[16]

Во јануари 2015 година било објавено дека Ундер ќе биде погребана во Естонија.[10] На 9 јуни 2016 година, нејините останки биле пренесени на Рахумјашките гробишта во Талин заедно со тие на Адсон, нејзината ќерка Хеда Хакер и нејзината сестра Берта.[17]

Преводи[уреди | уреди извор]

Делата на Ундер биле преведени на најмалку 26 јазици. Таа е една од најпреведуваните естонски автори.[18]

  • На руски од Игор Северјанин.
  • На коми од Нина Обрезкова (2008).[19]
  • На удмуртски од Надежда Пчеловодова (Нади Муш, 2006).[19]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.estlit.ee/elis/?cmd=writer&id=11584. Занемарен непознатиот параметар |verk= (help); Занемарен непознатиот параметар |språk= (help); Занемарен непознатиот параметар |titel= (се препорачува |title=) (help); Занемарен непознатиот параметар |hämtdatum= (help); Отсутно или празно |title= (help)
  2. „Nomination Database“. www.nobelprize.org. Посетено на 2017-01-31.
  3. „Nominations 1968“ (PDF). www.svenskaakademien.se. Посетено на 2022-02-03.
  4. „Nominations 1969“ (PDF). www.svenskaakademien.se. Посетено на 2022-02-03.
  5. „Nominations 1970“ (PDF). www.svenskaakademien.se. Посетено на 2022-02-03.
  6. „Nominations 1971“ (PDF). www.svenskaakademien.se. Посетено на 2022-02-03.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Празен навод (help)
  8. Jean Albert Bédé, William Benbow Edgerton, Columbia Dictionary of Modern European Literature, Columbia University Press, 1980, ISBN 0-231-03717-1, p237
  9. Rubulis, Aleksis. Baltic Literature. University of Notre Dame Press,1970.
  10. 10,0 10,1 Tambur, S. (4 January 2015). „Estonia's most influential poet to be reburied“. Eesti Rahvusringhääling. Посетено на 2 May 2015.
  11. Шумаков, Юрий. „Игорь Северянин в Эстонии“ (Russian). Встреча. Посетено на 3 May 2015.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  12. „Игорь Северянин“ (Russian). Век Перевода. Посетено на 3 May 2015.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  13. 13,0 13,1 13,2 Празен навод (help)
  14. Göran Åstrand: Här vilar berömda svenskar (Ordalaget Bokförlag 1999) sid.13 ISBN 91-89086-02-3
  15. (PDF) http://www.diva-portal.se/smash/get/diva2:16130/FULLTEXT01.pdf. Занемарен непознатиот параметар |titel= (се препорачува |title=) (help); Занемарен непознатиот параметар |hämtdatum= (help); Отсутно или празно |title= (help)
  16. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-04-14. Посетено на 2023-04-21. Занемарен непознатиот параметар |verk= (help); Занемарен непознатиот параметар |arkivdatum= (help); Занемарен непознатиот параметар |titel= (се препорачува |title=) (help); Занемарен непознатиот параметар |arkivurl= (help); Занемарен непознатиот параметар |hämtdatum= (help)
  17. „Marie Underi säilmed sängitati Rahumäe kalmistule“ (естонски). Delfi. 9 June 2016. Посетено на 10 January 2020.
  18. „Marie Under“. Estonian Literature Centre. Посетено на 4 May 2015.
  19. 19,0 19,1 „Ундер Мария (Marie Under)“ (Russian). National Library of the Republic of Komi. Архивирано од изворникот на 9 October 2017. Посетено на 3 May 2015.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]