Марија Примаченко

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Марија Примаченко
Марія Примаченко
Coin of Ukraine Prymachenko r.jpg
Роден(а)Марија Оксентијвна Примаченко
12 јануари 1909 [с.с. 30 декември 1908]
Болотнија, Руско Царство (денес Украина)
Починал(а)18 август 1997(1997-08-18) (возр. 88)
ПочивалиштеБолотнија, Иванковски реон, Украина
НационалностУкраинка
Образованиесамоука
Познат(а) посликарство, цртање, вез
Правецнаивна уметност
НаградиНационална награда „Шевченко“, 1966

Марија Оксентијвна Примаченко (украински: Марія Оксентіївна Примаченко; 12 јануари 1909 [с.с. 30 декември 1908] – 18 август 1997) — украинска сликарка за народна уметност, чии дела влегуваат во наивна уметност. Примаченко била самоука, работела со слики, цртежи, везови и керамика.

Во 1966 година, Примаченко ја добила Националната награда на Украина „Тарас Шевченко“. Организацијата УНЕСКО ја прогласила 2009 година како година на Примаченко. Улица во Киев и мала планета се именувани по нејзе. Пабло Пикасо откако ја посетил изложбата на Примаченко во Париз, еднаш рекол: „се поклонувам пред уметничкото чудо на оваа брилијантна Украинка“.[1]

Личен живот[уреди | уреди извор]

Примаченко била родена во селско семејство и поголемиот дел од нејзиниот живот го поминала во селото Болотнија во Иванковскиот реон, Киевска Област, сместено само 30 километри од Чернобил.[2] Посетувала настава четири години, пред да се разболи од полио, поради што добила физички последици кои ги чувствувала понатаму во нејзиниот живот и уметност.[3][4] Своите први уметнички обиди ги опишала во подоцнежниот живот: „Еднаш, како млада девојка, чував гуски. Кога ќе отидев со нив на песочна плажа, на брегот на реката, откако ќе поминев поле ишарано со диви цвеќиња, јас започнував да цртам вистински и имагинарни цвеќиња со стап на песокот... Подоцна, јас одлучив да сликам на ѕидовите на мојата куќа користејќи природни пигменти. После тоа јас никогаш не прекинав да цртам и да сликам“.[5]

Во текот на детството, мајката на Примаченко ја научила да везе и до крајот на 1920-тите или 1930-тите години таа била членка на задругата за везење Иванков.[3] Нејзиниот талент бил откриен од сликарката Тетјана Флору, која ја поканила Примаченко да работи на Централната експериментална изложба во Киевскиот музеј за украинска уметност во 1935 година.[3]

Во Киев, Примаченко имала две операции, што ѝ дозволиле да стои сама.[3] Таму го сретнала и нејзиниот партнер, Васил Маринчук. Во март 1941 година, нивниот син Федир Примаченко е роден во Киев.[6] Таа и Маринчук немале време да се венчаат пред тој да отиде во војна; од војната не се вратил,[5] умирајќи во Финска.[6] Братот на Примаченко бил убиен од нацистите. Таа се вратила во Иванков и работела во задруга.[5] Федир исто така станал народен уметник и мајстор за наивна уметност; починал во 2008 година. Внуците на Примаченко, Петро и Иван, исто така станале уметници.[6]

Кариера[уреди | уреди извор]

Украинска поштенска марка од 1977 г.
Украинска поштенска марка од 1971 г.

Првата републиканска изложба на народна уметност во 1936 година вклучила слики на Примаченко. Оваа изложба била прикажана во Москва, Ленинград и Варшава. Примаченко добила диплома од прв степен за учество во оваа изложба на народна уметност. Во 1937 година, нејзините дела биле изложени во Париз.[3]

Делата на Примаченко биле поттикнати од украинската и особено од полесијските народни традиции. Тие се повикувале на природниот свет и на бајките.[7][8] Во текот на 1930-тите години се префрлила од вез на сликање и нејзините дела од овој период се насликани на бела позадина. Нејзината смела и експресивна линија се развивала и таа ги комбинирала традиционалните украински мотиви на нови начини.[3]

Во текот на периодот 1960-1980, нејзиниот стил продолжил да се развива, каде што сликите имале значителна поживописна палета на бои и нов избор на светла позадина. Во ова време се префрлила од работење со водени бои на гваш. Во 1970-тите години, Примаченко исто така започнала да вклучува кратки фрази или изрази на нејзините слики.[3]

Награди[уреди | уреди извор]

Во 1966 година, Примаченко ја добила Националната награда на Украина „Тарас Шевченко“. Организацијата УНЕСКО ја прогласила 2009 година како година на Примаченко.[9][10] Истата година, булеварот „Лихачев“ во Киев бил преименуван во нејзина чест.[11]

Пабло Пикасо еднаш рекол откако ја посетил изложбата на Примаченко во Париз: „јас се поклонувам пред уметничкото чудо на оваа брилијантна Украинка“.[12]

Наследство[уреди | уреди извор]

Булеварот „Марија Примаченко“ во Киев

Делата на Примаченко биле изложени низ целиот поранешен Советски Сојуз, Украина и други држави, како Полска, Бугарија, Франција и Канада.[13] Нејзини албуми биле објавени низ целиот свет. Нејзината слика „Стаорец на патување“ била копирана од познатата финска дизајнерка Маја Исола за дизајнот на ткаенина „Луѓе во Шумите“, кој бил користен од авиопревозникот Финер.[14] Нејзината работа била објавена на поштенски марки и монети во Украина.[15]

Во 1998 година, малата планета (142624) Примаченко била именувана од Клим Чурјумов во нејзина чест.[16]

Над 650 од делата на Примаченко се чуваат во збирката на Државниот музеј на украинската народна уметност.[5]

Уништени дела[уреди | уреди извор]

Ивановскиот историско-роднокраен музеј, каде биле чувани неколку дела на Примаченко, бил запален при руската инвазија на Украина во 2022 година и се претпоставува дека се загубиле 25 нејзини дела.[17][18][19][9] Меѓутоа, според објава на социјалните мрежи на новинарката Тања Гончарова, мештаните успеале да спасат некои од делата на Примаченко од пожарот.[20] Според интервјуто на правнуката на Примаченко, Анастасија Примаченко, дадени за The Times десетици од нејзините дела биле спасени од мештанин кој влегол во музејот додека истиот горел.[21]

Влада Литовченко, директор на Вишгородскиот историски и културен резерват, забележал дека музејот не бил дом само на дела на Примаченко, туку и на други украински уметници, како што е Хана Верес; таа изјавила: „Уште една ненадоместлива загуба на историско-културната власт на Украина е уништувањето на Иванковскиот историско-роднокраен музеј од агресорот во овие пеколни денови за нашата држава“.[9]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Украинската самоука сликарка на која Пикасо ѝ се поклонувал | Off“. off.net.mk. Посетено на 2022-03-21.
  2. Pryimachenko Maria, Sixteen Paintings in the National Museum of Ukrainian Folk Art, Shown On A Set of Sixteen Color Postcards Published By Aurora Art Publishers, Leningrad, 1979, "Art Ukraine" site
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 „Maria Prymachenko's fantastic world of flowers and animals“. blogs.bl.uk (англиски). Посетено на 1 March 2022.
  4. Halder, Santoshi; Argyropoulos, Vassilios (2 March 2019). Inclusion, Equity and Access for Individuals with Disabilities: Insights from Educators across World (англиски). Springer. ISBN 978-981-13-5962-0.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Bengal, Rebecca (1 March 2022). „Russian Forces Destroyed the Wild and Beautiful Art of Maria Prymachenko“. Vice. Посетено на 2 March 2022.
  6. 6,0 6,1 6,2 „75 років від дня народження Федора Васильовича Примаченка (Приймаченко) (1941–2008), майстра народного декоративного розпису. Народився на Київщині — Славутицька бібліотека“. slavutichlib.com.ua (Ukrainian). Посетено на 2 March 2022.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  7. „Prymachenko Maria“. Ukrainian Art Library (англиски). Посетено на 1 March 2022.
  8. Kolisnyk, O. V., and M. O. Kovalenko. "Naive art: features of creative perception." Art and Design (2021).
  9. 9,0 9,1 9,2 Vivienne Chow (28 February 2022). „Russian Forces Burned Down a Museum Home to Dozens of Works by Ukrainian Folk Artist Maria Prymachenko“. Artnet.
  10. Maria Prymachenko at Ukrainian Art Library. [Accessed 2 March 2021].
  11. „Prymachenko Maria“. Ukrainian Art Library (англиски). Посетено на 1 March 2022.
  12. Podcast, HerArt (22 January 2021). „Maria PRYMACHENKO — the Ukrainian artist that made Picasso bow down“. Medium (англиски). Посетено на 30 April 2021.
  13. 100th anniversary of the birth of Maria Primachenko, painter (1908–1997), Unesco Portal, year 2008
  14. „Daily: Marimekko print copied from Ukrainian folk artist“. News. 29 May 2013. Посетено на 2 March 2022.
  15. Kosinski, Tomasz (18 August 2014). Coins of UKRAINE 1901–2014: Coins of Europe Catalog 1901–2014. Tomasz Kosinski.
  16. Schmadel, Lutz D. (10 June 2012). Dictionary of Minor Planet Names. Springer Science & Business Media. ISBN 978-3-642-29718-2.
  17. Giorgobiani, Natia (28 February 2022). „A museum with unique works by Maria Primachenko burned down near Kiev“. www.perild.com.
  18. „Оккупанты сожгли музей в Иванкове, сгорели работы Марии Приймаченко“. Украинская правда.
  19. „Україна втратила понад 20 робіт Марії Примаченко внаслідок нападу Росії – Литовченко“. Радіо Свобода.
  20. „Картини Приймаченко врятовано. Селяни винесли їх з палаючого музею. Еспресо.Захід“. zahid.espreso.tv (украински). Посетено на 2 March 2022.
  21. Schofield, Blanca. „Russia-Ukraine war: How Maria Prymachenko's art was saved from Putin's troops“. The Times (англиски). ISSN 0140-0460. Посетено на 2022-03-05.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]