Маринер 2

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маринер 2
Маринер 2
ОператорНАСА
ИзведувачиЛабораторија за млазен погон
Вид на мисијаОрбитирање
Лансирано на22 август 1962
Носечка ракетаАтлас ЛВ-3 Агена Б
Маса202,8 кг
Моќност220 вати
Орбитални елементи
Перицентар105.464.560
Инспекција на Маринер 2 пред летот
Лансирањето на Маринер 2
Палење на Атлас-Агена

Маринер 2 – американско вселенско летало од серијата Маринер дизајнирано за проучување на Меркур, Венера и Марс. Маринер 2 кој претставувал упростена верзија на „Ренџер“, како и Маринер 1, прв успешно стигнал до Венера. Леталото требало да биде лансирано со ракета Атлас-Кентаур, но истата не била спремна, па затоа се употребил стариот модел на Атлас-Агена. Лансиран е на 27 август 1962 година, во орбитата на Венера се нашол на 14 декември, а неговата минимална оддалеченост од планетата била 34.773 километри[1].

Маринер 2 имал хексагонален облик, со пречник од само еден метар во главниот дел. Оттаму се одвојувале сончевите плочи и останатите инструменти и антени за комуникација. Леталото било опремено со два радиометра (за инфрацрвениот и микробрановиот дел од спектарот), сетилник за микрометеорите, сетилник за сончева плазма и магнетометар. Овие инструменти биле наменети за што подобро да се истражи атмосферата на Венера и нејзиниот состав.

На патот до Венера, Маринер 2 го мерел сончевиот ветар и наелектризираните честички во него. Со тоа ги потврдил истражувањата на советското летало Луна 1 од 1959 година. Исто така ја мерел прашината во меѓупланетарниот простор. Кога на 14 септември стигнал до Венера, леталото ја скенирало планетата со радиометрите, а добиените податоци укажувале дека таа е прекриена со ладни облаци, а дека површината ѝ е многу жешка.

Инструменти[уреди | уреди извор]

Само 18 килограми од вкупната маса на Маринер 2 била дозволени за инструментите за научни истражувања[2]. Користени биле следниве инструменти:

  • Радиометар за микробраново зрачењe кој се користел за одредување на температурата на планетата и за одредување на одликите на атмосферата. Мерењата биле изведени на две бранови должини (13,5 и 19 милиметри). Радиометарот тежел 10 килограми, а напојувањето било со моќност од 4 до 9 вати.
  • Радиометар за инфрацрвено зрачење кој се користел за одредување на температурата на планетата, но за разлика од радиометарот во микробрановиот спектар, овој истражувал само помали делови на планетата, а не планетата во целина. Снимањето било изведено на две бранови должини каде сигналите биле најсилни (од 8 до 9 µm, фокусирано на 8,4, и од 10 до 10,8 µm, фокусирано на 10,4). Овој инструмент тежел 1,3 килограми, а потребната моќност за напојување изнесувала само 2,4 вати. Мерел температури од 200 до 500 К.
  • Магнетометар за мерење на магнетното поле на самата Венера како и останатите планети. Користени биле две скали кои инструментот сам автоматски ги менувал: ± 64 γ и ± 320 γ (1 γ = 1 нанотесла).
  • Детектор на сончева плазма за мерење на спектарот на слабо позитивно наелектризираните честички кои доаѓале од Сонцето, т.е. сончевиот ветар.

Мисија[уреди | уреди извор]

Мисијата на Маринер 2 имала повеќе цели[3][4]:

  • експеримент со радиометрите
  • истражување на магнетосферата на Венера и другите планети
  • мерење на количината на наелектризираните честички во сончевиот ветар
  • детекција на микрометеорити
  • оценување на работата на комуникациските системи
  • експериментирање со системот за напојување
  • оценување на работата на системот за навигација

Резултати[уреди | уреди извор]

Радиометарот на Маринер 2 на 14 декември 1962 година скенирал делови од Венера во микробрановиот дел на спектарот. Со снимањето се почнало во 18:59 UTC и тоа не траело повеќе од 35 минути. Биле скенирани три дела:

  • терминаторот
  • осветлениот дел на планетата
  • затемнетиот дел на планетата

Добиените вредности за температура на темната страна (ноќ на Венера) биле 490 ± 11 K, додека за светлата страна (ден на Венера) резултатите биле 511 ± 14 K, а за терминаторот 595 ± 12 K.

Откриено е дека планетата поседува многу дебела атмосфера која на планетата ѝ прави ефект на стаклена градина и не ѝ дозволува на топлината да ја напушти површината. Затоа температурите се доста високи.

Со магнетометарот испитано е магнетните полиња околу Венера, кои варираат меѓу 2 γ и 10 γ. Тоа ги потврдило истражувањата и резултатите на Пионир 5 од 1960 година. Ова бил доказ дека меѓупланетарниот простор не е празен, туку дека во него освен честичките од Сонцето делуваат и силите на другите планети. Конкретно за Венера, добиените резултати покажувале дека таа нема магнетно поле, или истото е многу слабо. Магнетометарот можел да детектира промени во јачината на магнетното поле и работел по тој принцип, иако во близината на планетата не забележал никакви промени. Можно е, како што покажал Пионир 5, Венера да има магнетно поле, но тоа е многу слабо (1/10 од Земјиното).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Mariner 2“. US National Space Science Data Center.
  2. Jet Propulsion Laboratory (under contract for NASA) (July 1965). „Mariner-Venus 1962, Final Project Report“ (PDF). California Institute of Technology. Наводот journal бара |journal= (help)
  3. Jet Propulsion Laboratory (under contract for NASA) (1962-06-15). „Tracking Information Memorandum No. 332-15: Mariner R 1 and 2“ (PDF). California Institute of Technology. Наводот journal бара |journal= (help)
  4. Renzetti, N.A. (1965-07-01). „Technical Memorandum No. 33-212: Tracking and Data Acquisition Support for the Mariner Venus 1962 Mission“ (PDF). NASA. Наводот journal бара |journal= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]