Црква „Св. Ѓорѓи“ - Курбиново

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Ѓорѓи
Викиекспедиција Преспа 359.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Ресенско
Парохија Подмочанско-љубојнска
Местоположба
Координати 40°59′09″ СГШ 21°05′06″ ИГД / 
Населено место Курбиново
Општина Ресен
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба 1191
Завршено 1191
Живопис 25 април 1191
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Свети Ѓорѓи — главна и единствена манастирска црква на Курбиновскиот манастир, сместена над селото Курбиново, Преспа, во непосредна близина на Преспанското Езеро.

Во кругот на црквата се наоѓале старите селски гробишта на Курбиново, кои се користеле до 1921 година.[1]

Пристапност[уреди | уреди извор]

До црквата се стигнува преку магистралниот пат Битола - Ресен, некогашниот римски пат Виа Игнација, при што кај крстосницата „Макази“, се свртува кон патот кој води кон преспанските села под планината Баба. Кај селото Асамати, пак, патот се дели и еден крак води кон селото Курбиново. Црквата се наоѓа на околу три километри над селото, во пазувите на Баба. Околината низ која минува патот, кој е широк одвај 4 метра, не е толку живописна, колку величествениот поглед кон планината и особено панорамата на волшебното и речиси секогаш мирното Преспанско Езеро.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата е изградена во 1191 година (XII век), што се гледа од натписот над олтарот за време на владеењето на Исак II Ангел.

Црквата е сместена на 1 километар источно од селото, подигната во втората половина на XII век. Во XVII век била запуштена, а во текот на XIX век била обновена.[1]

Конзерваторските работи на архитектурата и живописот биле завршени во 1958 година.[1]

Градба[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Ѓорѓи“ е еднокорабна градба со полукружна апсида. Градбата е долга 17 метри и широка 7 метри. Со ова таа е најголемата еднокорабна црква во Македонија. На западната страна нема нартекс (двор каде се собираат верниците). Има два влеза и изградена е главно од камен и помалку од тули. Ктиторската композиција на надвратникот не е во целост зачувана. Зачувани се само две свети лица и ктиторот со семејството. Но од ктиторот и семејството е останат само фрагмент од чевлите, според кои чевли е дојдено до заклучок дека овој ктитор припаѓа на световната (побожна) аристократија.

Црквата се карактеризира со специфичен начин на обработка на фасадите, денес видлив само во долните делови на западниот и јужниот ѕид. По изведбата на ѕидовите било изведено малтерисување и боење на фасадите со цел да се постигне побогат изглед. Ваквиот начин на обработка е пристигнат преку византиската градителска традиција. Црквата Св. Ѓорѓи своето место во ризницата на светските вредности го обезбедува со сочуваниот фрескоживопис. Фрескоживописот од дванаесеттиот век е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона.

Според науката, тоа е времето на владеењето на Комнените со Византија кога во црковното градителство доминира разнообразност на архитектурните форми на цркви, особено, еднокорабни со едно или дури пет кубиња и тоа се смета за чиста цариградска концепција, или измешана со „провинциски“ комбинации. Курбиново не се одликува толку со архитектурата, колку со извонредниот живопис. Тој, освен чисто цариградски елементи во претставувањето на монументално замислениот иконографски распоред на живописот, во одделни композиции или фигури, има внесено нови елементи, што во престолнината Цариград и надвор од неа, никаде не е толку изразито предаден како во Македонија. Тоа е чувството за реалноста на внатрешните доживувања на личностите во драматичните сцени, како што се страдањата на Христос. Тоа е силно изразено во Нерези, кој е речиси современик на Курбиново, во Св. Софија во Охрид - делумно, а во црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, тоа претставува доминантен елемент. Тука, линеаризмот на комненовскиот стил во уметноста, е плод (бездруго), на разбирањата на домашните зографи и тоа минува во фаза на барокна подвижност. И тоа не претставува пречка да се изразат најсилните внатрешни доживувања, што за целата византиска уметност значи откривање на нови простори во уметноста.

Цариградската рафинираност на боите, неповторливиот топол колорит и воздржаната мерка на спиритуализирање на ликовите, на пример во Нерези, што го издигаат во редот на најважните споменици на византиската уметност воопшто, веднаш по него доаѓа токму Курбиново. Но тука, во Курбиново, цариградската концепција на моменти се губи и надвладува таков линеаризам и форми, што повеќе ѝ одговараат на „провинцијата", а тоа е специфично за месните мајстори. Тоа се гледа и во издолжените и мускулести фигури, со посебна елеганција, но и со мошне компликуваните драперии, кои дури се прозрачни, карактеристика за ова мошне значајно сликарство.

Фрескопис[уреди | уреди извор]

Живописувањето на црквата започнало на 25 април 1191 година.[2] Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Творештвото на тројцата непознати мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот. Сè до крајот на XIII век во македонскиот живопис доминира комненовскиот стил.

Според еден запис од „Чесната трпеза“ живописот бил завршен во 1191 година и е сличен на оној во црквата „Св. Врачи“ во Костур.[1]

Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на големи празници, а во третата пророци.

Во олтарниот простор во првата зона е насликана композицијата Поклонување на архиереите на Христос - агнец (Мелисмос), а во конхата на апсидата Богородица Никопеа фланкирана од двете страни со архангелите Михаил и Гаврил. На источниот ѕид се насликани благовести со архангел Гаврил (северно) и Св. Богородица (јужно). На јужниот ѕид во олтарниот простор насликани се Св. Методиј Солунски, Св. Кирил Солунски и Св. Кирил Александриски.

Надвор од олтарниот простор насликана е претставата на Исус Христос Ирини, а до него Богородица и Св. Јован Претеча од Деисиз. На западниот ѕид во првата зона се насликани претстави на жени светителки: Св. Текла, Св. Петка, Св. Теодора, Св. Варвара, Св. Недела и Св. Катерина.

На северниот ѕид се насликани претставите на Св. Онуфриј и Св. Ефросин, а на источната страна од северниот ѕид претставата на Св. Ѓорѓи. Некои композиции: „Вознесение“, „Благовештение“ и „Средбата на Марија и Елисавета“ го вклучуваат живописот од Курбиново во првиот ред на византиското сликарство, воопшто.

На јужниот ѕид во втората зона на олтарниот простор претставени се две сцени со Марија и Елисавета, а надвор од олтарниот простор циклусот продолжува со Раѓањето Христово, Сретение, Крштевање и Воскресение Лазарево.

На западната фасада во горните партии сочувани се остатоци од ктиторска композиција која е истовремена со живописот во внатрешноста. На јужната фасада сочувани се остатоци од циклусот посветен на житието на Св. Ѓорѓи кој потекнува од XIV век. Во црквата сочуван е и живопис од претставата на Св. Димитриј на коњ од XVI век насликана на северниот ѕид.

Програмата во црквата е догматски посебно обмислена целина, со присутни нови сцени кои ѝ даваат посебно обележје. Овде посебно се мисли на композицијата Поклонување на Исус Христос Постар од денот над Успението на западниот ѕид, како и на претставата на Вознесението Христово насликано на источниот тимпанон. Живописот во црквата содржи високи ликовни остварувања кои се видливи во целото сликарство. Живописот претставува многу силна и конзистентна догматска перфекција која во себе содржи и нови и стари ликовни транспонирања.

Денес[уреди | уреди извор]

Денес Св. Ѓорѓи е споменик на културата заштитен со закон.

Сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил „Ангелот од Курбиново“ од оваа црква се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 178-179. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 9 март 2017 г. 
  2. „На денешен ден (25 април)“ (на македонски). Бркај работа. ПОНЕДЕЛНИК, 25 АПРИЛ 2011 07:32. http://brkajrabota.mk/zabava/na-deneshen-den/6457-na-denesen-den-25-04-11. конс. 25 април 2011 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]