Манастир Витовница

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Манастирот Витовница

Манастирот Витовница е српски православен манастир, кој и припаѓа на Браничевската Епархија. Црквата е посветена на Успение Богородично. Се наоѓа на десетина километри источно од Петровца на реката Млава.

Основање[уреди | уреди извор]

Ктиторска фреска на Светиот крал Милутин во манастирот Витовница

Манастирот бил изграден од српскиот крал Стефан Милутин Немањиќ по победата над разбојниците Дрман и Куделин, помеѓу 1289 и 1291 година, кои се утврдиле во своето седиште во Горњачко Ждрело[1].

Дрман и Куделин го претвориле Браничевскиот регион во своевидно разбојничко дувло, од кое ги вознемирувале околните области, со коишто владееле кралот Драгутин и унгарскиот крал Владислав.

Унгарците се обиделе да ги победат во 1285-тата година, но претрпеле пораз во Горњачката клисура, во обид да се пробијат до Ждрело (13 км југоисточно од Петровац), каде што двајцата разбојници биле утврдени.

По нив и Драгутин се обидел да ги победи, но и тој бил тешко поразен.

Нивниот пробив го натерал Драгутина да го повика на помош својот брат и тие се сретнале во Мачковци на реката Морава, договарајќи се за заедничката акција. Нивните здружени сили го скршиле отпорот на Дрман и Куделин, го зазеле Ждрело, а потоа и целиот Браничевски регион, кој влегол во состав на државата на Драгутин.

Победата над разбојниците Светиот Милутин ја крунисал со изградба на своето наследство, манастирот Витовница[2].

Во ”Старинарот на српското археолошко друштво” издадено во 1888 година, Михаило Ризиќ запишал: ”Кралот Милутин можел да го соѕида овој манастир после битката со Татарите во 1291 година. Тогаш, против северниот српски крал Драгутин, братот на Милутин, се беа побуниле двајца разбојници Дрман и Куделин. Милутин собра силна војска и толку тешко ги порази Татарите, што реката Млава стана црвена од крв”[3].  

Манастирот во ХVI век[уреди | уреди извор]

Во 16 век Манастирот Витовница се спомнува доста често, и во српските и во турските записи. Според турскиот попис од 1527 година, во манастирот живееле двајца монаси, а по оној во 1537, тројца, а манастирот плаќа висок данок што значи дека веројатно и понатаму бил во доста добра состојба. Според турскиот попис во 1578 година во манастирот опстојувале шест монаси. Од XVI век е сочувано прочуеното Витовничко евангелие.   

Евангелието од Витовница[уреди | уреди извор]

Витовничкото Евангелие е ракописно Евангелие напишано во истоимениот манастир во првата половина од XVI век. Од доверливи извори се знае дека било оковано со позлатено сребро во 1557 година. Дело на прочуениот златар од тоа време, Вук Кондо, кој се потпишал на горниот дел од оковот. Евангелието е испишано со црно мастило, а поважните пасуси со растопено злато. Украсите и иницијалите се испишани со златна, сина, црвена и зелена боја, додека речениците се одвоени со златна точка[4].

Во 1690-тата година, бегајќи од Турците, монасите од Витовница нашле ново прибежиште во манастирот Бешеново каде го донеле и своето Евангелие, поради што ова е познато и како Бешеновско[5].

Витовничкото Евангелие денеска се чува во Музејот на Српската православна црква во Белград под реден број 355[6].   

Манастирот во XVII век[уреди | уреди извор]

За манастирот во 17 век можеме да дознаеме од записите на витовничките манастирски книги. Некои од нив изгореле во Народната библиотека за време на Втората светска војна. Една книга, напишана пред 1620 година, се наоѓа во библиотеката во Киев. Во неа пишува: „Оваа книга е дар за манастирот Витовница од јеромонахот Никифор”.

По Австриско-турската војна Витовница најверојатно останала напуштена. Во 1690 г. Монасите заминале преку Дунавна различни страни. Повеќето од нив преминале во манастирот Бешеново на Фрушка Гора. Објектите од Витовничката ризница биле евидентирани одделно од имотот на манастирот Бешеново. Од овој период е сочувана таканаречената Витовничка чаша.

Чашата од Витовница[уреди | уреди извор]

Оваа чаша е всушност анафорник, сад за делење анафора. Бил скован во 1652 година од Лука Кујунџијата од Ќипровица до Ќустендил.

Сите ликови и ореоли на анафорникот се позлатени.

Денес се чува во Музејот на Српската православна црква во Белград.

Манастирот во XVIII век[уреди | уреди извор]

Во 1753 година кога бил направен попис на објектите од манастирот Бешеново, имотот на Витовница сè уште се водел одделно, но братството не се вратило во манастирот. Ризницата на Витовница останала во Бешеново сè до Втората светска војна кога била запалена и ограбена од страна на хрватските Усташите.

Манастирот во XIX век – време на обнова и процвет[уреди | уреди извор]

Јоаким Вујиќ ги спомнува страданијата на манастирот од страна на Турците во Првото српско востание. Манастирот бил целосно разрушен и запален. Тоа била одмаздата на турската војска за учеството на Србите од овој крај во востаничките борби. Обновата на манастирот Витовница започнува по Второто српско востание.

Во втората половина на XIX век, по заслуга на витовничките монаси Стефан Михајловиќ, Симеон Николиќ и посебно Стефан Бојовиќ се случува голем подем на светилиштето. Во 1851 година, Црквата е одново фрескописана, биле подигнати три конаци и камбанарија. Игуменот Стефан Бојовиќ е запаметен до денешен ден како симбол на обновата на Витовница во XIX век.

Манастирот толку напредна, да во 1861, на свој трошок подигна основно училиште во селото Витовница.

Игуменот Методиј[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1896 до 1902 година, игумен на манастирот Витовница бил архимандритот Методиј (Живота) Миловановиќ кој ја продолжил обновата на манастирот. Мошне вреден и претприемчив, умешно се грижел за Витовница и нејзината благосостојба.

Како игумен на манастирот Витовница, тој бил основач на Српското пчеларско друштво (1897) и основач на списанието Пчелар коешто и денеска се печати. Во списанието Пчелар бил извонреден теоретичар и полемичар. Бил и член на Српското земјоделско друштво. Заслужен за развојот на пчеларството во хомољскиот и млавскиот регион, коешто го популаризирал меѓу жителите и од него потекнува прочуениот хомољски мед [7].

Првата половина на XX век – катастрофа за Витовница[уреди | уреди извор]

Витовничкиот јеромонах Сава Марковиќ. Имал 33 години кога бил убиен од страна на комунистите од Витовница.

Историските околности од првата половина на ХХ век го запреле напредокот на Витовница.

Од 1915 до 1918 година Петровац и регионот на реката Млава потпаднале под бугарската окупација. Во 1915 година Бугарите го одвеле во логор игуменот на Витовница Исаија и таму го убиле. По тоа бугарските војници ја ограбиле Витовница, однесувајќи скапоцена архива, богослужбени објекти и стока. Покрај северниот ѕид од средниот дел на храмот во Витовница биле сместени моштите на непознат синајски монах, коишто биле ограбени од страна на бугарските војници.

Манастирот не ни успеал да се соземе од страдањата за време на бугарската окупација, а веќе пристигнале нови предизвикани од страна на германските и комунистичките окупатори.

Поради напад врз една германска патрола недалеку од манастирот Витовница, германските окупациони власти одлучиле да го запалат манастирот. Биле запалени сите згради, освен црковната камбанарија која изгорела само делумно. Сите конаци, сите економски згради и се она што со голема мака било обновено во текот на XIX век било запалено од страна на германските војници во 1943 година. Монашкото братство се спасило, криејќи се во околните шуми. Германците сепак го фатиле витовничкиот јероѓакон, Авакум Момчиловиќ и го однеле во логорот од Бањица, каде што го убиле.

Кога локалните селски комунисти дошле на власт во 1945 година, ги убиле сите преостанати браќа и го ограбиле целиот преостанат имот. Локалните витовнички комунисти го убиле и игуменот на Витовница јеромонахот Мардарије Здравковиќ. Јеромонахот Сава Марковиќ имал 33 години кога бил убиен.

Манастирот Витовница излегол од Втората светска војна и без братство и без имот и згради.

Втората половина од ХХ век – макотрпна обнова[уреди | уреди извор]

Во пустиот и запален манастир, по одлука на надлежните црковни власти, во 1946-тата година бил испратен јеромонахот Хризостом Пајиќ и бил поставен за игумен. Во мошне тешки услови, без покрив над главата, јеромонахот Хризостом почнал повторно да го обновува манастирот и нему му припаѓа заслугата што во тоа најтешко време монаштвото воопшто и се одржало.

Во 1955 година, Светиот Тадеј Витовнички се вратил од Косово во својата родна Браничевска Епархија и бил поставен за игумен на манастирот Горњак, недалеку од Витовница. Покрај обновата на Горњак, Светиот Тадеј се вклучил и во обновата на Витовница. Подоцна станал и нејзин игумен.

По заслуга на повоените игумени на Витовница: Хризостом Пајиќ, Теодор Арсиќ, Тадеј Штрбуловиќ и Лазар Ранковиќ, манастирот бил подобрен и делумно обновен и покрај големите страданија коишто ги претрпел во првата половина од ХХ век.

Светиот Тадеј Витовнички[уреди | уреди извор]

Светиот Тадеј Витовнички

Светиот Тадеј Витовнички е роден на Томинден, 6 октомври 1914 година во селото Витовница, близу до истоимениот манастир. Во 1932 година заминал во манастирот Миљково каде станал искушеник. Прочуениот игумен на манастирот Миљково, Амвросиј (Курганов) оставил силен впечаток врз Светиот Тадеј, тогашниот искушеник Томислав.

По една година, во 1933-та, игуменот Амвросиј се упокоил мошне млад, во својата 39 година, а монашкото братство се разотишло. Еден дел заминал во манастирот Горњак каде бил игумен исто така руски монах. На оваа група и се придружил и искушеникот Томислав, идниот светител Тадеј Витовнички. Во Горњак бил замонашен во 1935 година, а ракоположен за јеромонах во 1937 година.

Во 1939 година манастирот Пеќка Патријаршија на Косово побарал од Патријархот Димитриј да им испрати еден јеромонах на помош. Патријархот одлучил да го испрати јеромонахот Тадеј како најмлад ученик на монашката школа во манастирот Раковица. Од 1939-та до 1955 година престојувал на Косово со прекини за време на Втората светска војна, која ја поминал во Витовница. Од 1947 година јеромонахот Тадеј станал игумен на манастирот Пеќка Патријаршија. Тогашната власт му го отежнувала престојот на Косово, поради што во 1955 година се вратил во својата родна Браничевска епархија и му се ставил на располагање на епископот Хризостом кој го поставил за игумен на манастирот Горњак. Од тогаш во духовна грижа го преземал и манастирот Витовница.

Во 1962 година бил поставен за игумен на Витовница.

Поради недостаток на монаштво и свештенство, повремено и во кратки периоди ги опслужувал и другите манастири и парохии во во Браничевската Епархија.

Се упокои во 2003 година.

Македонските и српските верници го сметаат како современ светител, а неговиот гроб во Витовница е собирно место на голем број на луѓе.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Путешествије по Србији, аутор: Јоаким Вујић, Београд, 1901. године
  2. Православна Српска Црква у Краљевини Србији, Митрополит Михајло, Београд, 1895. године
  3. Манастир Витовница, аутор: Михаило Ст. Ризнић, Старинар Српског археолошког друштва, год. 5, 1888. године, бр. 1
  4. Манастир Витовница, историјско-уметничка изложба, аутори: Др Ивана Женарју и Милица Илић, ISBN 978-86-87411-12-8, 2015. године
  5. Опис српских фрушкогорских манастира 1753. године, аутор: Димитрије Руварац, Сремски Карловци, 1905. године
  6. Манастир Витовница, аутор: др Радомир М. Милошевић, страница 176, 2013. године.
  7. Један наш пчеларски ветеран, Пчелар, бр 1. за 1930. годину, страница 21.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]