Мамец (роман)
„Мамец“ (српски: Мамац) — роман на српскиот писател Давид Албахари од 1996 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот е напишан во прво лице при што авторот раскажува како пред 14 години ја снимил животната приказна на мајка си. Подоцна, по преселбата во Канада, тој ги слуша магнетофонските записи со намера врз основа на нејзините искази да напише книга. Инаку, неговата мајка се викала Марија и била Србинка од Босна, која се омажила за Евреин, а во 1938 година ја прифатила еврејската вера. По создавањето на Независната хрватска држава, таа и сопругот пребегале во Србија при што таа и децата се населиле во едно село во околината на Крушевац. По завршувањето на војната, таа и децата заминале во Белград, но патем се случила железничка несреќа во која погинале нејзините два сина. Набргу, таа го запознала вториот сопруг (таткото на авторот), кој се вратил жив од логорот, додека сопругата и децата биле стрелани од нацистите. По некое време, тие добиле две деца, а некое време живееле во Ќуприја каде татко му работел како лекар. Не можејќи да го поднесе животот во провинцијата, по инсистирање на мајка му, семејството се преселило во Земун каде останало да живее. Цело време, мајка му не можела да се ослободи од болката предизвикана од личните несреќи, а дури по посетата на Израел успеала да се ослободи од спомените на минатото. Многу подоцна, по смртта на нејзиниот втор сопруг, таа веќе почнала да тоне, а по избувнувањето на војната во СФРЈ се разболела и набргу умрела. По нејзината смрт, тој ги пронашол писмата кои ѝ ги испратил нејзиниот прв сопруг од логорот, а потоа ги исфрлил сите нејзини работи. Некое време работел како преведувач за една меѓународна хуманитарна организација, но по посетата на подрачјата зафатени од војната заминал во Канада. За снимките направени во татковината, авторот разговара со канадскиот писател Дејвид, кој го поттикнува да напише прозно дело. Така, тој успева да напише прозен текст и по пошта му го испраќа на Дејвид. Една сабота, тој ја очекува посетата на Дејвид и притоа е видно вознемирен, зашто претчувствува дека таа целосно ќе му го промени животот.[1]
За делото
[уреди | уреди извор]„Мамец“ е роман за мајката на писателот која била столб на семејството. Соочена со трагични загуби, под ударот на историските случки, таа постојано успевала да го оствари она што нејзиниот син никогаш не го постигнал - да живее со отворени очи и подготвено да го пречека она што го носи животот. Во густото ткаење на нарацијата се раѓа впечатлива прикана за семејството, за трагедијата и за загубите, како и за историската судбина на земјата на авторот. Романот бил награден со НИН-овата награда и со наградата „Балканика“, а потоа доживеал повеќе изданија и бил преведен на 16 јазици.[2]