Малиот принц

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Малиот Принц“
Малиот Принц.jpg
Корица на македонското издание на „Три“.
АвторАнтоан де Сент Егзипери
Наслов на
оригиналот
Le Petit Prince
ИлустраторАнтоан де Сент Егзипери
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Издадена
1943
Страници97

„Малиот принц“ (француски: Le Petit Prince) — најпознатиот роман на Антоан де Сент Егзипери, објавен во 1943 година. Романот редовно се печати заедно со низа илустрации, направени од самиот Сент Егзипери, а кои се поврзани со содржината. Книгата е преведена на повеќе од 180 јазици и продадена во над 80 милиони примероци,[1][2] со што е една од најпродаваните книги во светот, воопшто. Авторот му го посветил романот на својот најдобар пријател, Леон Верт од времето кога бил дете, „зашто сите возрасни прво биле деца“.[3]

Пишувањето на книгата[уреди | уреди извор]

Книгата била напишана за време на престојот на Сент Егзипери во куќата The Bevin House во Ашарокен, Њујорк, на Лонг Ајланд. Како одраз на тоа, во една верзија на книгата се споменувале центарот „Рокфелер“ и Лонг Ајленд, но подоцна, тие биле избришани од крајната верзија. Сент Егзипери поминал две години во Њујорк, а еден ден, кога се подготвувал да го напушти градот и да се приклучи на воените сили како пилот, тој се појавил на вратата на неговата пријателка Силвија Хамилтон, облечен во воена униформа и рекол: „Би сакал да ви дадам нешто прекрасно, но ова е сè што имам“. Потоа, тој фрлил истуткана хартиена кеса врз масичката во ходникот, а внатре биле ракописот и цртежите за „Малиот принц“. Подоцна, во 1968 година, Силвија Хамилтон го предала оригиналниот ракопис, заедно со цртежите, на њујоршката книжарница „Морган“.[4]

Куќата во која била книгата Малиот принц била напишана

Содржина[уреди | уреди извор]

Во првата глава од романот, авторот раскажува за своето детство, кога имал голема желба да црта. Притоа, тој нацртал два цртежа кои возрасните не можеле да ги разберат. Подоцна, кога пораснал, тој станал пилот и почнал да се однесува исто како возрасните луѓе. Еднаш, додека летал над Сахара, неговиот авион се расипал и тој бил принуден да слета и да се обиде сам да го поправи авионот. Одненадеж, во пустината се појавило дете кое побарало да му нацрта овца. Набрзо, низ разговорите со детето, тој дознал дека детето дошло од малиот астероид Б 612, каде живеело само и поради тоа било осамено и тажно. Во меѓувреме, детето постојано му поставувало наивни прашања кои го нервирале, зашто му пречеле во поправката на авионот. Еден ден, на планетата на Малиот принц никнало убаво цвеќе кое постојано му поставувале различни барања. Така, Малиот принц решил да ја напушти својата планета и најпрвин стасал на малечка планета на која живеел еден крал кој сакал само да издава наредби. На втората планета сретнал вообразен човек кој барал од него да му се восхитува. Потоа, пристигнал на планета на која живеел еден алкохоличар, кој постојано бил пијан за да го прикрие срамот поради тоа што пиел. На следната планета живеел стопанственик кој ги броел ѕвездите, мислејќи дека тие се негови. Понатаму, тој посетил мала планета на која живеел човек кој секоја минута го палел и го гасел фенерот, зашто тоа му било должност. На шестата планета живеел географ, кој никогаш не се поместил од местото. Така, шетајќи по планетите, Малиот принц имал прилика да забележи колку се чудни возрасните. Најпосле, Малиот принц паднал во пустина, без луѓе во околината, а сретнал само една змија. Тој тргнал да ги бара луѓето, а притоа видел градина со многу ружи како онаа на неговата планета. Потоа сретнал лисица и се спријателил со неа, а таа го подучувала за важноста на пријателството. Сепак, тој ја напуштил лисицата и сретнал еден железничар, а потоа и трговец и најпосле се запознал со пилотот. По осум дена поминати заедно, тие ожеднеле и тргнале да најдат бунар со вода, а тоа било местото каде што Малиот принц слетал на Земјата. Пилотот го оставил принцот тука, а тој се вратил да го поправи својот авион. Утредента, тој се вратил кај бунарот и го затекнал принцот со една отровна змија. Во меѓувреме, змијата го каснала принцот и тој се наоѓал во многу лоша состојба така што најпосле паднал на песокот. Утредента, пилотот се вратил на истото место, но не го нашол телото на принцот. Оттогаш, минале шест години, а тој постојано мислел на Малиот принц.[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Иако е замислена како книга за деца, „Малиот Принц“ прави повеќе длабоки и идеалистички поенти за животот и за човечката природа. Суштината на книгата е кондензирана во познатите редови искажани од лисицата: „Не можеш да гледаш убаво без срцето, суштината е невидлива за очите.“;[6] или во зборовите на Малиот принц: „Многу е убаво да се има пријател, па макар и да се умре.“[7] При крајот од книгата, токму Малиот принц му ја соопштува големата вистина на пилотот со зборовите: „Но, очите се слепи. Треба да се бара со срцето.“[8] и: „Она што е важно не се гледа...“[9]

Книгата се одликува со фантастика и наивна и чиста алегорија, кои служат за да ја истакнат мислата дека љубовта и верноста, вербата, јунаштвото и дугарството му се потребни на човекот за да живее. По читањето на оваа сказна, во читателот одзвонува гласот на малиот принц, кој постојано нешто потпрашува, упорно го повторува своето прашање и никогаш не се откажува од еднаш поставеното прашање, барајќи одговор.[10]

Инспирација[уреди | уреди извор]

Во Малиот принц, авторот говори за заробеност во пространствата на Сахара покрај авион. Ова, со сигурност, може да се каже дека претставува инспирација од неговиот личен живот, т.е. од искуството кое самиот го имал, а го опишува во детаљи во својата книга Ветер, песок и ѕвезди. На 30 декември, 1935 година, Сент Егзипери заедно со неговиот навигатор Андре Прево, со авион се урнале во либискиот дел на Сахара. Обајцата го преживеале падот, но во голема мерка дехидрирале. Некои, пак, сметаат дека Сент Егзипери инспирацијата ја добил од книгата Паташо, малото момче на авторот Трисан Дрем.

Сент Егзипери, неговиот авион и Малиот принц (на двете страни) на банкнотата од педесет француски франци.

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Малиот принц во популарната култура[уреди | уреди извор]

Во Франција, ликот на Малиот принц е многу популарен, не само во секојдневниот живот на обичните луѓе, туку и пошироко. Банкнотите од педесет француски франци на обете страни го имале ликот на Малиот принц.

Според оваа книга снимени се мјузикл, две опери и анимирана серија. Покрај тоа, еден астероид го носи името Малиот Принц. По повод 70-годишнината од објавувањето на книгата, на 24 јануари 2014 година, во њујоршката книжарница-музеј „Морган“ била отворена изложба на која биле прикажани 35 акварели и 25 страници од оригиналниот текст на книгата, лични писма на Сент Егзипери, фотографии и артефакти, како и ретки печатени изданија од колекцијата на „Морган“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „www.petit-prince.at/“.
  2. The Scotsman (17 март 2008)
  3. Антоан Де Сент - Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 5.
  4. 4,0 4,1 „Голема изложба за „Малиот принц“ во Њујорк“, Дневник, год. XVII, бр. 5373, петок, 24 јануари 2014, стр. 24.
  5. 5,0 5,1 Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990.
  6. Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 56.
  7. Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 58.
  8. Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 61.
  9. Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 65.
  10. Александар Поповски, „Разговор за делото „Малиот принц“ од А. Егзипери — Поетска и тажна сказна“, во: Антоан Де Сент-Егзипери, Малиот принц, Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла и Наша книга, Скопје, 1990, стр. 72.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: