Маламир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Маламир
Хан на Бугарија[1][2][3][4][5]
Владеење 831–836
Претходник Омуртаг
Наследник Пресијан
Династија "Крумова династија" (најверојатно Дуло)
Татко Омуртаг

Маламир — средновековен бугарски владетел кој владеел со Првото Бугарско царство од 831 до 836 година.

Тој бил третиот и најмал син на Омуртаг и внук на Крум. На престолот се качил главно поради прераната смрт на постариот брат Звиница и лишувањето од престолот на најголемиот брат Енравота поради пројавени симпатии кон христијанството.

Познато е дека откако неговиот брат Енравота одбил да се откаже од христијанството, Маламир го осудил на смрт. Младиот хан ја продолжил градежната активност на својот татко. Во негово време било завршено водоснабдувањето на Плиска. Во надворешната политика се стремел да одржува добри односи со Френската империја и со Византија.

Византискиот император Теофил го нарушил 30-годишниот мировен договор, кој бил потпишан со Омуртаг, и во 836 година презел поход против Бугарија. Бугарите, на чело со кавкан Исбул одговориле на византиските сили при што навлегле во византиските територии и стигнале дури до Едрене. Потоа се упатиле кон Пловдив и по преговорите со неговите жители влегле во градот. Од тој момент градот бил вклучен во пределите на Првото Бугарско царство. Овој град во тоа време имал важно стратешко значење за освојувањето на Родопската област, како и за прекинување на римскиот пат Виа Милитарис (Виа Диагоналис) на Балканскиот Полуостров, кој ги поврзува Сигиндунум (Белград), Сердика (денес Софија) и Константинопол (Истанбул) и копнената врска помеѓу Солун и Константинопол. Овие настани се опишани во Камениот натпис, познат како Маламирова хроника.

Маламир неочекувано починал во 836 година и бидејќи не оставил наследници, престолот го зазел неговиот внук Пресијан - син на брат му Звиница. Не е позната точната причина за смртта на бугарскиот владетел.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Андреев, Й., Лазаров, Ив. и Павлов, Пл., „Кой кой е в средновековна България (Второ издание)“, Издателство „Петър Берон“, София, 1999 г. ISBN 954-402-047-0
  • Златарски, Васил, „История на българската държава през Средните векове“. Т. 1. „Първо българско царство. Епоха на хуно-българското надмощие“ (679-852)“, С. 1918
  • Константин Иречек: Geschichte der Bulgaren, Georg Olm Verlag, 1977 (Orig.: Verlag von F. Tempsky, Prag, 1876)
  • Bahši Iman, Džagfar Tarihy, vol. I, Orenburg 1997.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Byzantium and Bulgaria, 775-831, Panos Sophoulis, BRILL, 2011, ISBN 9004206957, pp. 71-72.
  2. Word and Power in Mediaeval Bulgaria, Ivan Biliarsky, BRILL, 2011, ISBN 9004191453, p. 211.
  3. Reading the Middle Ages: Sources from Europe, Byzantium, and the Islamic World, Barbara H. Rosenwein, University of Toronto Press, 2013, ISBN 1442606029, p. 160.
  4. Southeastern Europe in the Middle Ages, 500-1250, Florin Curta, Cambridge University Press, 2006, ISBN 0521815398,pp. 162-163.
  5. A Concise History of Bulgaria, R. J. Crampton, Cambridge University Press, 2005, ISBN 1139448234, p. 270.


Омуртаг >>> Маламир, кнез на Бугарија (ок.831836) >>> Пресијан