Малакологија

Малакологија (од старогрчки: μαλακός, „мек“ и λόγος, „наука“) — гранка на зоологијата која ги изучува мекотелите, второто по големина колено на животни по бројот на видови[1] по членконогите. Во мекотели спаѓаат полжави и голичи, школки и главонози, заедно со многу други животни со черупки. Стручњакот кој работи на оваа дисциплина се нарекува малаколог.
Оваа дисциплина се занимава со проучувањето на таксономијата, екологијата и еволуцијата на мекотелите. Постојат неколку подгранки како што се конхологијата (проучување на черупки) и тевтологија (проучување на главонозите како октоподот, лигњата и сипата). Применетата малакологија ја става малакологијата во служба на медицината, ветерината и земјоделството, проучувајќи ги, на пример, мекотелите како преносители на шистосомијаза и други болести.
Во истражувањето се користат и зоолошки методи. Работата на терен и во лабораторија ги опфаќаат собирањето, документирањето и архивирањето, како и молекуларните испитувања.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Малакологијата првобитно се развила од конхологијата, која единствено се задржувала на собирањето и класификацијата на черупки. До преод кон опфатна научна област на биолошко проучување дошло со неколку клучни исчекори.
Пред 1795 г.
[уреди | уреди извор]Пред крајот на XVIII век, проучувањето на мекотелите било ограничено на конхологијата, со нагласок на естетската и таксономска вредност на черупките. Во овој период под мекотели (Mollusca) се подразбирале само видовите без черупка како главонозите и голичите. Организмите со черупки се воделе како „Testacea“, што е одраз на ограниченото познавање на нивните пошироки биолошки одлики.[3]
Придонесите на Кивје
[уреди | уреди извор]Во 1795 г. францускиот природонаучник Жорж Кивје вовел нов систем за класификација на без’рбетниците според нивната анатомија. Тој го изнел тврдењето дека мекотелите сочинуваат посебна група на организми со заеднички морфолошки одлики. Овој приод ги поставил темелите на преодот од конхологијата кон малакологијата, и ја нагласил важноста на внатрешната анатомија наспроти надворешниот изглед на черупките.[3]
Почеток на XIX век
[уреди | уреди извор]Со работата на Кивје, почетокот на XIX век бележи проширување на полето на делување на малакологијата. Покрај надворешните черупки, научниците почнале да ги разгледуваат внатрешната анатомија, физолошките функции и еколошките улоги на таквите организми, гледајќи на нив целосно како организми, наместо само создавачи на черупки. Поимот „малакологија“ бил воведен во 1825 г. од францускиот зоолог и анатом Анри-Мари Дикроте де Бленвил. Како изведенка од старогрчкиот збор „малакос“ (мек), дисциплината почнала да покажува поширок интерес за биолошките и еколошките одлики на мекотелите, вклучувајќи го устројството на нивните меки тела. Оттогаш малакологијата станала одделна научна дисциплина.[3]
Крај на XIX век и подоцна
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век малакологијата го проширила полето на делување, и почнала да ги разгледува еволутивната биологија, таксономијата и екологијата. Истражувачите ја иследувале поврзаноста на мекотелите со другите без’рбетници, како и нивните улоги во разни екосистеми. Дисциплината продолжила да усвојува нови методологии и техники, зацврстувајќи го своето место како гранка на зоологијата.[3]
Стручна периодика
[уреди | уреди извор]Постојат преку 150 стручни списанија на полето на малакологијата кои се објавуваат во преку 30 земји, од што произлегле голем број големи научни статии.[4]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Home – Division of Invertebrate Zoology“. Архивирано од изворникот на 8 февруари 2007. Посетено на 8 февруари 2007.
- ↑ Charles F. Sturm; Timothy A. Pearce; Ángel Valdés (јули 2006). The mollusks. Universal-Publishers. ISBN 978-1-58112-930-4. Архивирано од изворникот 22 октомври 2022. Посетено на 22 август 2022.
- 1 2 3 4 Vinarski, Maxim V. (28 март 2014). „The birth of malacology. When and how?“. Zoosystematics and Evolution. 90 (1): 1–5. doi:10.3897/zse.90.7008.
- ↑ Bieler & Kabat, Malacological Journals and Newsletters, 1773–1990; The Nautilus 105(2):39–61, 1991 Архивирано на 9 мај 2018.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Малакологија на Ризницата ?- Периодика за мекотелите на WorldCat
| ||||||||||||||
|