Максимилијан I (Свето Римско Царство)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Максимилијан I
Цар на Светото Римско Царство
Германски крал
На престол16 февруари 1486 – 12 јануари 1519
Крунисување9 април 1486
ПретходникФридрих III
НаследникКарло V
Надвојвода на Австрија
На престол19 август 1493 – 12 јануари 1519
ПретходникФридрих V
НаследникКарло I
Роден(а)22 март 1459(1459-03-22)
Винер Нојштат, Австрија
Починал(а)12 јануари 1519(1519-01-12) (возр. 59)
Велс, Австрија
Почивалиште
Винер Нојштат, Австрија
Сопружник
Деца
ДинастијаХабсбуршка династија
ТаткоФридрих
МајкаЕлеонора
ВероисповедРимокатоличка црква

Максимилијан I (германски: Maximilian I, роден на 22 март 1459 во Винер Нојштат - починал на 12 јануари 1519 во Велс, Горна Австрија) — на војвода Бургундија од 1477 година, римско-германски крал од 1486 година, надвојвода на Австрија од 1493 година и цар на Светото Римско Царство во периодот од 1508 до 1519 година. Максимилијан произлегува од Хабсбуршката династија. Неговото управување се одликува со активна и доследна политика, насочена кон проширување на териториите на Хабсбурговците преку војни и поволни династички бракови. Максимилијан I спроведел важни реформи во системот на управување на Светото Римско Царство и Австрија. Поголемиот дел од управувањето поминало во напорите за ограничување на француската експанзија во хабсбуршките поседи и Италија. Најсериозен неуспех во неговото владеење е губењето на австриските територии во Швајцарија по Битката кај Дорнах на 22 јули 1499 година.

Максимилијан I
Грб на Максимилијан I
Максимилијан I со своето семејство

Рани години[уреди | уреди извор]

Максимилијан е роден на 22 март 1459 година во Винер Нојштат, денешна Австрија. Тој е син на светиот римски цар Фридрих III и на Елеонора-Елена Португалска (1436-1467), ќерка на португалскиот крал Дуарте I. Во 1477 година се оженил за Марија Бургундска, војвотка на Бургундија[1], преку кој брак ги проширил владенијата на Хабсбурговците во Војводство Бургундија, Независна покраина Бургундија и поголемиот дел од Холандија[2]. Тоа довело до повторно заострување на односите со стариот соперник Франција за контрола на овие области[3], за кое Максимилијан започнал војна против кралот Луј XI, чии воени сили биле поразени во 1479 година[4]. Оваа победа на Максимилијан му донела зацврстување на своите позиции над богатите холандски провинции Фландрија, Ено, Брабант, Лимбург, Луксембург, Холандија и Зеланд, а исто така и во Франш Конте и во други територии кои граничеле со Франција. Победите на Максимилијан го подигнал престижот на Хабсбурговците во цела Европа. Така уште на млади години Максимилијан се појавил како енергичен владетел, способен да ја зацврсти власта на династијата и да изврши итни трансформации во застарениот систем на управување во Германија и Австрија. Истовремено Фридрих III започнал да го интегрира својот син во управувањето на империјата, отстапувајќи му ја реалната власт во негови раце. Така во 1486 година Максимилијан бил избран за изборен кнез и крал на Германија.

Хабсбуршка Холандија[уреди | уреди извор]

По трагичната смрт на Марија Бургундска во 1482 година за наследник на нејзините имоти бил прогласен малолетниот син Филип Убавиот[2], од чие име како регент во овие области продолжил да управува Максимилијан. Смртта на Марија и одбивањето на Холандија да го признае регентството на Максимилијан довело до повторна активација на француските претензии за Бургундија. Луј XI успеал да ги освои териториите на Франш Конте[3] и да претендира за останатите земји на покојната Марија. Тоа го принудило на Максимилијан да направи некои отстапки и со договорот од Арас во 1482 ја отстапил Бургундија и Пикардија на Франција, а Холандија, Луксембург и Франш Конте останале за Хабсбурговците. Покрај тоа, францускиот дофин бил свршен за ќерката на Максимилијан, Маргарита, која ги поседувала Франш Конте и Грофовија Артоа[5][6].

Во 1486 година започнала војната за Бретања, главно поради француските аспирации за териториите на Војводство Бретања. Максимилијан се вклучил во конфликтот во земјата на Ана Бретанска која му била ветена за жена[7][8]. Поддршка околу бракот на Ана и Максимилијан дале Англија и Кастиља. Плановите на Максимилијан пропаднале поради востанието на жителите на Бриж, каде Максимилијан поминал во заробеништво скоро година дена. Франција ова го искористила и го зацврстила своето влијание во Бретања. По ослободувањето на Максимилијан, тој започнал подготовка за задушување на востанието во Холандија. На 13 јули 1489 година власта на Хабсбурговците во Холандија била вратена. Ова му овозможило на Максимилијан повторно да интервенира во бретанскиот судир и во 1490 тој се оженил во отсуство за Ана Бретонска. Времето сепак било загубено бидејќи Французите ја освоиле Бретања и го принудиле на папата да го раскине бракот на Максимилијан и Ана, која наскоро потоа била омажена за францускиот крал, а Бретања конечно била вклучена во границите на Франција.

Во 1490 година управувањето на Бургундија преминало во рацете на Филип, кој станал полнолетен. Во 1496 година Максимилијан го оженил својот син за Јована, која подоцна ги наследила круните на Кастиља и Арагон. Бракот го одбележил сојузот меѓу царството со Кастиља и Арагон, на тој начин што Максимилијан го зацврстил обрачот околу Франција. Во 1506 починал Филип, оставајќи за свој наследник малолетниот син Карло, кој привремено останал под туторство на Максимилијан во Фламанската Област[3].

Управување во Австрија[уреди | уреди извор]

Во 1491 година Максимилијан ги добил Тирол и Предна Австрија од својот роднина, грофот Сигизмунд. По смртта на царот Фридрих III во 1493 година Максимилијан ги наследил Штаерска, Корушка и Крањска и конечно ги обединил австриските имоти на Хабсбурговците во Австрија, како нејзин единствен надвојводата.

Во 1500 Максимилијан ја наследил и Горица во Источен Тирол. Интервенцијата на надвојводата во војната за баварското наследство довело до зазимање на Куфштајн и Ратенберг.

Во 1515 настапила нова ера во територијалната експанзија на австриските територии на Максимилијан. Така, во Виена по негова иницијатива била организирана средба со унгарскиот крал Ласло II[9] и полскиот крал Сигизмунд, претставници на династијата Јагелони. Тројцата владетели склучиле сојуз преку династички бракови меѓу внуката на Максимилијан, Марија и унгарскиот престолонаследник Лајош II, како и со брак меѓу внукот на Максимилијан Фердинанд и унгарската принцеза Ана Јагелонина. По смртта на Лајош II во Битката кај Мохач во 1526 година Унгарија и Бохемија биле присоединети кон австриските територии на Хабсбурговците.

Управувањето на Максимилијан во Австрија претставувал важен период од развојот на австриската држава. Надвојводата спроведел широк спектар на реформи во системот на управување на Австрија. Во 1493 тој ја поделил земјата на две области Горна Австрија (Тирол и Предна Австрија) и Долна Австрија (Австрија, Штаерска, Корушка и Крањска). Во секоја од двете области било организирано самостојно управување составено од намесник на надвојводата и негов совет. Во Виена била основана заедничка каса за двата дела на земјата, чие седиште подоцна било префрлено во Инсбрук. Во 1498 година Максимилијан го создал конечниот изглед на високото државно управување: Придворен совет (висок административен и судски орган), Придворна палата (висок финансиски и фискален орган), Придворна канцеларија (орган за подготовка на законски прописи). Како резултат на реформите на Маскимилијан била организирана нов централизиран систем на управување на Австрија, што создало услови за поблиско обединување на територијалните имоти на Хабсбурговците во Австрија во единствената Хабсбуршка монархија. Цетнтрализаторската политика на Максимилијан I предизвикало отпор од страна на локалните феудалци. Во 1502 година во Долна Австрија локалните аристократи застанале против централизираната политика на надвојводата[10]. Максимилијан, притиснат од финансиските потреби за војната против Османлиите и онаа во Италија, бил принуден да направи некои отстапки.

Управување со Германија[уреди | уреди извор]

Од 1486 година, кога бил избран за изборен кнез и крал на Германија, Максимилијан I активно учествувал во управувањето на Светото Римско Царство. По смртта на Фридрих III во 1493 година власта во царството целосно поминала во рацете на Максимилијан. Во тоа време системот на управување на Светото Римско Царство се наоѓало во длабока криза. Во Германија постоеле неколку стотици мали државни формации со различен степен на независност, финансиски и воен потенцијал, а влијанието на царот врз локалните кнезови било неефикасно. Поголемите кнежевства воделе самостојна политика и се обидувале да ја наметнат својата власт над соседните територии и над царските градови, кои ја сочинувале основната воена и финансиска сила на царството.

Во 1495 година Максимилијан I го свикал во Вормс Рајхстагот на Светото Римско Царство, пред кој тој го претставил проектот за итни реформи во системот на управување[11] . Како резултат на тоа, Рајхстагот ја прифатил т.н. „Царска реформа“. Германија била поделена на шест царски окрузи, а во 1512 биле формирани уште четири. Орган на управување во царскиот округ станало собранието наречено Крајстаг, во кое биле претставени сите државни формации на територијата на окрузите: светските и духовни кнежевства , царските витези и независните градови. Секој член на Крајстагот имал право на еден глас, со што Максимилијан обезбедувал водечкото место во него на царските витези, малите кнежевства и градови кои се држале до него. Царскиот округ ги имал надлежностите да решава прашања за воена изградба, организацијата за одбрана, војската, како и за распределбата и собирање на царските даноци на територијата на окрузите. Големо било значењето и на Царскиот суд (Reichskammergericht) - врховен орган на судството во германскиот свет кој станал еден од главните инструменти за спроведување на царското влијание над териториите на кнезовите и механизам за спроведување на единствена политика во сите германски земји на територијата на царството.

Обидите на Максимилијан да ги продлабочи реформите во царството, како и обидот да создаде еден орган на извршната власт во царството и единствена царска војска пропаднале. Кнезовите во царството застанале против овие планови на Максимилијан I и не му дозволиле да ги протурка во Рајхстагот. Покрај тоа Максимилијан не обезбедил и поддршка околу финансирање на војската во Италијанската војна, што сериозно ги ослабило неговите позиции на меѓународната сцена и во самата империја. Поради овие слабости, во 1453 година Максимилијан I во својство на австриски надвојвода одбил да учествува во финансирањето на царските установи и не дозволил собирање на царски даноци на австриска територија. Австриското надвојводство не учествувало во Рајхстагот и во други општи органи. Така Австрија фактички била поставена надвор од Светото Римско Царство и поседувала во голема мера независност. Во целина, политиката на Максимилијан била насочена на прво место во интерес на Австрија и Хабсбурговците и дури потоа во интерес на Германија.

Големо значење во текот на неговото владеење имало и раскинот со традицијата да светиот римски цар да биде крунисан лично од римскиот папа, за да бидат легитимирани неговите права над царската круна. Во 1508 година Максимилијан направил воена експедиција во Италија за помазанието од папата, но Венецијанците кои ги контролирале патиштата, не го пропуштиле. Папата, на кого Максимилијан I бил потребен за создавање на широка коалиција против Венеција, официјално дозволил на Максимилијан да ја користи царската титула.

Италијански војни[уреди | уреди извор]

Во 1493 година Максимилијан се оженил повторно за миланската принцеза Бјанка Марија Сфорца [12][13][14][15], ќерка на миланскиот војвода Галеацо Марија Сфорца[3][10]. Со овој брак биле откриени нови можности за насочување на хабсбуршките територијални претензии во насока на Италија. Во 1495 година, сепак, војските на францускиот крал Шарл VIII влегле во Италија и го зазеле Кралство Неапол. Тоа довело до започнување на долготрајните Италијански војни[3][16]. Максимилијан I се приклучил кон антифранцуската коалиција на Арагон, Венеција и Милано, кои успеале да ги избркаат Французите.

Во 1499 година Французите повторно влегле во Италија и го освоиле Милано. Во тоа време Максимилијан I бил зафатен со војната против Швајцарската унија, која завршила неуспешно за царот. Така, во Битката кај Дорнах на 22 јули 1499 година силите на германскиот цар биле поразени по кое бил потпишан договор во Базел според кој Максимилијан I ја признал независноста на Швајцарија од Хабсбурговците и од царството. По завршувањето на Швајцарската војна, Максимилијан I ги испратил војниците за помош на миланскиот војвода Лудовико Сфорца[10], кој во 1500 година успеал да го врати Милано. Наскоро Французите повторно ја поразиле миланската војска, а самиот Лудовико трајно заминал кон Ломбардија. Кралот Луј XII успеал да го спречи Максимилијан од нова интервенција во Италија[10], договарајќи брак меѓу внукот на Максимилијан, Карло и неговата ќерка Клаудија, ветувајќи ја Бургундија и Милано како мираз на принцезата. Во април 1505 година Максимилијан I го признал Луј XII за војвода на Милано.

На ова зближување му било ставено крај во 1506 година по иницијатива на Французите, кое довело до неколку вооружени судири меѓу нивните војски. Во 1508 година силите на Венеција не го пуштиле на Максимилијан да биде крунисан за цар во Рим и ја принудиле на империјата на територијални отстапки во Истра и Фриули. Агресивноста на Венеција станало причина истата година да се формира т.н. Камбриска лига меѓу папата Јулиј II и францускиот крал, кон која се приклучил и Максимилијан I. Француските сили постигнале неколку победи над Венеција во 1509 година. Но тоа налутило на римскиот папа кој во обид да ги истера Французите организирал во 1510 година заедно со Венеција и Светото Римско Царство нова унија, наречена Света лига против Франција. Учеството на Максимилијан во подоцнежната војна било ограничено, бидејќи германските кнезови одбивале да ги финансираат кампањите во Италија, а неговите приходи од Австрија не биле доволни за воените трошоци. За да најде решение за финансискиот проблем, Максимилијан I ги заложил сребрените рудници во Тирол на банкерската фамилија Тугери. И покрај финансиските тешкотии токму Максимилијан I создал нов тип армија - наемните војници станале главна воена сила во сите европски држави. Воените походи на Максимилијан I во последните години на неговото управување биле доста неуспешни. Така во 1511 година, тој се обидел неуспешно да ја спречи француската офанзива во Артоа, а во 1515 година презел поход кон Милано, во кој поход претрпел неуспех уште на самиот почеток. Како резултат на тоа, Северна Италија паднала под влијание на Франција, а Максимилијан I ја изгубил можноста да се меша во италијанските работи.

Семејство[уреди | уреди извор]

Максимилијан I се оженил трипати, но само во неговиот прв брак со Марија Бургундска имал наследници:

Од другите два бракви на Максимилијан со Ана Бретанска и Бјанка Марија Сфорца не се родиле деца.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Heinz-Dieter Heimann: Die Habsburger. Dynastie und Kaiserreiche. ISBN 3-406-44754-6. pp. 38–45
  2. 2,0 2,1 Heinz-Dieter Heimann: Die Habsburger. Dynastie und Kaiserreiche. ISBN 3-406-44754-6. pp. 45–53
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 World Book Encyclopedia, Field Enterprises Educational Corporation, 1976.
  4. Encyclopædia Britannica 1911
  5. Jacoba Van Leeuwen (2006). „Balancing Tradition and Rites of Rebellion: The Ritual Transfer of Power in Bruges on 12 February 1488“. Symbolic Communication in Late Medieval Towns. Leuven University Press.
  6. Frederik Buylaert; Jan Van Camp; Bert Verwerft (2011). Anne Curry; Adrian R. Bell (уред.). „Urban militias, nobles and mercenaries. The organization of the Antwerp army in the Flemish-Brabantine revolt of the 1480s“. Journal of Medieval Military History. IX.
  7. Hare, Christopher (1907). The high and puissant princess Marguerite of Austria, princess dowager of Spain, duchess dowager of Savoy, regent of the Netherlands. Harper & Brothers. стр. 22–23.
  8. Hare, Christopher (1913). Maximilian The Dreamer, Holy Roman Emperor 1459-1519. Stanley Paul & Co. стр. 57–58.
  9. Tóth, Gábor Mihály (2008). „Trivulziana Cod. N. 1458: A New Testimony of the "Landus Report" (PDF). Verbum Analecta Neolatina. X (1): 139–158. doi:10.1556/Verb.10.2008.1.9. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-13. Посетено на 7 December 2013.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 Michael Erbe: Die Habsburger 1493–1918. Kohlhammer Urban 2000. ISBN 3-17-011866-8. pp. 19–30
  11. Whaley, Joachim Germany and the Holy Roman Empire: Volume I: Maximilian I to the Peace of Westphalia: 1490-1648, Oxford University Press, 2012, pp. 32-33, accessed 15 July 2012
  12. Hare, Christopher (1907). The high and puissant princess Marguerite of Austria, princess dowager of Spain, duchess dowager of Savoy, regent of the Netherlands. Harper & Brothers. стр. 59.
  13. Cartwright, Julia Mary (1910). Beatrice d'Este, Duchess of Milan, 1475-1497 (6. изд.). London: J. M. Dent & Sons. стр. 179–180. Посетено на 7 December 2013.
  14. Hare, Christopher (1913). Maximilian The Dreamer, Holy Roman Emperor 1459-1519. Stanley Paul & Co. стр. 74.
  15. Seton-Watson, Robert William (1902). Maximilian I, Holy Roman Emperor : Stanhope historical essay 1901. Westminster: Archibald Constable & Co. стр. 34. Посетено на 8 December 2013.
  16. Hare, Christopher (1907). The high and puissant princess Marguerite of Austria, princess dowager of Spain, duchess dowager of Savoy, regent of the Netherlands. Harper & Brothers. стр. 49.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Thomas Schauerte. Die Ehrenpforte für Kaiser Maximilian I. Dürer und Altdorfer im Dienst des Herrschers (= Kunstwissenschaftliche Studien; 95), München / Berlin 2001.
  • Larry Silver. Marketing Maximilian. The Visual Ideology of a Holy Roman Emperor, Princeton / Oxford: Princeton University Press 2008.
  • Hermann Wiesflecker: Kaiser Maximilian I. Oldenbourg, München 1971–1986 (5 Bände; Standardwerk).
  • Hermann Wiesflecker: Maximilian I. Die Fundamente des habsburgischen Weltreiches. Verlag für Geschichte und Politik, Wien, München 1991, ISBN 3-7028-0308-4.
  • Manfred Hollegger: Maximilian I., 1459–1519, Herrscher und Mensch einer Zeitenwende. Kohlhammer, Stuttgart 2005, ISBN 3-17-015557-1.
Максимилијан I (Свето Римско Царство)
Роден(а): 22 март 1459 Починал(а): 12 јануари 1519
Владејачки титули
Претходник
Фридрих III
Германски крал
1486–1519
Наследник
Карло V
Цар на Светото Римско Царство-elect
1508–1519
Надвојвода на Австрија
1493–1519
Претходник
Сигисмунд
Надвојвода
1490–1519
Претходник
Марија Бургундска
како sole ruler
Војвода од Брабант, Војвода од Лимбург,
Војвода од Лотиер, Луксембург и Гелдерн;
Грофовија Намур;
Грофовија Цуфтен, Артоа,
Фландрија, Шароле,
Ено, Холандија и Зеланд;
Бургундија

16 август 1477–27 март 1482
со Марија
Наследник
Филип Убавиот