Македонско хералдичко здружение

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонско хералдичко здружение
Голем грб на Македонското хералдичко здружение
КратенкаМХЗ
Основана2003
Укината2018
ПретседателЈован Јоновски
ПотпретседателПетар Гајдов
СекретарАлександар Гижаровски

Македонско хералдичко здружение (МХЗ) — поранешно единствено стручно тело од областа на хералдиката, вексилологијата, фалеристиката, шивалристиката и нобиларни прашања во Македонија. Здружението било основано на 15 јули 2003 година во Скопје и по 15 години постоење престанало со работа на 15 јули 2018 година. На негово место веднаш било основано Македонското грбословно друштво.

Грб и знаме на здружението[уреди | уреди извор]

Грб и знаме на Македонското хералдичко здружение
Варијанти

Среден грб на Македонското хералдичко здружение

Мал грб на Македонското хералдичко здружение

Знаме на Македонското хералдичко здружение
Подробно
ГрбоносецМакедонско хералдичко здружение
Усвоен2003
ШтитНа црвен штит, сребрен хипокамп, кој во предните нозе држи вкрстени перо и хералдска палка, двете златни.
Други елементихералдски палки, хералдска круна, плашт

Грб[уреди | уреди извор]

Грбот на Македонското хералдичко здружение има три хералдички претстави: мал, среден и голем грб.

Малиот грб на здружението е со блазон: на црвен штит, сребрен хипокамп, кој во предните нозе држи вкрстени перо и хералдска палка, двете златни.

Средниот грб на здружението е со блазон: на црвен штит, сребрен хипокамп, кој во предните нозе држи вкрстени перо и хералдска палка, двете златни. Над штитот хералдска круна. Позади штитот две вкрстени хералдски палки.

Големиот грб го претставува средниот грб обвиен со црвен плашт поставен со сребро, крунисана со хералдска круна.

Знаме[уреди | уреди извор]

Знамето на здружението е бајрак со размер 1:1 со блазонот на грбот.

Активности[уреди | уреди извор]

Популаризација на хералдиката[уреди | уреди извор]

Популаризацијата на хералдиката се остварува преку предавања, работилници и присуство во медиумите.

Предавања имале низа предавачи од земјата и од странство. Меѓу предавачите од странство се д-р Стојан Антонов, претседател на Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво и проф. д-р Иван Балта од Филозофскиот факултет во Осијек, кои на неколку наврати имале свои предавања, како и д-р Вујадин Иванишевиќ од Византолошкиот институт во Белград.

Предавања за теоретската хералдика и работилници со практично оспособување се одржувале во соработка со неколку организации. Најголема е соработката со Музејот на Македонија и проектот „Чудесниот свет на хералдиката“ во текот на кој три години се одржувале предавања и работилници.

Популаризацијата на хералдиката, како и вексилологијата и фалеристиката се остварува и преку многуте написи во дневниот печат и гостувања на електронските медиуми[1].

Истражување на хералдичкото наследство[уреди | уреди извор]

Истражувањата на македонското хералдичко наследство во и поврзано со Македонија се средиштен дел на активностите на здружението. Истражувања биле вршени по архиви, библиотеки, приватни колекции во Загреб, Штутгарт, Брисел и Вашингтон[2]. Резултатите од истражувањата се разменувале и надополнувале со колеги од други земји на конгреси и симпозиуми, како и на дискусиони групи и форуми.

Изработка на грбови, знамиња и одликувања[уреди | уреди извор]

Македонското хералдичко здружение се занимавало и со дизајнирање на грбови, знамиња, одликувања и слично. Меѓу позначајните се грбот на Претседателот на Република Македонија и грбот на Македонската православна црква, како и Орденот за заслуги за Македонија.

МХЗ активно работело и на подобрување на квалитетот и на стандардизација на месната хералдика во Република Македонија. Членови на здружението се автори и на грбовите и знамињата на општините: Охрид, Радовиш, Ново Село, Крива Паланка, Кочани, а за неколку беше и консултирано при изборот на општински грб.

Создавање на хералдички регистар[уреди | уреди извор]

Една од активностите на здружението било создавање на регистар на хералдички достигнувања (грбови, знамиња, значки) во кој се регистрираа стари и нови грбови. За регистрираните грбови, МХЗ издавал и соодветна матрикула. Истите биле објавувани и во „Македонски хералд“. Хералдичкиот регистер продолжил да го уредува Македонското грбословно друштво.

Почетоци[уреди | уреди извор]

Во 2000 година претседателот на здружението м-р Јован Јоновски го објавил мрежното место „Хералдика во Македонија” на која објавувал грбови и исечоци од книгата „Грбовите на Македонија“ на д-р Александар Матковски, на англиски и македонски јазик. Страницата набргу била надополнета со грбови кои се користат во Македонија, и тоа: територијални, корпоративни и лични. Страницата почнува да објавува и информации за историската, теориската и хералдиката воопшто. Околу мрежното место се собира група заинтересирани, претежно Македонци од странство. Кога конечно се собрале доволно заинтересирани за поорганизирано дејствување во Македонија, во јули 2003 година било основано Македонското хералдичко здружение.[3].

Престанок со работа[уреди | уреди извор]

По 15 години постоење, Македонското хералдичко здружение на 15 јули 2018 година згаснало и престанало со својата работа. Претседателот д-р Јован Јоновски со неколку од поактивните членови го создале Македонското грбословно друштво кое продолжило со истите активности.

„Македонски хералд“[уреди | уреди извор]

Македонското хералдичко здружение го издавал гласникот „Македонски хералд“ во кој членовите на здружението објавувале статии за своите истражувања, биле коментирани општинските грбови и знамиња, се објавуваат хералдичките достигнувања кои се заведуваат во хералдичкиот регистар, како и статии од областа на фалеристиката, сигнуманистиката и амблематиката. МХЗ објавувал од броевите 1 (2005) до 10 (2016). Од број 11 (2018) тоа е издавано Македонското грбословно друштво двапати годишно, со меѓународен уредувачки одбор, со рецензирани статии.

Гласникот е двојазичен, на македонски и англиски јазик.

Покрај печатеното издание, „Македонски хералд“ е слободно достапен и на мрежното место на здружението.

Меѓународни активности[уреди | уреди извор]

Македонското хералдичко здружение било полноправен член на Меѓународната конфедерација за генеологија и хералдика (CIGH) од 29. Меѓународен конгрес на генеолошки и хералдички науки во Штутгарт, Германија, одржан во септември 2010 година[4].

На 24. Конгрес на Меѓународната федерација на вексилолошки друштва (FIAV) во август 2011 година во Вашингтон, САД, здружението станало полноправен член на оваа престижна организација[2].

Македонското хералдичко здружение било логистичка поддршка за основање на Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво (БХВО). На годишните собранија на БХВО редовно учествува делегација на МХЗ.

Претседателот на МХЗ присуствувал и на основањето на Хрватското хералдичко и вексилолошко друштво (HGZD), со кое развивало стручна соработка и пријателски односи.

Соработка имало и со Српското хералдичко друштво „Бели Орао“.

Членовите на здружението имале објавувано статии во специјализираните списанија: „Грб и Застава“ на Хрватското хералдичко и вексилолошко друштво, „Херолд“ на Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво и „Глас хералда“ и „Оцило“ на Српското хералдичко друштво.

Проекти[уреди | уреди извор]

  • Чудесниот свет на Хералдиката“, Музеј на Македонија, 2007-2009
  • Постојана поставка „Хералдиката во Македонија“, Музеј на Македонија, 2009[5][6]
  • Грбовите на Александар Македонски во европските грбовници, Министерство за култура, 2010-2011

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Интервју: Јован Јоновски - Македонија мора да најде нов грб, од грбовите на Александар Македонски“. Архивирано од изворникот на 2014-02-26. Посетено на 2014-07-24.
  2. 2,0 2,1 „Македонски хералд“ број 6
  3. „Грбови од Македонија на Интернет на првата хералдичка страница“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2014-07-24.
  4. „Македонски хералд“ број 5
  5. Во Музејот на Македонија отворена експозицијата „Хералдиката на Македонија“
  6. Изложба и предавања за грбовите

Надворешни врски[уреди | уреди извор]