Македонски воено-политички организации во Егејска Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонски воено-политички организации во Егејска Македонија — воено-политички организации кои дејствувале во Егејска Македонија (денешна Грција) за време на Втората светска војна.[1][2]

Македонската антифашистичка организација (МАО)[уреди | уреди извор]

Во април 1942 година, во градот Воден во куќата на Вани Акочков свикано е основачки состанок по иницијатива на Вангел Ајановски-Оче. МАО си поставила единствена цел и задача, да ја организира и води борбата на македонскиот народ за прогонување на окупаторот и извојување свои национални права и слободи. На истиот состанок бил избран и окружен комитет во состав: Ангел Гацев, Ристо Кордалов, Дини Папајанков, Вани А. и Вангел Ајановски - Оче. Дејствувањата на МАО биле ставени под рамките на КПГ. МАО започнала со формирање свои ограноци низ повеќе села. МАО одиграла битна улога во заштита на македонското население од страна на бугарската пропаганда, која користејќи го неправилниот став на КПГ кон македонското прашање, сакала да приграбат и регрутираат македонски војници во своите редови, но тоа не успеало. МАО како организација ги издавало весникот „Црвена Ѕвезда“ како и „Билтен на Црвена ѕвезда“.

Славјаномакедонски народноослободителен фронт (СНОФ)[уреди | уреди извор]

12 април 1944 - Конференција на СНОФ во Д'мбени, Костурско

Во октомври 1943 година Македонското биро на КПГ донело одлука да се формира СНОФ, во Костурско-Леринскиот регион. Во тој период односите помеѓу ЕЛАС и ЕДЕС (Национален демократски грчки сојуз), станале многу напнати и довеле до воена разврска. Во елитните единици на ЕЛАС, зеле учетво голем број на Македонци, кои извршиле неколку битни акции. Ова секако било увидено од страна на КПГ, кои се поотворено сакале да излезат во пресрет на барањата на Македонците од егејскиот дел. Па така биле оформени и барања од страна на македонското крило, а најбитни биле:

  • На македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, после прогонувањето на фашистичкиот окупатор да му се дозволи сам да реши за својата судбина
  • Да му се дозволи да има своја организација, свое раководство со своја војска и штаб
  • Да му се признае правото, заедно со другите делови на Македонија да формира своја држава.

По овие барања, дозволено било формирањето на СНОФ. Па, така во селото Д’мбени на 20 октомври и селото Белкамен (Леринско) 1943 е одржан основачки состанок. По ова, организирани биле конститутивните конференции за Костурско на 24 декември во селото Крчишта, додека за Леринско состаноците биле одржани на 26 и 27 декември, 1943 во селото Белкамен.

Раководството на СНОФ за Костурско го сочинувале: Паскал Митровски, Наум Пејов, Лазар Поплазаров, додека Леринскиот го составувале: Петре Пилаев, Ѓорѓи Турунџиев, Ставро Кочопулос и Н. Тасков. СНОФ за Костурско, своите цели, програми и заложби ги објавувал во својот орган "Славјаномакедонски глас", додека за Леринскиот регион се издавал весникот "Победа".[3]

Тајна ослободителна македонска организација (ТОМО)[уреди | уреди извор]

ТОМО се појавува во Воденскиот регион, на 20 јануари, 1945 година. Нејзиното создавање било резултат на големиот број македонски војници кои се одвоиле од ЕЛАС и преминувале во Вардарскиот дел на Македонија. На 28 парил 1945 ТОМО го променила своето име во Народноослободителен фронт (НОФ). Инициајтор за формирање на ТОМО бил, повторно Вангел Ајановски-Оче и таа е формирана паралелно со англиската воена интервенција во Атина. Морале да ја оформат тајно, бидејќи бил под силен прогон не само од фашистичките сили туку и од довчерашните соборци од КПГ, ЕАМ, и ЕЛАС. За раководител бил избран Вангел Ајановски-Оче, а останатото раководство било составено од Марика Самаренчева, Ристо Кордалов, Туши Керамитчиев, Ташко Хаџијанев, В.К. и Вангел Шамарданов-Илинденски.[3]

Политички Организации на Македонците (1945-1949)[уреди | уреди извор]

Народноослободителен фронт (НОФ) на Македонците од Егејска Македонија[уреди | уреди извор]

Со договорот во Варкиза од 12 февруари, 1945 помеѓу владата во Атина од една страна и КПГ и ЕАМ од друга страна, се означи официјалниот крај на силите на ЕЛАС во кои покрај Грците се бореле и Македонците. Со, тоа започнала и еднострана граѓанска војна која имала за цел да го уништи отпорот. Посебна суровост била применета кон Македонците. Не можејќи да се трпат сите злоставувања, грабежи, палења, затворања и масакрирања, македонскиот народ повторно се обединува во нова организација, наречена НОФ. Основачкото собрание се одржало на 23 април, 1945 година. Во негов состав влегле Антифашистичкиот фронт на жените од Егејска Македонија (АФЖ) и Народноослободителниот младински сојуз (НОМС).

Главните одбори на НОФ биле оформени во Воденско (28 април), Костурско и Леринско (14 мај). Набрзо нивната активност и организација била раширена низ целата територија на Егејска Македонија.

Народноослободителен младински сојуз (НОМС)[уреди | уреди извор]

Младинското движење меѓу македонското население, било доста развиено и од голема логистика за сите претходни организации, па така и за НОФ, на чие основачко собрание е создадена и НОМС. НОМС како организација, работела во илегала и нивните дејности и залагања биле претставени преку нивните памфлети и прогласи. Политичката и организациона работа на НОМС, била раководена од Минчо Фотев. Целата територија на Егејска Македонија ја поделиле на окрузи, околии и реони. Па, така се издвојуваат:

  • Костурски Округ - поделен на три околии: Преспанска, Корештанска и Полска околија.
  • Лерински округ - поделен на две околии: Леринска и Соровичко-Кајларска.
  • Воденски округ - поделен на две околии: Караџовска и Островска.
  • Гуменџиско-Ениџевардарски округ - поделен на две околии: Гуменџиска и Ениџевардарска околија.

Покрај политичкото агитирање кон македонскиот народ, НОМС имале и успеси на воено поле. Појавата на НОФ, НОМС и АФЖ е сосема независна од активностите и судбината на КПГ. Со самото иницирање за обединување од страна на КПГ со НОФ, во преговорите кои ги воделе од мај до 21 ноември, 1946 - НОФ и КПГ ги обединуваат своите сили, а членовите на НОМС сите влегуваат во редовите на ЕПОН. Тоа претставува прво расформирање на НОМС.

Со одржувањето на Vот пленум на КПГ во јануари, 1949 - биле променети нивните дотогашни ставови и се решило да им се даде право на самоопределување на Македонците. Со, ова и НОФ решава да го обнови НОМС, па така на 6 мај, 1949 се пристапува кон воскреснување на НОМС. Овие потези на КПГ под водство на Захиријадис, се покажале како потези изведени од пропаганден карактер, бидејќи македонската младин веќе на големо била вклучена во силите на ДАГ. По само три месеци силите на ДАГ бележат големи загуби на добро познатите планински битки на Вичо и Грамос, по што следело повлекување на борците кон Албанија. Овој момент е пресуден во односот на Захиријадис кон Македонците, кој во тој момент ги посочува како соработници на монархофашистите и главни виновници за поразот на силите на ДАГ. Ова доведува до хајка и прогон кон макеоднските активисти по што се распуштаат НОФ, НОМС и АФЖ.

Мирка Гинова, секретар на АФЖ за Воденско

Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ)[уреди | уреди извор]

Основан е на истото собрание, кога е оформен и НОФ и НОМС, односно 23 април, 1945 година. Иако АФЖ биле самостојна организација, тие биле во тесна координација со НОФ. Само во периодот од 1945 до 1947, од страна на монархофашистичките грчки сили се силувани 737 жени и девојки, Македонки. Со формирање на АФЖ, Македонките сакале да придонесат во борбата за слобода и човечки права, а една од нив станува вистински херој - за кој ден денес сè уште се пеат песни и се слави нејзиното дело[4]. Таа е првата жена осудена на смрт со стрелање, секретарот на АФЖ за Воденскиот крај, хероината Ирина Гинова - Мирка.[5]

Во своето кратко постоење (од април 1945 до август 1949), АФЖ сепак успеала во своите редови да регрутира 10.402 члена од 220 села и 4 града.[3] Иако не ја добиле нивната борба, тие станале една од движечките сили на целокупната ослободителна борба во Егејскиот дел на Македонија. Покрај Мирка Гинова, херосјките подвизи на Тина Андреева-Цвета, Поликсена Калојанова, Теодора Шкорнова, Евдокија Фотева-Вера и многу други. АФЖ е распуштено заедно со НОФ и НОМС.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонија под Грција во борбата против фашизмот. Скопје: Институт за Национална Историја. 1968. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. КПГ и македонското национално прашање 1918-1974. Скопје: Институт за Национална Историја. 1982. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 Македонските национални институции во Егејскиот дел на Македонија 1941-1961. Скопје: Институт за Национална Историја. 1987. стр. 21–25, 43–46, 161. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. Чаповски, Иван (19 март 2001). „Мирка Гинова“.
  5. „Мирка Гинова“. 1 септември, 2010. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]