Македонскиот јазик меѓу двете светски војни

Од Википедија — слободната енциклопедија

Поделбата на Македонија меѓу соседните држави, по Балканските војни, го отежнал општествено-културниот и просветно-образовниот живот и ја усложнил јазичната ситуација во Македонија. Овој настан има погубно значење за македонскиот народ. Притоа во периодот меѓу двете свтески војни во Македонија, во зависност од нејзината поделба, во официјална употреба се наметнуваат јазиците на соседните држави: во јужниот дел (Егејска Македонија) - грчкиот; во севернот дел (Вардарска Македонија) - српскиот; во источниот дел (Пиринска Македонија) - бугарскиот.

Овој период се одликува со асимилаторска политика на соседните држави кон македонскиот народ. Оваа политика речиси го згаснува македонското национално осознавање, особено до триесеттите години на XX век. Оваа ситуација се подобрува во периодот од триесеттите до почетокот на четириесеттите години, иако се одвива во мошне неповолни историски околности. Македонскиот јазик во текот на целиот овој период е забранет во официјална употреба, во согласност со законските акти на државите во чиј состав влегоа деловите од Македонија.

Најостри мерки против македонскиот народ се спроведуваат во Егејска Македонија, во составот на Грција: македонскиот јазик се забранува со посебен закон дури и од домашна употреба, а врз Македонците кои не го почитуваат овој закон се применуваат строги казнени мерки. Ваквата политика на Грција била поставена и пред Друштвото на народите. Под тие притисоци грчката влада пристапила кон изготвување на буквар по македонски јазик - Абецедар (1924).

Абецедарот содржел кратки четива на македонски јазик, наменет за учење на азбуката, бил напишан на лерински говор, на латиница, но никогаш не нашол практична примена, поради отпорот на грчките власти. И покрај тоа, Абецедарот значи официјално признавање на македонското население и македонскиот јазик.

Прашањето за отворање македонски училишта во Грција, повторно било актуелизирано во 1935 година, но не било решено.

Во Вардарска Македонија, во составот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (подоцна преминува во Кралство Југославија), во официјална употреба бил наметнат српскиот (односно српскохрватскиот јазик). Тој бил јазик на администрацијата, на образованието и се применувал во сите сфери на јавната комуникација. Македонскиот јазик бил сведен на дијалектен јазик за домашна употреба. И покрај тоа, македонскиот јазик наоѓа своја поиздигната употреба под форма на регионална литература.

Тој станува јазик на театарската сцена: се пишуваат и се изведуваат драми на македонски јазик. Оваа форма се сообразувала со театарската традиција да се пишуваат и сценски да се изведуваат фоклклорни драми на народен говор на повеќе театарскр сцени во тогашна Југославија. Ваквата активност во Македонија започнува со драмата „Ленче Кумановче“ (1928), подоцна преименувана во „Бегалка“, од Васил Иљоски, напишана на кумановски говор, но е позабележителна со изведувањето на драмата „Печалбари“ (1935).

Наместо на својот роден говор, струмичкиот, Антон Панов го напишал својот драмски текст на западномакедонско наречје. Со тоа се сообразил со воспоставената практика на издигање на западното македонско наречје на рамниште на јазик на литературата. На овие заложби се надовзува и Ристо Крле со драмата „Парите се отепувачка“, што ја напишал на својот роден струшки дијалект.

Овие драми го раздвижуваат културниот живот во Македонија меѓу двете светски војни и ја афирмираат употребата на Македонскиот јазик.

Книжевните појави на македонски јазик се остваруваат и во поезија. Тоа особено доаѓа до израз со обновувањето на „Бели мугри“ (1939) од Кочо Рацин . Со излегувањето на оваа книга, официјалната југословенска администрација се соочила со податокот дека македонскиот јазик доживува еманципација на литературен јазик.

Рациновите „Бели мугри“ (Хрватска, Самобор - 1939)]] и ја зацврстиле улогата на централните македонски говори како основа за македонскиот литературен, стандарден јазик.

Во Бугарија македонскиот јазик е забранет за официјална употреба, а асимилаторската политика на Бугарија имала цел да го уништи македонскиот национален идентитет. Во овој период Пиринска Македонија претставува глува провинција во составот на бугарската држава. Македонскиот културен живот во Бугарија доаѓа до израз преку активноста на македонската емиграција во Софија, организирана преку Македонскиот литературен кружок. Меѓу позначајните книжевни појави од овој период се издвојуваат поетските збирки од Коле Неделковски: „М’скавици“ (1940) и „Пеш по светот“ (1941).

Од 1944 до 1948 година во Пиринска Македонија (во составот на НР Бугарија) заживува употребата на македонскиот литературен јазик преку отворање на училишта, театар и преку други форми на културна еманципација на македонскиот народ.