Македонска музика во османлискиот период

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонската музика во османлискиот период е музиката која се творела за време на Османлиската Империја во периодот од XV до XIX век.

Народна музика[уреди | уреди извор]

По паѓањето на Македонија под власта на Османлиите се прекинува континуитетот во писменото создавање и на културниот растеж на Македонците во таа насока. Престануваат и световно музичките пројави што порано биле негувани во рамките на дворските свечености на феудалните владетели. Нив ги заменуваат свеченостите на новите феудалци што сега се приредуваат особено за време на исламските верски празници. Во раскошните дворци на турските благородници, што со текот на времето биле градени во нашата земја, свиреле инструментални состави, типично ориентална музика, која подоцна оставила траги и врз домашната, пред сè градската музичко-фолклорна традиција. Тој процес се одвивал во прв ред преку населувањето на анадолските номади и иселувањето на видни граѓани од поголемите места.

Запирањето на натамошното негување на словенската музичка писменост довело до концентрација на народните сили во живата уметност. Во овие услови се создале циклуси на македонски епски песни што ги величаат најславните јунаци на отпорот против угнетувачот. Централна личност на македонскиот епос Марко Крале, во народното творештво добила белег на беспримерна сила и јунаштво. Тоа е најпознатиот епски јунак и кај другите балкански народи. Заедничкиот мотив на песните за речиси сите легендарни јунаци е физичката борба против Турците, на одделна група ајдучки и/или комитски песни кои говорат за народната слобода. Познати се песните за Иљо Војвода, Кузман Капидан, Сирма Војвода, Момчило Војвода и други. Сите овие песни на старата епска традиција имаат локални обележја, со влијанија на народната лирика, а во музички поглед се диференцираат четири начини на изведба: во придружба на ќемане, гајда, тамбура и без придружба.

Далеку побројна и поразновидна е македонската народна лирика, за која заедно со музичката компонента може да се зборува за интегрално битие на песната како фолклорна творба. Според тематиката, македонските лирски песни може да се разделат на неколку групи и тоа: работни песни (овчарски, жетварски и занаетчиски), песни во кои се зборува за природните појави и за односот на човекот кон природата (самовилски, црковни), семејни (свадбени, жалбени), љубовни (со подвидови кои може да се стават и во другите групи), смешни песни, печалбарски песни.

Метро-ритмичкото богатство, особено во песните со нерамноделни тактови структури, е една од најзначајните одлики на македонската народна песна. Не малку е истакната и нејзината мелодиска компонента. Во постарата селска фолклорна традиција, длабока изразеност се постигнува со малите тонски низи, каде истакнувањето на одделни тонови на исто стапало, со нивното повторување, доведува до психолошка напнатост и упатува на старите форми на култните песни. Впечатливи се безмензурните напеви, кои имаат меланхолично обележје. Нивното слободно обликување се заснова врз цврста внатрешна логика на мело-поетските целини. Кон ова треба да се додаде и богатството на народните инструменти и на инструменталните мелодии со специфична орнаментика.

Во долгите векови на отоманското владеење, кога условите за поединечното музичко творештво и за други музички писмени пројави биле крајно неповолни, се кристализира, предавано од едно поколение на друго, македонското музичко фолклорно богатство. Ова богатство во идните периоди станува незаменлива основа и инспирација за творештвото на новите генерации македонски музички дејци.

Духовна култура[уреди | уреди извор]

Со доаѓањето на Турците на Балканот се прекинува континуитетот на духовно-музичкото создавање во Македонија во смисла на професионално-творечкиот растеж на оваа дејност. Турците долго време не ја укинале Охридската архиепископија, таа дури и ја зголемила својата јурисдикција со потпаѓањето на софиската епархија и видинската епархија (а подоцна и некои други) но таа не можела веќе влијателно да дејствува врз духовно-културната сфера на овие територии. Причините за тоа се политичката власт на исламскиот господар кој ги контролира и ограничува активностите на религиозните институции на потчинетите народи. Во таква ситуација и во големата материјална криза, Охридската архиепископија имала мошне ограничена моќ на дејствување. Така, од втората половина на XV век започнува нејзиниот упадок што истовремено значело и упадок на црковното пеење во Македонија и тоа не само во поодалечените пунктови, туку и во самиот центар, т.е. охридските цркви и манастири. Во црковната практика доаѓа до ослабување на догмите пропишани од највисоките црковни форуми. Се намалува и создавањето и циркулацијата на невматските ракописи, а како резултат на сето тоа се зголемува тенденцијата кон поедноставувањето на музичкиот јазик. Слична е ситуацијата и во книжевноста, каде од XV век до епохата на националната преродба, не постојат поволни услови за развиток на словенската псименост.

Но токму тогаш во долго вековниот период на турското владеење, во развојната линија на македонската духовна музика, најсилно е изразено влијанието на народните напеви. Споменатиот упадок на професионалната писмена дејност доведува до засилување на усната традиција, преку која е овозможен поголем пробив на фолклорни елементи во црковното пеење. И така, во периодот од XV до почетокот на XIX век, од една страна, имаме неповолни услови за егзистирање на сложениот систем на византиската невматска нотација, во музичка смисла неподготвени свештеници, монаси и певци кои во практиката се држеле кон старите обрасци и релативно слаба поединечна творба. Од друга страна, во тоа време целосно се оформуваат најизразените одлики на македонското црковно пеење, чии основни специфики биле поставени уште во најраните периоди на словенската музичка писменост. За ова придонеле споменатите фолклорни влијанија, како и ориенталните примеси во црковното пеење, што се задржало до денес во нашата црковно-музичка практика.

Со оглед на фактот што во тоа време состојбата на целиот православен исток не била сосема еднаква, за време на отоманското ропство, а особено од XVI до XIX век, како резултат на непрекинатиот континуитет на традицијата и на постојаниот ракописен фонг, во низа манастири, широко се развивало и се усовршило т.е. пападиско пеење. Токму тогаш се јавуваат и видни претставници на црковно-музичката уметност, што ги проложуваат традициите на византиската духовна музика и ги прифаќаат музичките идеи на нејзиниот голем реформатор - Јован Кукузел. Активноста на композиторите од XVI до XIX век наоѓа своевиден одраз и во македонското црковно пеење, дотолку повеќе што се претпоставува дека делото на Кукузел, врз кое создавале и црпеле инспирации неговите наследнци, содржи и некои елементи на традиционалното народно пеење на македонските Словени.

Животниот пат на најистакнатиот византиски музички автор не е доволно расветлен. Истражувачите на неговото тело црпат податоци за животот на Кукузел од едно анонимно грчко житие, кое доживеало повеќе преписи и од една легенда. Според тие податоци, како и од некои индикативни фрагменти во неговото дело, прашањто за македонското потекло на композиторот е неспорно. Како исклучително надарен и музикален, уште од најрани години, по смртта на татко му, Јован Кукузел бил испратен од својата мајка да го изучува светото писание и црковното пеење во некој манастир, од каде успеал да стаса и во Цариград на римскиот дворец. И покрај блескавите успеси што ги доживеал во императорската средина и вонредните услови за напредување, Кукузел решил да се повлече во еден од светогорските манастири, каде низ практична и теоретска работа ја подготвил својата реформа на византиската музика и на невматското писмо. Според истите извори, големиот музички мајстор и се успокоил во истиот манастир во Атос.

Во кој век живеел овој истакнат музички деец сè уште не е точно разјаснето. Тргнувајќи од најмалку веројатните претпоставки, според кои Кукузел живеел и создавал во XII век, доаѓаме до мислење дека неговата активност се одвивала во текот на XV век. Се смета дека најприфатливо е датирањето на францускиот византолог-музиколог Жан Батист Тибо, според кој Јован Кукузел живеел во XIV век.[1] Ако го прифатиме ова мислење, тогаш можеме да констатираме дека големата реформа во византиското црковно пеење, која довела и до примена, односно усложнување на неговото невматско писмо, била изведена спроти доаѓањето на Турците на Балканот или во текот на нивното освојување на балканските земји. Оттаму и во натамошниот развиток на византиската и на византиско-словенската музика на балканските народи се забележуваат низа ориентализми, кои не биле просутни во црковните напеви во претходните периоди.

Реформата на византиската духовна музика од XIV век е поврзана со името на Јован Кукузел. Новата фаза во развојот на невматското писмо, т.н. неовизантиска нотација, која се употребувала од крајот на XIV до XIX век, често во литературата ја среќаваме под името Кукузелова нотација. Големиот музичар се смета за основоположник на пападиското пеење, чија мелизматска структура барала воведување на голем број невматски знаци. Значењето на низа хирономски знаци(знаци за интерпретација) што ги вовел во црковното пеење Јован Кукузел, останале до денес неразјаснети. Како црковно-музички деец-композитор, пејач, теоретичар и педагог, Кукузел напишал низа композиции од вокално-виртуозен карактер, меѓу кои особено се истакнува Големото исо на пападиското пеење, кое било наречено „бич на певците“ поради своите исклучително тешки интерпретациски барања.

Многубројни се проблемите во врска со музичката активност на Јован што чекаат научно разјаснување. Од досегашната литература за овој голем музичар и за неговата реформа на византиското пеење ќе се потсетиме на Жан Тибо, Егон Велес и други, кои пишуваат за извесни византиски, варварски елементи во неговото дело, за кои се претпоставува дека доаѓаат од народната музичка традиција на македонските Словени.

И покрај намалената активност на охридската архиепископија за време на турското владеење, таа сепак не ја загубила во очите на христијанското население улогата на духовно раководство на потчинетиот народ. Нејзините црвки и манастири останале ризница на народното духовно богатство. Во поглед на црковно-музичкиот развиток за време на османлиската власт, упадокот бил голем што можел да се констатира од наведената состојба на творечки план. Положбата на оваа сфера се подобрувала со текот на времето во рамките на општата борба за национална просвета и култура. Но охридската архиепископија од година во година запаѓала во се подлабока криза. Нејзините црковни имоти постојано биле ограбувани, а доаѓало и до губење на покраини што биле под нејзина јурисдикција како скопската, штипската и горноџумајската. Оваа лоша состојба на Охридската архиепископија била искористена од страна на Вселенска патријаршија во 1767 година, успевајќи од турските власти да издејствуваат акт за укинување на Охридската архиепископија која од таа година потпаднала под јурисдикција на Вселенската патријаршија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, 1982 година, Скопје