Прејди на содржината

Класична музика во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Операта „Цар Самоил“ од Кирил Македонски.

Македонска класична музика — дел од македонската музика, која има почетоци од крајот XIX век, во преродбениот период, а се развива во повоениот период, обично под влијание на македонската народна музика, од која што најголем дел од македонските класични композитори сè уште влечат инспирација.

„Златоустова литургија“ од Атанас Бадев, 1898 г.

Во преродбата воведена преку дејноста на браќата Миладиновци, кај кои е изразен интересот кон фолклорот, во кој спаѓа и музичкиот фолклор, крајот на XIX век минува под композиторската дејност на Атанас Бадев. Бадев е македонски композитор, раководител на хорови, најистакнат професионален музичар во Македонија. Студирал математика на Филозофскиот факултет во Одеса (Русија), а по две години го напуштил студирањето и се префрлил во Москва, каде се запишал во Синодалната пејачка школа, зошто музиката го привлекувала повеќе од другите работи. Некое време бил ученик на славниот руски композитор Николај Римски-Корсаков, а и на Мили Балакирев. Таму ја завршил Дворската пејачка школа и студирал композиција. Учителствувал во Ќустендил, Русе и Самоков. Меѓу духовните композиции на Бадев особено се истакнува Литургијата на свети Јован Златоуст, печатена во 1898 година.

„Збирка народни песни“ од Стефан Гајдов, 1959 г.

Меѓу двете светски војни се јави првата група на професионални македонски композитори, педагози и музички дејци: Стефан Гајдов (1905 - 1992), Живко Фирфов (1906 - 1984), кој е основоположник на македонската наука за музичкиот фолклор, Трајко Прокопиев (1909 - 1979), Тодор Скаловски (1910) и Петре Богданов (1913 - 1988).

По формирањето на современата македонска држава (АСНОМ), оваа група музичари учествуваше во формирањето на музичките институции: Македонска филхармонија (1944) и Македонската опера и балет (1948).

Меѓу позначајните современи македонски композитори спаѓаат: Властимир Николовски (1925) и Томислав Зографски (1934), кои пишуваат дела за синфониски оркестар во неокласичен стил, додека Тома Прошев (1913 - 1996) ги поттикнуваше македонските композитори да пишуваат, а и самиот пишуваше дела за ансамблот за современа музика „Св. Софија“. Македонската музикологија ги прави првите чекори низ истражувањата на Драгослав Ортаков (1928), а првите меѓународни изведби и успеси ги понесоа: оперските пејачки Данка Фирфова и Ана Липша - Тофовиќ, балерината Натка Пенушлиска - Митровска и диригентот Ванчо Чавдарски. Електрониката и употребата на компјутерите во музиката ги внесува композиторот Димитрије Бужаровски (1952).

Операта во македонското музичко творештво се појавува по ослободувањето. Нашата прва национална опера е „Гоце“ на композиторот Кирил Македонски. Исто така истиот композитор ја напишал и операта „Цар Самуил“, која користи содржина од минатото на македонскиот народ. Друг наш оперски композитор е Трајко Прокопиев, кој ги напишал оперите: "Кузман Капидан" и "Разделба".

По ослободувањето се појавува и првиот македонски балет: „Македонска повест“ од Глигор Смокварски. Други музички дела од наши автори се „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, „Стремежи“ од Александар Лековски, „Песна над песните“ од Тома Прошев, „Тоа е човек“ од Љубомир Бранѓолица и др.

Поврзано

[уреди | уреди извор]