Македонка Јанчевска

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонка Јанчевскамакедонски поет за деца.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Македонка Јанчевска е родена 24. мај 1940 година во Градско. Основно образование завршила во родното место. Средно образование учи во гимназиите во: Кавадарци, Кочани, Скопје. Завршила Филолошки Факултет во Скопје, група “Историја на книжевностите на југословенските народи и македонски јазик”. Работи како наставник во Велес и Кратово, лектор е во Општина Велес, а од 1984 до пензионирањето е директор на Центарот за детско творештво “Ѓоре Органџиев” во Велес. Долги години е во одборот за организирање на Детските Рацинови Средби, поетско ликовна манифестација за деца. Откако е во пензија е претседател на Друштвото на писатели на Велес, исто работи во рамките на локалната библиотека. Во литературата се јавува со стихозбриката “Годината моја и твоја”(1977 г.), а потоа следат збирките поезија, “Светот ваш меѓу А-Ш” (1978 г.), “Шумска болница – поема” (1981 г.), “Ѕвездено небо” (1985 г.), “Мониста за Ѓерданџе” (1994 г.), “Нешто ново насетувам” (1997 г.), “Пазар – сликовница” (1999 г.), “Шарена Поплава” (1999 год), “Невенчиња во венчиња” (2002 г.), “Кој тоа ме вика” (2005 г.), “Не знам зошто е така” (2007 г.), “Сонот на душата” (2010 г.). Соавтор е и за читанката за четврто и читанката за трето одделение. Голем е бројот на тие што со восхит се огласиле за творештвото на Македонка Јанчевска. Тука се бардот на нашата поетска реч за деца : Видое Подгорец, Катица Јулафкова, Томе Арсовски, Глигор Поповски, Светлана Христова – Јоци, Миодраг Друговац, Ката Мисиркова – Руменова, Тихо Најдовски, Радован Цветковски, Тихо Најдовски, Павлина Климкар – Меанџиева, Наум Попевски, Бистрица Миркуловска како и многу други. Во основата на сите нивни искази лежи високото признание на уметничките вредности. Нејзините песни се преведени на јазиците на бившите Југословенски народи, на албански, на бугарски, на турски, на влашки и англиски јазик. Добитник е на повеќе награди и признанија и тоа: “9 Ноември” на град Велес, “Ванчо Николески” (прва награда – Битола), две први и една трета награда на литературната средба “Курирче”, награда за најуспешен текст “Златно славејче”, наградата за животно дело на Здружението на просветни работници – литературни творци на Македонија, Златна плакета на просветните работници и признание на Републичкиот педагошки совет: Особено истакнат педагошки работник, награда за животно дело “Гемиџии” на општина Велес, прва награда за книгата “Не знам зошто е така “ на Здружението на просветни работници – литературни творци .

  1. Македонски писатели/Macedonian writers, Душтво на писатели на Македонија, 2004. стр. 108.