Прејди на содржината

МакеДокс

Од Википедија — слободната енциклопедија

МакеДокс — македонски фестивал на креативен документарен филм. Се одржува секоја година во Скопје, почнувајќи од 2010 година. Главна фестивалска локација е историскиот објект Куршумли ан, а дел од програмата се реализира и на други јавни простори во градот, како Сули ан, Музеј на Македонија, МКЦ, Кинотека на Македонија, и др. Програмата на фестивалот вклучува проекции на документарни филмови од домашни и странски автори, работилници, дискусии („док-токс“), настапи во живо и музички содржини на отворено. Една од неговите специфики е создавање простор за средба меѓу авторите и публиката во неформална, креативна атмосфера – дискусии на отворено, „под смоквата во дворот“. Овој млад и авангарден фестивал претставува еден од најважните поттикнувачи за создавање филмска публика во Македонија.[1]

Награди на фестивалот

[уреди | уреди извор]

Во рамките на фестивалот чија инспирација и заштитен знак е кромидот, традиционално се доделуваат следните награди:

Официјални награди на МакеДокс:

  • Кромид - за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма;
  • Млад кромид - за најдбар филм на нов автор (прв или втор филм);
  • Сечкан кромид – за најдобар краток документарен филм; и
  • Кокарче - за најдобар филм за деца и млади или најдобар студентски филм.

Се доделува и специјална награда:

  • Награда за филм за најдобри етички идеи; и
  • Награда за филм со најдобра презентација на човекови права (доделена во 2012 и 2013).

За наградите одлучуваат жири-комисии составени од меѓународни професионалци од областа на документарниот филм.[2]

Историја на фестивалот

[уреди | уреди извор]

Првата фестивалска година, МакеДокс се одржал од 5 до 12 јуни 2010 година. Во август, истата година, во рамките на фестивалот се родила и идејата за Патувачко кино, под мотото „Истражи ја Македонија“ со проекции на повеќе места: Берово, Богданци, Вевчани, Велестово, Витолиште, и др.[3] Во втората фестивалска година, покрај главната програма, биле прикажани и 5 еколошки документарни филмови.[4] Во 2012 година, под мотото „Започнува нов живот, слоевит!“, во програмата на фестивалот, МакеДокс +, бил одржан „Авторски циклус со Мастер клас“, каде, автор во фокусот бил режисерот Желимир Жилник.[5] Во 2013 година, фестивалот се одржал под мотото „Детоксикација“ и во негови рамки биле направени работилниците: Звукот на музиката во документарнит филм, Мастер клас за музиката во филмот и Док-муабети под смоквата.[6] Низ годините мотото постојано се менува: „Природно“, „Во ритам на животот“, „Сите сме приказна“, „Што сега?“, „Лупење идеи“ и „Кому му е гајле за реалноста“. Низ годините на фестивалот се создала и програмата „Земја во фокус“, во рамки на која се портретираат земји со богато документарно филмско творештво, како што се Германија, Холандија, Украина, Чешка, Данска, и други. Во 2024 година, преку програмата „Регион во фокус“, фестивалот се насочил кон балканските кинотеки и нивните архиви.

  1. „16.MakeDox“.
  2. „Фестивал, 16.МакеДокс“.
  3. Алушевска Николоска, Киријана (2010). МакеДокс каталог 2010 година. Скопје: Гужва дооел.
  4. Петрушева, Илинденка (2011). МакеДокс каталог 2011. Скопје: МакеДокс. ISBN 978-608-65309-0-7.
  5. Петрушева, Илинденка (2012). МакеДокс каталог 2012. Скопје: Македокс. ISBN 978-608-65309-2-1.
  6. Петрушева, Илинденка (2013). МакеДокс каталог 2013. Скопје: Македокс. ISBN 978-608-65309-4-5.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]