Македонска банка за поддршка на развојот

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од МБПР)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (МБПР) претставува развојна банка во државна сопственост, формирана со цел да го поддржи развојот на малите и средните претпријатија и да обезбеди финансиска поддршка на извозот. МБПР е основана врз основа на посебен закон во 1998 г. како акционерско друштво, а подготовките за нејзиното основање се правени во соработка со Германската развојна банка. Седиштето на банката е на ул. Вељко Влаховиќ, бр. 26, 1000 Скопје.

Финансирање на банката[уреди | уреди извор]

Основачкиот капитал на МБПР изнесува 15 милиoни евра, при што државата е единствен сопственик на банката. Сепак, законот остава можност акционери во банката да бидат и домашни и странски правни лица, под услов, учеството на државата во основачкиот капитал да не биде помало од 51%, а учеството на странските лица да не надминува 30%. Покрај основачкиот капитал, своето работење банката може да го финансира и преку земање кредити од домашни и странски банки, како и со издавање хартии од вредност.[1]

Функции и активности на МБПР[уреди | уреди извор]

Работењето на банката се заснова на неколку принципи:

  • почитување на пазарните принципи во банкарското работење,
  • независност во одлучувањето,
  • надополнување наместо конкуренција на комерцијалните банки,
  • нефинансирање на државните органи и претпријатијата во државна сопственост.[2]


МБПР ги извршува следниве активности:

  • финансирање на започнувањето со работа и развојот на малите и средни претпријатија, преку одобрување среднорочни и долгорочни кредити,
  • финансирање на извозот, преку одобрување кредити за склучени извозни зделки,
  • издавање гаранции за кредити одобрени врз основа на склучени извозни зделки,
  • осигурување и реосигурување на извозот од комерцијални и некомерцијални ризици.[3]


При финансирањето на развојните и извозните активности на малите и средни претпријатија, МБПР тргнува од следниве приоритети:

  • стопански гранки што се од посебно значење за македонската економија,
  • проекти што обезбедуваат нови вработувања,
  • проекти што носат нови технологии,
  • набавка на опрема од домашно производство,
  • проекти што носат нето-девизен прилив,
  • проекти што се засноваат врз користење домашни суровини,
  • проекти што се во согласност со прописите за заштита на животната средина.

МБПР не прима депозити од населението и правните лица, не врши платен промет и не тргува со хартии од вредност. Исто така, банката не ги кредитира претпријатијата директно, туку своите активности ги извршува преку избрани комерцијални банки, т.н. "банки-учеснички". Банката работи според истите законски прописи кои важат за комерцијалните банки и подлежи на супервизијата на НБРМ.[4]

Кредитни инструменти[уреди | уреди извор]

МБПР ги нуди следниве кредити инструменти:[5]

  1. Кредитна линија за мали и средни претпријатија,
  2. Кредитна линија од програмата на Германската развојна банка,
  3. Стоков кредит од италијанската влада,
  4. Кредитна линија на Европската инвестициона банка,
  5. Проект за унапредување на микро, мали и средни претпријатија на Германската развојна банка,
  6. Микрокредитна линија за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија на Европската агенција за обнова,
  7. Кредити за поддршка на производството за извоз и извозот,
  8. Кредити за трајни обртни средства до сопствени извори.

Банки-учеснички[уреди | уреди извор]

Основен критериум за назначување на една банка како “банка – учесничка” е финансиската состојба и усогласеноста со законските прописи од областа на банкарството. Покрај основниот критериум, банката-учесничка треба да ги исполнува и следниве специфични критериуми:

  • да постои најмалку три години;
  • да има способност да презема кредити, да има проверен и обучен кредитен персонал, соодветна организација, адекватни процедури и задоволителни резултати од досегашните активности на планот на долгорочното кредитирање;
  • да покажува солидни финансиски резултати во работата, адекватна висина на капиталот и солидни показатели на ликвидноста и профитабилноста;
  • да има задоволителен квалитет на кредитното портфолио.

МБПР врши оценка и ризична класификација на банките со кои соработува. Секоја банка-учесничка се анализира најмалку еднаш годишно. МБПР ги ограничува своите пласмани кон банките-учеснички во кредитните програми. Кредитната изложеност на МБПР спрема поединечна банка-учесничка (во форма на лимити) се утврдува еднаш годишно. Одлуката за избор и прифаќање на банките-учеснички во реализацијата на финансиските програми на МБПР ја донесува Управниот одбор.[6]

Показатели за работењето[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, Македонската банка за поддршка на развојот имала мало учество во банкарскиот сектор на Македонија, и тоа:[7]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 311-312.
  2. Трпески, стр. 311.
  3. Трпески, стр. 312.
  4. Трпески, стр. 312.
  5. Кредитна политика на МБПР
  6. Кредитна политика на МБПР
  7. НБРМ, „Извештај за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија 2016 година“, стр. 15.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]