Прејди на содржината

Луциј Арториј Каст

Од Википедија — слободната енциклопедија
Луциј Арториј Каст
лат. Lucius Artorius Castus

Цртеж од натписот на Луциј Арториј Каст од Подстрана, како што бил прочитан (со мали грешки) од професорот Фране Булиќ кон крајот на 1880-тите години (извор: Т. Г. Џексон, „Далмација, Кварнер и Истра“, Оксфорд, 1887, стр. 167).
Роден во:II век, Кампанија, Римско Царство (веројатно)
Починал во:Далмација, Римско Царство
Починал на:по 185 година (според една верзија)
Чин:војник
Други занимања:центурион, военослужител

Луциј Арториј Каст (латински: Lucius Artorius Castus; починал по 185 г., Далмација, Римско Царство) — староримски воен водач, кој, според некои претпоставки, служел како историски прототип за ликот на кралот Артур.[1] Воената кариера на Арториј Каст е позната од два натписи пронајдени во Далмација (хрватскиот брег), во близина на Сплит. Еден натпис е пронајден во древна вила на неговиот саркофаг, во кој веројатно живеел како прокуратор. Вториот натпис е пронајден на еден камен.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Точните датуми на неговиот живот не се познати, но неговото име се појавува во воените списоци за време на владеењето на Марко Аврелиј и Комод. Тој командувал со помошни коњички единици од VI победоносна легија (Legio VI Victrix[2]), како што сведочи следнава натписна формулација:

Dis L. Artorius Castus, Centurioni legionis Manibus III Gallicae, item Centurioni legionis IV Ferratae, item leg. II Adiutricis, item leg. V Macedonicae, item primo pilo eiusdem, praeposito classis Misenatium, praefecto legionis VI Victricis, duci leg. cohortium alarum Britaniciniarum adversus Armoricanos, Procuratori centenario provinciae Liburniae iure gladii. Vivus ipse sibi et suis H.S.E.

Сѐ што знаеме за Арториј потекнува од натписи пронајдени на саркофаг и спомен-плоча, откриени во Подстрана на брегот на Далмација (денешна Хрватска). Иако овие записи не се точно датирани, стилот на натписите и титулата дукс претполагаат дека Арториј бил водач на римската експедиција во 185 г. во Арморика — древна област на Галија, која го опфаќала Бретонскиот Полуостров и просторите меѓу Сена и Лоара, простирајќи се длабоко во копното до нејасна граница и спуштајќи се до Атлантскиот Океан.

Како припадник на обичниот плебејски род Арториј, Луциј Арториј Каст најверојатно бил родум од Кампанија, Јужна Италија. Според натписите, започнал како центурион во III галска легија, потоа бил преместен во IV фератска, а потоа и во V македонска легија, каде што бил унапреден во центурион-примипил (лат. primus pilus[3]) — највисокиот чин што еден центурион можел да го достигне.

Потоа бил поставен за офицер во славната Мизенска флота, а потоа префект на VI победоносна легија. Оваа легија била сместена во Британија, на Адријановиот ѕид, каде што над дваесет години одржувал мир. Сѐ упатува на тоа дека Арториј учествувал во одбраната на Ѕидот и се претпоставува дека бил дел од единицата распоредена во Бреметенакум (денешен Рибчестер, Англија), заедно со корпусот на Сарматите.

Во 185 г., британските легии се побуниле и го предложиле Приск како нов водач наместо омразениот цар Комод. Приск одбил, востанието било задушено од Пертинакс — кој наскоро по убиството на Комод станал цар. Арториј, како префект на коњица во VI легија, изгледа не учествувал во востанието, зашто веднаш потоа бил унапреден во дукс и испратен со неколку коњички кохорти во Арморика, каде успешно ја задушил побуната.

По воената служба, Луциј Арториј Каст бил назначен за управител на Либурнија, месност во рамките на Далмација. Понатаму нема сигурни податоци за него, иако се верува дека делови од делото „Историја“ на Касиј Дион можеби го црпат својот извор токму од животописот на Арториј, бидејќи неговиот татко бил управител на Далмација во исто време кога Каст управувал со Либурнија.

Иако историјата за Луциј Арториј Каст завршува со неговата должност како управител на Либурнија, неговото име и дело продолжуваат да живеат преку врежаните натписи, во преданијата, а можеби дури и во самата легенда за кралот Артур.

Поистоветување со крал Артур

[уреди | уреди извор]

Претпоставката дека Луциј Арториј Каст е всушност кралот Артур првпат била изнесена од Кемп Малоун во 1924 г. Иако Арториј не бил современик на саксонскиот упад во V век, можно е споменот за него да опстанал во месните сказни и легенди, при што неговата улога со текот на времето добивала сѐ поголема тежина преку повторното прераскажување. Меѓутоа, оваа теорија се темели исклучиво на сличноста во имињата и не се совпаѓа со остатокот од она што е познато за кралот Артур од летописите и легендите.

Арториј е поистоветен со кралот Артур во филмот „Крал Артур“ од 2004 г., каде што е пренесен три века нанапред, во времето на саксонскиот упад, како и во видеоиграта „Rome: Total War — Упад на варварите“ од 2005 г.

  1. Кралот Артур во англиската историја, митологија и книжевност — стр. 72. — Борис Симоновски. — 2022. // УКИМ. — „Тука можат да се наведат личностите војсководци Луциј Арториј Каст, …“
  2. Corpus Inscriptionum Latinarum 3, 1919
  3. Corpus Inscriptionum Latinarum 3, 12791

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]