Прејди на содржината

Лудница Аркам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лудница Аркам
Вратата со натпис „лудница Аркам“, сместена на задниот паркинг на болницата Бејли Ситон.

Болница Елизабет Аркам за душевно болни злосторници (англиски: The Elizabeth Arkham Asylum for the Criminally Insane), почесто споменувана како лудница Аркам (англ. Arkham Asylum) или едноставно Аркам — измислена психијатриска болница што се наоѓа во Готам, од стрип-вселената на DC Comics.

Многу злосторници од вселената, а особено непријателите на Бетмен, откако ќе бидат фатени од него, престојуваат во оваа установа во затвор. Овие злосторници вклучуваат: Џокерот, Отровната Ајви, Гатанката, Пингвин, Дволикиот, Плашилото, Бејн, Убиецот Крок и Харли Квин.

Болницата е именувана по истоимената установа во измислениот град Аркам, спомената во делата на Хауард Лавкрафт.[1][2] Меѓутоа, во делата на Лавкрафт, болницата обично се означува како „Sanitarium“ (санаториум) наместо „Asylum“ (лудница).

Историја на лудницата

[уреди | уреди извор]

Клиниката била основана на почетокот на дваесеттиот век од Амадеус Аркам, чија мајка целиот живот страдала од душевно растројство. Амадеус го претворил сопствениот имот во болница за душевно болни, стремејќи се да им помогне да се излекуваат. Непосредно пред отворањето на психијатриската клиника, додека ѝ помагал на полицијата во истрага, Аркам го навлекол гневот на еден сериски убиец, и целото семејство на лекарот алтруист било жестоко убиено. Манијакот станал еден од првите пациенти на Аркам. По неколку години, и самиот доктор завршил како пациент во установата. Оттогаш, со неа управува неговиот внук од брат/сестра, Џеремаја.

Клиниката се наоѓа на периферијата на Готам Сити и е место за затворање на оние противници на Бетмен што се официјално прогласени за луди (останатите завршуваат во затворот Блекгејт). Болницата била создадена од Денис О’Нил и првпат се појавила на страниците на стрипот Batman #258 (октомври 1974 г.). Поголемиот дел од историјата на местото ја измислил Лен Вејн во текот на 1980-тите години.

Аркам нема баш најдобар углед, особено кога станува збор за познати личности: затворениците како Џокер многу често бегаат од клиниката, а оние што се „излекуваат“, често се враќаат на старите навики. Згора на тоа, некои вработени, вклучувајќи ги и основачот Амадеус Аркам и директорот Џеремаја Аркам, како и неколку доктори, вклучувајќи ги Харлин Квинзел (подоцна Харли Квин), Лајл Болтон и, во некои варијанти, Џонатан Крејн и Хјуго Стрејнџ, го изгубиле разумот.

Злосторниците на Готам, признаени од судот како „престапно луди“ или „психички нездрави“, обично се лекуваат во Медицинскиот центар Вилијамс и влегуваат во Аркам дури откако ќе бидат прогласени за доволно опасни.

Дури и надвор од Готам Сити, Аркам има долга и сурова историја, која започнала со лудилото на архитектот на местото, кој ги исекол своите работници со секира. Тој бил обвинет и осуден да го помине остатокот од својот живот во болницата што самиот ја изградил. Графичкиот роман Arkham Asylum: A Serious House on Serious Earth утврдува дека болницата била именувана по Елизабет Аркам — мајката на основачот, Амадеус Аркам, и првично се нарекувала „Болница Аркам“.

Мрачната историја на ова место започнува во 1900-тите години, кога мајката на Аркам, која страдала од психичко заболување, си го одзела животот со самоубиство. Подоцна, меѓутоа, се дознало дека всушност нејзиниот син ја успил и го потиснал тоа сеќавање. Амадеус, останувајќи единствен наследник на имотот Аркам, потоа одлучил да го пренамени семејниот дом во болница за душевно болни, за другите да ја избегнат судбината на неговата мајка. Додека траела пренамената на болницата, Амадеус ги лекувал своите пациенти во психијатриската болница во Метрополис, каде што тој, неговата сопруга Констанција и ќерката Хариет живееле некое време.

Кога завршила пренамената, Амадеус пристигнал со семејството за да ја прегледа. Додека биле таму, Амадеус добил порака од полицијата дека Мартин Хокинс, сериски убиец со прекар „Луд Пес“, кој бил лекуван од Аркам, побегнал од затвор. Набргу потоа, на 1 април 1921 г., Амадеус пристигнува дома и ја наоѓа вратата ширум отворена. Внатре ги наоѓа својата силувана сопруга и убиената ќерка, а на телото на ќерката бил изрезбан прекарот на Лудиот Пес. И покрај семејната трагедија, психијатриската болница Елизабет Аркам за душевно болни злосторница била отворена во ноември. Со разнишана душевна рамнотежа, доктор Аркам изработил план на подот, во кој спомнал окултни руни, за кои верувал дека ќе го спасат од чудниот лилјак во соништата.

Еден од првите пациенти во болницата бил Лудиот Пес, кого Амадеус сакал сам да го лекува. По шестмесечно лекување, Амадеус Аркам го подложил на терапија со електрошок, на крајот убивајќи го. Кадарот на болницата ја сметал смртта за случајна, но се покажало дека Амадеус постепено тонел во лудило и решил дека убивањето на Хокинс е негово неотуѓиво право. На крајот, Амадеус Аркам бил затворен во сопствената болница, каде што и починал.

Болнички кадар

[уреди | уреди извор]
  • Доктор Амадеус Аркам
    Основачот на болницата. Амадеус ја именувал установата во чест на неговата почината мајка Елизабет. Подоцна, од еден член на кадарот се претворил во пациент.
  • Доктор Џеремаја Аркам
    Внук на Амадеус Аркам. Џеремаја бил директор на болницата до неодамна, но потоа полудел и станал втората Црна Маска.
  • Затворски надзорник Арон Кеш
    Еден од најпочитуваните чувари во болницата. Неговата рака била одгризана од Убиецот Крок, и наместо неа носи протеза во облик на кука. За разлика од многу негови колеги, Кеш не е луд ниту корумпиран и е сигурен сојузник на Бетмен. Во игрите, обично го озвучува Двејн Шепард.
  • Докторка Џоан Лиланд
    Некогаш била колешка на Харлин Квинзел, а подоцна доктор Лиланд станала терапевт и лекувала пациенти како Џонатан Крејн (Плашилото) и Харви Дент (Дволикиот).
  • Докторка Алис Синер
    Избрана од Џеремаја за негов заменик, Алис некое време ги следела наредбите на Аркам и застанала на чело на болницата кога Џеремаја се покажал дека е Црната Маска. Таа е тајна членка на Црквата на злосторството и работи за Црната Маска.
  • Докторка Харлин Квинзел
    Поранешна практикантка во болницата, Квинзел била заведена од Џокерот и си го зела името „Харли Квин“.[3]
  1. O'Neil, Dennis. Batman Unauthorized: Vigilantes, Jokers, and Heroes in Gotham City (англ.). — BenBella Books[англ.], 2008. — P. 111. — ISBN 1-933771-30-5.
  2. Voger, Mark; Voglesong, Kathy. The Dark Age: Grim, Great & Gimmicky Post-Modern Comics (англ.). — TwoMorrows Publishing[англ.], 2006. — P. 5. — ISBN 1-893905-53-5.
  3. Dini, Paul (w), Timm, Bruce; Murakami, Glen (p), Timm, Bruce (i), Timm, Bruce; Taylor, Rick (col), Harkins, Tim (let). Batman Adventures: Mad Love (February 1994), DC Comics

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]