Прејди на содржината

Логичко-филозофски трактат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Логичко-филозофски трактат
Насловната страна на англискиот превод од 1922
АвторЛудвиг Витгенштајн
Изворен насловLogisch-Philosophische Abhandlung
ПреведувачБранислав Саркањац
ЗемјаАвстрија
ЈазикГермански
Предмет(и)Филозофија на јазикот, логика
ИздавачМагор
Страници75

„Логичко-филозофски трактат“, „Логичко-филозофска расправа“ или „Tractatus Logico-Philosophicus“ е единственото филозофско дело објавено од австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн за време на неговиот живот. Главниот стремеж на делото е да ја открие врската помеѓу јазикот и стварноста, а преку неа да ги определи границите на науката[1]. Џ. Е. Мор е оној кој го предложува латинскиот наслов, оддавајќи му чест на Теолошко-политичкиот трактат (Tractatus Theologico-Politicus) од Барух Спиноза.[2]

Витгенштајн го започнал пишувањето на Трактатот како војник во Првата светска војна, а го завршил како воен заробеник во Комо и подоцна Касино во август 1918 година.[3] Најпрвин бил објавен на германски јазик во 1921 година, како Logisch-Philosophische Abhandlung во последниот том на Оствалдовите „Анали на филозофијата на природата“ (Annalen der Naturphilosophie), а во 1922 година, издавачката куќа Рутлеџ и Кеган Пол (Routledge & Kegan Paul Ltd.) од Лондон го објавила двојазичното издание, при што преводот на англиски јазик го извршил Ф. П. Ремзи (F. P. Ramsey), додека Витгенштајн го преработил текстот на германски јазик. Воведот на ова издание го напишал Бертранд Расел (Bertrand Russel).[4] Македонскиот превод излегува дури во 2002, изработен од Бранислав Саркањац[5]. Трактатот бил од огромна важност помеѓу логичките позитивисти на Виенскиот круг, како Рудолф Карнап и Фридрих Вајсман. Познатата статија на Бертранд Расел со име „Филозофија на логичкиот атомизам“ е напишана според многу идеи кои Расел ги добил читајќи го Витгенштајн.[6] Со други зборови, покрај тоа што е едно од најбитните дела на современата филозофија, особено е вреднувано од страна на аналитичките филозофи.

Во ова дело, Витгенштајн ги проучува можностите на мислењето врз основа на можностите на јазикот. Поаѓајќи од логичката градба на пропозициите и од природата на логичките заклучоци, авторот доаѓа до теоријата на сознанието, основите на психологијата и на етиката, а најпосле и до проблемот на мистиката.[7] Во предговорот, напишан во Виена во 1918 година, Витгенштајн истакнува дека решавањето на филозофските проблеми почива на неразбирањето на логиката на јазикот. Според него, целокупната смисла на книгата може да се искаже со следниве зборови: „она што воопшто може да се каже, може да се каже јасно; а она за кое не може да се зборува, за тоа мора да се молчи.“ Оттука, делото ја подвлекува границата на изразот на мислите. Притоа, тој нагласува дека воопшто нема за цел да открие новини, односно неговите ставови се совпаѓаат со погледите на многу други филозофи меѓу кои ги издвојува Фреге и Бертранд Расел.[8]

„Логичко-филозофскиот трактат“ се одликува со строг, збиени стил и не содржи аргументи, туку декларативни реченици кои се третираат како очигледни смаи по себе. Исказите се хиерархиски нумерирани, со седум основни искази на првото ниво (нумерирани од 1–7), додека секое под-ниво е образложение или коментар на исказот од повисокото ниво (на пример, 1, 1.1, 1.11, 1.12). Оваа книга во главно се проучува во областа на логиката и филозофијата на јазикот, но од неодамна понови толкувачи ја вреднуваат и нејзината етичка, но и естетичка димензија. Она што е особено популарно и ново е мистичното толкување, поттикнато од последниот, седми исказ.

  1. ЛФТ 4.113
  2. Nils-Eric Sahlin, The Philosophy of F. P. Ramsey (1990), стр. 227.
  3. Monk стр. 158
  4. Ludvig Vitgenštajn, Logičko filozofska rasprava – Tractatus logico-philosophicus. Miba books, Beograd, 2024, стр. 5-6.
  5. Лудвиг Витгенштајн, Логичко-филозофски трактат, Скопје: Магор, 2002.
  6. Bertrand Russell (1918), „The Philosophy of Logical Atomism“. The Monist. стр. 177, како што е објавена на пример во Bertrand Russell (Robert Charles Marsh ed.) Logic and Knowledge Accessed 2010-01-29.
  7. Ludvig Vitgenštajn, Logičko filozofska rasprava – Tractatus logico-philosophicus. Miba books, Beograd, 2024, стр. 5.
  8. Ludvig Vitgenštajn, Logičko filozofska rasprava – Tractatus logico-philosophicus. Miba books, Beograd, 2024, стр. 7-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Англиски он-лајн изданија
Германски он-лајн изданија