Ловро Матачиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ловро Матачиќ е истакнат диригент во Македонија. Роден е 14 февруари 1899, Загреб а починал на 7 јули 1985. Иако без формална академска диплома, студирал музика на Виенскиот конзерваториум), со својот огромен талент и ерудиција се вбројува меѓу врвните европски и светски диригенти. Првите контакти со музиката ги доживува како член на хорот на Виенските деца. Диригентската кариера ја започнува во 1919 г. во Осиечката опера. Потоа следуваат ангажмани во оперските куќи во Нови Сад, Љубљана, Белград, Загреб, Рига и стигнува до диригентскиот пулт на врвните светски оркестри: Дрезденската државна капела, Берлинската и Виенската филхармонија, Токискиот симфониски оркестар. Бил чест гостин на големите оперски куќи во Европа и Америка. На својот богат и разновиден репертоар имал огромен број оперски и симфониски дела од сите епохи во музиката, почнувајќи од Монтеверди и завршувајќи со Вагнер, Брукнер и Штраус, не запоставувајќи го притоа и творештвото на словенските композитори – Сметана, Јаначек, Чајковски, Зајц, Барановиќ и др. Особено голема и значајна е неговата улога во професионалното оформување и воспитување на кадрите – солисти хористи, оркестранти на младата македонска опера. Со своето работење во Операта на МНТ (1948–1952) како режисер и диригент (Грабнување од сарајот, Боеми, Волшебната флејта, Кармен, Евгениј Онегин, Никола шубиќ–Зрински) и со огромните заслуги за нејзиниот развој со право може да се смета како духовен татко на Македонската опера. Се занимавал и со композиторска дејност.