Ловење лососи во Јемен

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ловење лососи во Јемен (англиски: Salmon Fishing in the Yemen) е американско-француски филм од 2011 година, во режија на Ласе Халстрем (Lasse Hallström). Главните улоги ги толкуваат: Јуан Мекгрегор (Ewan McGregor), Емили Блант (Emily Blunt), Амр Вакед(Amr Waked) и Кристин Скот Томас (Kristin Scott Thomas). Филмот е снимен според истоимениот роман на Пол Тордеј, а бил номиниран за наградата „Златен глобус“ во три категории.

Содржина[уреди | уреди извор]

Секретарката на британскиот премиер за односи со јавноста, Патриша Максвел (ја игра Скот Томас), бара проект кој би ги зацврстил односите на Британија со арапскиот свет. За таа цел, таа ја одбира идејата на шеикот Мухамед од Јемен (го игра Вакед) , кој сака во пустината да направи вештачко езеро. Шеикот е визионер и сака да му помогне на својот народ, така што ќе обезбеди водена акумулација што би се користела за наводнување, но и за задоволување на неговата рибарска страст. Имено, тој планира да го пориби вештачкото езеро со лососи. За остварување на својата идеја, шеикот е подготвен да инвестира голема сума капитал.

Еден од водечките британски стручњаци за риболов. д-р Алфред Џонс (го игра Мекгрегор) добива налог да се вклучи во проектот, но тој ја отфрла целата идеја како бесмислена и глупава. Сепак, кога ќе ја запознае енергичната секретарка на шеикот, Хариет (ја игра Блант), д-р Џон постепено се вклучува во проектот, особено по средбата со шеикот, кој е „загреан“ рибар. Истовремено, момчето на Хариет добива налог да оди во воена акција во Авганистан, а жена му на д-р Џонс заминува на работа во Швајцарија, така што докторот и Хариет се зближуваат. По некое време, докторот се разделува со жена му, а Хариет добива вест дека британските специјалци (меѓу кои е и нејзиното момче) исчезнале во една акција во Авганистан. Хариет е скршена и сака да се откаже од проектот, но ја премислува д-р Џонс, кој е вљубен во Хариет.

Првичната идеја на д-р Џонс и на шеикот Мухамед е да фатат илјадници лососи од британските реки и да ги пренесат во Јемен, но по жестоката реакција на јавноста, тие се откажуваат од идејата. Затоа, лососите ги набавуваат од еден рибник. Кога заминуваат во Јемен, едно локално племе се спротивставува на идејата на шеикот, обвинувајќи го дека тој ќе ги донесе западните вредности и дека ќе ја уништи нивната култура. Потоа, шеикот е мета на еден атентатор, но во последен миг него го спасува д-р Џонс.

Најпосле, доаѓа денот кога треба официјално да се пушти во употреба акумулацијата во Јемен, а за таа цел, на церемонијата присуствуваат и Патриша и еден министер во британската влада. Притоа, за да биде поголем ефектот, Патриша се погрижила да дојде и момчето на Хариет за кого претходно дознава дека останал жив во акцијата на специјалците. Меѓутоа, непријателите на шеикот прават диверзија и наеднаш ја испуштаат водата, правејќи огромна штета. За тоа време, шеикот лови лососи и не гледа дека доаѓа огромна поплава. Тој и докторот се зафатени од водената маса, но успеваат да се спасат. Сите се разочарани од неуспехот на проектот и од жртвите од поплавата, а Хариет се подготвува да замине во Британија со своето момче. Но, тогаш, шеикот забележува дека дел од лососите преживеале и сака, со помош на д-р Џонс, повторно да започне со проектот. Кога ќе чуе за тоа, Хериет решава да го напушти своето момче и да остане со докторот во Јемен.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Авантуристичка потрага по невозможното“, Антена, број 868, 13.2.2015, стр. 3.