Ловец на стаорци

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ловец на стаорци (руски: Крысолов) - расказ на рускиот писател Александар Грин. Расказот е објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Темплум“ во истоимената книга, како 76. издание од едицијата „Магма“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Расказот е напишан во прво лице еднина, а дејството започнува на 22. март 1920 година, кога раскажувачот излегува на пазарот за стари работи за да продава книги. Таму, тој запознава една девојка која, исто така, продава книги. Бидејќи денот е многу студен, таа му помага да ја закачи кошулата за капутот. Притоа, таа му го запишува телефонскиот број на една книга. Меѓутоа, ненадејно доаѓа милицијата и девојката бега од местото, а тој ја продава книгата во која го запишал бројот. Утредента, тој заболува од тифус и некое време поминува во болницата, а кога го отпуштаат не може да се врати во својата соба, зашто во неа се вселил друг човек. Скитајќи наоколу уморен и гладен, тој среќава еден свој познаник, кој привремено го сместува во напуштената голема зграда на централната банка. Најпрвин, тој скита низ многубројните соби, а потоа се сместува во една соба во која пронаоѓа храна. Во собата здогледува телефон и тој се обидува да се сети на бројот на непознатата девојка. За среќа, успева да воспостави врска девојката му ја кажува нејзината адреса, но тогаш разговорот се прекинува. Бидејќи страда од несоница, ноќта ја поминува буден и тогаш слуша чекори некаде низ зградата, а потоа го повикува нежен женски глас. Следејќи го гласот низ темнината, тој оди низ собите, но никаде не може да ја види девојката, а тогаш слуша и бројни други гласови насекаде низ зградата. Скриен во една собичка, тој е сведок на сосема необична сцена - долу, во големата сала се одржува бал, со оркестарска музика и со многубројни гости. Притоа, тој случајно слуша разговор во кој се споменува дека пристигнал Спасителот и дека ќе биде убиен Ловецот на стаорци кој живее на адресата што му ја даде девојката. Возбуден од таа случка, тој бега на таванот на зградата, следен од бројни чекори, а потоа слегува по олукот на улицата. Таму, тој има две чудни кратки средби, најпрвин со непознато, напуштено дете, а потоа и со девојката што ја бара. Но, брзо сфаќа дека станува збор само за привидение и брза кон домот на девојката (за која тогаш дознава дека се вика Сузи), каде ја среќава како прислушкува пред вратата над која стои фирмата „Ловец на стаорци, О. Јенсен“. Тогаш се појавува и нејзиниот татко, кој држи стапица со убиен стаорец. Таткото му кажува за една стара книга во која се зборува за тоа дека стаорците можат да попримат човечки облик, сугерирајќи дека и тој бил опкружен со стаорци во напуштената зграда на централната банка. Наеднаш, нему му се губи свеста и тој ја губи врската со реалноста...[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Ловец на стаорци“ е расказ што е типичен за раскажувачката постапка на Грин - преплетувањето на фантастичното и реалистичноста. Имено, расказот почнува сосема реалистично, речиси документарно (главниот лик во расказот живее во голема беда и се разболува од тифус, потполно исто како авторот), а потоа, постепено и речиси незабележливо почнуваат да се појавуваат неверојатните елементи за на крајот расказот да се претвори во фантастична бајка за луѓето-стаорци. овој документарно-автобиографски дел може да се смета како вовед во главното дејство: сместувањето во напуштената зграда на централната банка. Тогаш, настаните постепено почнуваат да добиваат необични обележја. Навистина, и во овој дел, авторот детаљно ги набројува бројните предмети што се расфрлани низ собите (хартија, канцелариски мебел, итн.), меѓутоа нивната натрупаност, збиеност и организираност создаваат нестварна слика. Потоа следува уште еден реалистички податок - откривањето храна во креденецот, настан што е опишан сугестивно реалистички, но таа документарна атмосфера набргу прима нестварни обележја при што тешко може да се објасни на кој начин се остварува тоа. Тогаш, се реди една низа од необични настани: чудниот телефонски разговор, чекорите по собите, нежниот женски глас, итн. Најпосле, доаѓа кулминацијата во расказот - чудниот бал чиј сведок е раскажувачот, иако сè уште не е јасно назначено дека станува збор за бал на луѓето-стаорци. Понатаму, необичната атмосфера продолжува со средбата со напуштеното расплакано дете кое се однесува многу чудно, како и средбата со девојката која му кажуав дека го сака, но главниот јунак сфаќа дека таа не е вистинската девојка. Најпосле, фантастичниот амбиент се заокружува со средбата со Сузи и со нејзиниот татко, кој чита делови од една стара книга во која се раскажува за способноста на стаорците да добијат човечки лик.[2]

Најголемата вредност на расказот е токму постепеното развивање на фантастичните елементи, т.е. во постапката со која авторот внесува еден по еден нестварен елемент и така незабележливо ја напушта реалноста, предизвикувајќи неспособност на читателот да подвлече прецизна линија меѓу стварниот материјал од којшто е составен амбиентот и општиот впечаток што тој го остава: впечатокот на натприродност. Од друга страна, во расказот е присутна остра разлика меѓу декорот и дејството: декорот е чисто материјален, опишан документарно, додека дејството постепено се развива во потполно фантазмагорична слика. Но, и дејството може да се набљудува како мозаик и е составено од различни можни состојби. Притоа, реалистичната обоеност на детаљите на декорот е толку силна, што дури и најчистиот фантастичен елемент во расказот, балот на стаорците, предизвикува неизвесност кај читателот дали правилно ја протолкувал сцената. [3]

Адаптации на делото[уреди | уреди извор]

По мотивите на расказот „Ловец на стаорци“, во 1976 година, хрватскиот и југословенски режисер Крсто Папиќ го снимил филмот „Спасител“ (Izbavitelj).[4] Исто така, во 1992 година, рускиот режисер Јуриј Покровски (Юрий Покровский) го снимил краткометражниот филм „Лов на стаорци“ (Крысолов).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 110-150.
  2. Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 159-160.
  3. Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 160.
  4. IMDb, The Rat Savior (1976) (пристапено на 18.11.2017)