Ли Кеќанг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ли Кеќанг
李克强
Ли Кеќанг во 2012 г.
Премиер на НР Кина
XII Државен совет
На должноста
15 март 2013 – 11 март 2023
Претседател Си Ѓинпинг
Вицепремиер Џанг Гаоли
Љу Јендунг
Ванг Јанг
Ма Кај
Претходник Вен Ѓабао
Наследник Ли Ќанг
I Вицепремиер на НР Кина
XI Државен совет
На должноста
17 март 2008 – 15 март 2013
Служи со Хуеј Лиангји
Џанг Деѓанг
Ванг Ќишан
Премиер Вен Ѓабао
Претходник Ву Ји (в.д.)
Наследник Џанг Гаоли
Лични податоци
Роден(а) 1 јули 1955(1955-07-01)
Дингјуен, Анхуеј, НР Кина
Починал(а) 27 октомври 2023(2023-10-27) (возр. 68)
Шангај, Кина
Партија Комунистичка партија
Сопружник Ченг Хунг
Установа Пекиншки универзитет
Ли Кеќанг на средба со македонскиот премиер Никола Груевски во 2013 г.

Ли Кеќанг (кинески: 李克强, пинјин: Lǐ Kèqiáng; 1 јули 1955 - 27 октомври 2023) — кинески економист и премиер на НР Кина и секретар на Државниот совет. Како таков, тој бил шеф на владата и водечка личност во економската политика на државата. Бил втор човек во Постојаниот комитет на Политбирото, кој е де факто врховен политички орган во земјата. Од 2008 до 2013 г, Ли бил на функцијата прв вицепремиер во мандатот на премиерот Вен Ѓабао. Имал разни официјални должности, меѓу кои економски развој, контрола на цените, финансиска политика, климатски промени и макроекономско управување.[1]

Кариерата ја започнал вклучувајќи се во редовите на Сојузот на комунистичката младина. Од 1998 до 2004 г, бил управник и партиски секретар на покраините Хенан и Љаонинг. Ли бил претставник на „петтото поколение“ на раководството на Комунистичката партија на Кина.

Детство и младост[уреди | уреди извор]

Ли Кеќанг е роден на 1 јули 1955 г. во Дингјуен, во покраината Анхуеј. Татко му бил покраински функционер. Откако го завршил средното образование за време на Културната револуција, бил испратен на работа во руралното подрачје на Фенгјанг, Анхуеј, каде подоцна се зачленил во Комунистичката партија (КПК) и постепено дошол до местото партиски началник на производниот одред. Во овој период се занимавал со проучување на општествено-политичката мисла, за што ја добил наградата „Извонреден изучувач на маоизмот“.[2]

Откако се вратил дома, татко му му понудил да го подготвува за околиски партиски началник, но Ли ја одбил понудата, одлучувајќи да студира право на Пекиншкиот универзитет. Откако дипломирал и станал претседател на студентскиот совет, продолжил со образованието и се стекнал со докторат по правни науки. Во 1980 г. станал Секретар на универзитетскиот огранок на Сојузот на комунистичката младина (СКМК). Во 1982 г. станал дел од раководството (секретаријатот) на СКМК и бил во потесна соработка со Ху Ѓинтао, кој ја изградил својата кариера по истиот пат. Во 1993 г. станал генерален секретар на СКМК, каде се задржал сè до 1998 г.

Починал на 27 октомври 2023 г. од срцев удар.[3][4]

Политичка кариера[уреди | уреди извор]

Покраински функции[уреди | уреди извор]

Во јуни 1998 г. Ли станал најмладиот покраински челник во Кина кога бил назначен за управник на Хенан на возраст од 43 г. Според неговите соработници, одбивал да учествува на гозби и други раскошни свечености неповрзани со службата во име на неговата посветеност на борбата против сиромаштијата.[5]

На должноста бил поборник за економски развој на Хенан, правел обиколки низ сите краишта и успеал да ја претвори сиромашната покраина во стопански напредна и привлечна за инвестиции. Единствено не успеал да се справи со епидемијата на ХИВ/СИДА во руралните подрачја.

Во декември 2004 г. бил назначен за партиснки началник на Љаонинг. Во оваа покраина се истакнал со проектот „Пет точки во една линија“, поврзувајќи ги Даљен и Дандунг, како и низа други пристанишни градови во поопфатна мрежа со цел да се подобри протокот на стоки во трговијата.

Државна политика[уреди | уреди извор]

Ли постапено се издигнал до втор човек во Постојаниот комитет на Политбирото и станало извесно дека тој ќе биде наследник на Вен Ѓабао на местото Премир на Државниот совет (2013).

Претпоставките дека Ли ќе стапи во државниот врв се потврдиле на XVII седница на Националното народно собрание, кога бил изгласан за член на Постојаниот комитет на Политбирото (ПКП) во октомври 2007 г. Ли бил и во потесниот круг на можни наследници на Ху Ѓинтао како генерален секретар на КПК. Меѓутоа, во ноември 2013 г. на функцијата застанал неговиот колега од Политбирото, Си Ѓинпинг. На Националното народно собрание во 2008 г, Ли е избран за прворангиран вицепремиер на државата, така подоцна наследувајќи го Вен Ѓабао на премиерската функција.

Со стапувањето во Постојаниот комитет, Ли ги добил најважните ресори во кинеската влада, воедно постепено подготвувајќи се за премиерското место. Првиот значаен јавен настап на Ли е неговото обраќање на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија во 2010 г, каде дал краток преглед на долгорочната развојна визија Кина пред светските политичари и претприемачи.[6] Во обраќањето дал особен нагласок на потребата од одржлив развој, одржлива енергетика, намалување на економската нееднаквост и осовременувањето на главните стратешки индустриски гранки.[6] Во говорот, Ли ја потврдил посветеноста на Кина на мирен развој и зголемување на уделот на домашната побарувачка наспроти надворешните притисоци предизвикани од глобалната финансиска криза, но и предупредил за опасноста на протекционизмот. Во следниот дел од излагањето ја споменал и важноста на меѓународниот развој и меѓународните финансиски реформи и побарал глобална управна структура која „подобро ги одразува промените во глобалниот политичко-економски пејзаж“.[7]

Во февруари 2010, Ли одржал говор пред министерите и покраинските управници за важноста на измените во економската структура на земјата во име на развојот во иднина, со особен нагласок на домашната потрошувачка и урбанизацијата.[8] Во излагањето истакнал и дека Кина ќе се пренасочи кон зголемување и зајакнување на средната класа, што треба го сочинува најголемиот дел од населението.[9]

Ли исто така ја истакнал важноста на индустријализацијата, урбанизацијата и осовременувањето на кинеското земјоделство со цел да се подобри неговата конкурентност, прехранбената сигурност, енергетската сигурност, поволноста на домувањето и здравството.[10]

Во август 2011, Ли остварил официјална посета на Хонгконг, воедно посетувајќи го и Хонгконшкиот универзитет.

Премиерство[уреди | уреди извор]

На XII заседание на Националното народно собрание на 15 март 2013 г, Ли Кеќанг бил избран за премиер на НР Кина,[11] со што станал втор човек во државата по претседателот Си Ѓинпинг.[12] Оваа функција ја презел од неговиот претходник, Вен Ѓабао, кој заминал во пензија и, како него, се очекува да служи два мандата.[11] На 16 март, собранието ги избрало Џанг Гаоли, Љу Јендунг, Ванг Јанг и Ма Кај за вицепремиери.[13] Првиот поважен говор го одржал на 17 март, во завршниот дел на седницата на собранието, повикувајќи ги политичарите на внимателно трошење на државните средства, поголема финансиска праведност и повеќе економски реформи. Според него, од особено значење економијата да се заснова на локална потрошувачка наместо досегашната политика на извозно стопанство.[14][15]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Ли Кеќанг ја остварил првата посета во странство на 18 мај 2013 г. во Индија со цел да најде решение за пограничниот спор и да ги поттикне економските врски со земјата.[16] Потоа го посетил и Пакистан, истакнувајќи ја важноста на големото пријателство и братство помеѓу двете земји.[17]

Првите официјални посети во Европа Ли ги остварил во Швајцарија и Германија, каде се сретнал со државниот врв на двете земји.[18]

Кон средината на годината, Ли остварил и средби со македонскиот премиер Никола Груевски и шефот на МНР, Никола Попоски во состав на кинеската иницијатива за инвестиции и соработка со земјите од Средна и Источна Европа.[19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „China's new top Party leaders make debut“. China.org.cn. 15 ноември 2012. Посетено на 22 ноември 2012. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „《多维月刊》:李克强出身非平民,成长靠恩师(2)“. Dwnews.com. 28 ноември 2008. Посетено на 18 март 2013.
  3. „李克强同志逝世“. The Beijing News. 27 октомври 2023. Посетено на 27 October 2023.
  4. „Li Keqiang, former premier of China, dead after heart attack“. South China Morning Post. 27 октомври 2023. Посетено на 27 октомври 2023.
  5. „Duowei: Li Keqiang helps Henan fight off the poverty“. .chinesenewsnet.com. 10 јуни 2007. Посетено на 18 март 2013.
  6. 6,0 6,1 Maidment, Paul (28 јануари 2010). „China's Li Delivers A Polished Future“. Forbes.
  7. Ли, Кеќанг. „Годишна средба во Давос за 2010 г. — Посебно обраќање на Ли Кеќанг“. Светски економски форум (YouTube). Посетено на 4 јуни 2010.
  8. Ли, Кеќанг. „Прашања по измените во економската структура на Кина (关于调整经济结构促进持续发展的几个问题)“. Чуше. Архивирано од изворникот на 2010-06-04. Посетено на 1 јуни 2010.
  9. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-06-08. Посетено на 2013-07-25.
  10. Xinhua News Agency (11 октомври 2010). „China's vice premier urges accelerating industrialization, urbanization“. Сјинхуа. Посетено на 22 октомври 2010.
  11. 11,0 11,1 „China confirms Li Keqiang as premier“. BBC. 15 март 2013. Посетено на 15 март 2013.
  12. „Li Keqiang named Chinese premier, government's second most powerful post“. CNN. 15 март 2013. Посетено на 17 март 2013.
  13. „Who's Who in China's New Government Leadership Lineup“. Bloomberg. 16 март 2013. Посетено на 16 март 2013.
  14. DING QINGFEN (26 март 2013). „Premier Li Keqiang focuses on consumption“. China Daily.
  15. Сјинхуа (2013-3-31). „Premier Li calls for courage, wisdom in upgrading economy“. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  16. http://www.aljazeera.com/news/asia/2013/05/201351972251986773.html
  17. http://news.xinhuanet.com/english/china/2013-05/24/c_124755924.htm
  18. Ли посети четири земјиChina Daily (англиски)
  19. „Премиерот Груевски денеска на средби со претседателот и со премиерот на Кина“. Нетпрес. 2 јули 2013. Посетено на 4 јули 2013.[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]