Личен живот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Личен живот е текот на животот на една индивидуа, особено во поглед на сумираните лични одлуки кои придонесуваат за оформување на личниот идентитет.[1] Тој е чест поим во рамката на модерното постоење - иако повеќе во попросперитетните делови од светот како Западна Европа и Северна Америка. Во овие области, постои социoлошка бранша чија намена е да работи во интерес на тоа луѓето да го подобрат нивниот личен живот со помош на психолошки терапии и животни насочувања.

Историја[уреди | уреди извор]

Во минатото, пред модерната технологија значително да го ублажи проблемот на економска оскудност во индустријализираните земји, повеќето луѓе трошеле голем дел од своето време обидувајќи се да ги задоволат своите основни потреби за преживување, вклучувајќи вода, храна и покрив над глава. Вештините за преживување биле неопходни заради себеси и заедницата ; требало да се бере родот и да се одржуваат засолништата. Во една заедница, приватноста била на многу ниско ниво додека луѓето се идентификувале врз основа на нивната општествена улога. Работата повеќе била доделувана од потреба отколку што тоа било прашање на личен избор.

Берба

Покрај тоа, поединци во многу антички култури, на своето постоење гледале од аспект на пошироката општествена целина, често со митолошка поткрепа која ја сместува единката во сооднос со космосот. Идентитетот на луѓето од овие култури не претставува нивен личен избор - секако, тие можеби не биле во можност да направат избор кој е целосно индивидуален. Ваквите единки, запрашани да се опишат себеси, зборувале во име на колективот од кој тие претставувале дел : племето, црквата, нацијата. Дури и денес, егзистенцијалното прашање е сеуште доминантно во многу земји и општества. На пример, континентите Африка и Азија и понатаму тонат во сиромаштија и лоши услови, без технологија, безбедно засолниште и сигурни извори на храна. На ваквите места, концептите на "личен живот", "само-актуелизирање", "лична сатисфакција" или "приватност" се многу скап луксуз.

Англискиот филозоф, Џон Лок (анг. John Locke ), е еден од првите кои разговараат за концептот на личните права. Во 17-тиот век, тој ги промовира природните права на единката, на живот, слобода и сопственост, и ја вбројува потрагата по среќа како една од личните цели.

Социологија[уреди | уреди извор]

Поимот личен живот, како што е сфатен денес, делумно е дело на модерното западно општество. Особено во САД, приватноста е високо вреднувана. Од колонијалниот период, се забележува индивидуализмот и тежнеењето кон само-дефинирање на американците. Всушност, Декларацијата за независност на САД и Уставот јасно ги подигнуваат потрагата по среќа и очекувањата во врска со приватноста на ниво на права.

Во модерните времиња, многу луѓе, на својот личен живот, гледаат засебно од нивната работа. Работата се разликува од рекреацијата ; или сте на работа или не сте а транзицијата е ненадејна. Вработените имаат одреден број на часови кои се обврзани да ги одработат а работење за време на паузите е реткост. Ова може да се поврзе со тековна специјализација на работните места и барање за зголемена продуктивност, на работа и дома. Честата фраза "Работи квалитетно, забавувај се квалитетно" го илустрира начинот на размислување. Сепак, постои растечки тренд на холистичен и минимизирачки стил на живеење, како строго разграничување на работата и забавата, за да се оствари правото на баланс меѓу работата и приватниот живот.

Канцелариска работа

Исто така, концептот на личниот живот сè почесто се поврзува со стилот на облекување на единките, храната која ја конзумираат, нивното училишно и натамошно образование како и нивното хоби, слободните активности и културните интереси. Во развиениот свет, секојдневниот живот на единката е исто така под зголемено влијание на употребата на електронски апарати како телевизори, компјутери и Интернетот, мобилните телефони и дигиталните камери.

Други фактори кои влјаат на личниот живот се здравјето на единката, личните врски, домашни миленичиња како и нејзиниот дом и личниот имот.

Слободни активности[уреди | уреди извор]

Начинот на кој единките го користат своето слободно време, исто така игра важна улога. Општо, слободните активности може да се категоризираат како пасивни, во случаите кои не инволвираат некој особен напор, или активни, кога е потребна значителна физичка и ментална енергија.

Пасивни слободни активности се гледање телевизија, слушање музика, следење на спортски настани или одење во кино. Единката едноставно се релаксира без некој посебен напор.

Активните слободни активности можат да бидат повеќе или помалку интензивни, од пешачење, џогирање и возење велосипед до спортови како тенис или фудбал. Играње шах или зафаќање со творечко пишување, исто така може да се сметаат за активни слободни активности бидејќи бараат пристојна количина на ментален напор.

Користење на слободното време играјќи тенис

Истражување за користењето на слободното време во САД, базирано на податоци од 2007 година, открива дека дневната употреба на слободно време од страна на единки над 15 години просечно изнесува околу 4,9 часа. Од нив, повеќе од половина (2,6 часа) се трошат на гледање на телевизија, додека само 19 минути се користат за активно учество во спортови и вежби.

Приватност[уреди | уреди извор]

Приватноста е позната по наметнувањето на два различни концепта ; имено, информативна и одлучувачка приватност. Првата се однесува на остварување на правото од почит кон најинтимните детали од личниот живот на единката и е многу поприфатена доктрина отколку втората, која се однесува на ослободување од прекумерена регулација и контрола.

Литература[уреди | уреди извор]

  • English Life and Leisure. A social study., (1952) – Seebohm Rowntree
  • Ways of Living: Work, Community and Lifestyle Choice (2009) – Paul Blyton, Betsy Blunsdon, Ken Reed. ISBN 0230202284

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Baker, Maureen (2007). Choices and Constraints in Family Life. Oxford University Press. ISBN 9780195421057.