Лицев живец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лицев живец
Cranial nerve VII.svg
Пат на лицевиот живец
Gray790.png
Живци на скалпот, лицето и вратот.
Податоци
Одјадро на лицевиот живец, посреден живец
Воголем петрозен живец,
НадразнуваМоторна: мимични мускули, задно меше на двомешестиот мускул, стилохиоиден мускул, мускул на узенгија
Специјална сензорна: вкус од предните две третини на јазик
Парасимпатична: подвилична жлезда, подјазична жлезда, солзна жлезда
Назнаки
Латинскиnervus facialis
TAA14.2.01.099
FMAFMA:50868

Лицев живец (лат. nervus facialis) ― седми черепен живец кој излегува од Варолиевиот мост (pons) на мозочното стебло, ги контролира мимичните мускули на лицето (musculi faciei) и ги спроведува сензациите на вкус од предните две третини на јазикот.[1][2] Тој патува од Варолиевиот мост низ лицевиот канал (canalis nervi facialis) во слепоочната коска (оs temporale) и излегува од черепот низ стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum). Почнува во мозочното стебло во област зад очноодводниот живец (CN VI) и пред тремнополжавестиот живец (CN VIII). Тој исто така носи преганглионски парасимпатични влакна до неколку ганглии на главата и вратот.

Структура[уреди | уреди извор]

Јадра во мозочното стебло[уреди | уреди извор]

Клеточните тела на еферентните нервни влакна кои ги инервираат мимичните мускули на лицето се наоѓаат во моторното јадро на лицевиот живец (nucleus nervi facialis), сместено во каудалниот дел на вентролатералниот tegmentum pontis. Клеточните тела на парасимпатичните еферентни влакна се наоѓаат во горното саливаторно јадро (nucleus salivatorius superior), кое исто така се наоѓа во tegmentum pontis. Парасимпатичните гранки на нервот се секреторни влакна наменети за солзната жлезда, жлездите на носната слузокожа, непчената жлезда, подјазичната и подвиличната жлезда. Аферентните нервни влакна се густорецепторни (ги пренесуваат сензациите за вкус од густативните папили на јазикот), а завршуваат во nucleus tractus solitarii medullae oblongatae.

Пат на живецот[уреди | уреди извор]

Посредниот живец (nervus intermedius) е гранка на лицевиот живец која ги носи парасимпатичните и сензорните влакна. При напуштање на мозочното стебло, моторните и сензорните гранки на лицевиот живец се спојуваат и минуваат низ задната черепна јама (fossa cranii posterior) пред да влезат во петрозниот дел на слепоочната коска (pars petrosa ossis temporalis) преку внатрешниот слушен канал (meatus acusticus internus). По излегувањето од внатрешниот слушен канал, живецот минува низ каналот на лицевиот живец или фацијален канал (canalis nervi facialis), кој е поделен на лавиринтски, тапански и мастоиден сегмент.

Лавиринтскиот сегмент на фацијалниот канал е многу краток и завршува со свиок познат како колено на фацијалниот канал, кој го содржи коленестиот ганглион (ganglion geniculi nervi facialis) за клеточните тела на аферентните нервни влакна (густорецепторни). Првата гранка на лицевиот живец, големиот петрозен живец (nervus petrosus major), се одвојува на ниво на коленестиот ганглион, влегува во средната черепна јама (fossa cranii media), минува низ foramen lacerum, влегува во птеригоидниот канал (canalis pterygoideus) и завршува во крилестонепчаниот ганглион (ganglion pterygopalatinum), кој се наоѓа во крилестонепчаната јама (fossa pterygopalatina), каде гради синапси. Длабокиот петрозен живец (nervus petrosus profundus), кој носи симпатични влакна од внатрешниот каротиден сплет (plexus caroticus internus), се спојува со големиот петрозен живец на влезот во птеригоидниот канал и заедно го градат живецот на птеригоидниот канал (n. canalis pterygoidei) или Видиев живец (по италијанскиот анатом и хирург Видус Видиус).

Во тапанскиот сегмент на фацијалниот канал, лицевиот живец минува низ тапанската празнина на средното уво (cavitas tympani), медијално од наковалната (incus).

Пирамидалната еминенција е вториот свиок на лицевиот живец, каде тој се движи надолу како мастоиден сегмент. Во слепоочниот дел на фацијалниот канал, од лицевиот живец се одвојуваат живецот за мускулот на узенгијата (nervus stapedius) и тапанската врвца (nervus chorda tympani). Тапанската врвца се протега помеѓу чеканчето и наковалната, на медијалната површина на вратот на чеканчето. Таа продолжува низ петротимпаничната пукнатина (fissura petrotympanica), по што излегува од черепот кај подслепоочната јама (fossa infratemporalis). Потоа се спојува со јазичниот живец (nervus lingualis), кој е гранка на долновиличниот живец (nervus mandibularis или V3). Влакната на тапанската врвца патуваат со јазичниот живец до подвиличниот ганглион (ganglion submandibulare). Овде, преганглионските влакна на тапанската врвца градат синапси со постганглионски влакна кои продолжуваат за да ги инервираат подјазичните и подвиличните плунковни жлезди. Специјални сензорни (вкусни) влакна, исто така, патуваат со тапанската врвца од предните 2/3 на јазикот преку јазичниот живец.

По излегувањето од стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum), лицевиот живец го создава задниот ушен живец (n. auricularis posterior). Лицевиот живец потоа поминува низ паротидната жлезда, која не ја инервира, каде го формира паротидниот сплет (plexus parotideus), кој се дели на пет гранки: слепоочна (rami temporales nervi facialis), јаболчна (rami zygomatici nervi facialis), букална (rami buccales nervi facialis), маргинална долновилична (ramus marginalis mandibularis nervi facialis) и вратна (ramus colli nervi facialis), кои ги инервираат мимичните мускули.[3][4]

Внатрешночерепни (интракранијални) гранки[уреди | уреди извор]

Големиот петрозен живец (nervus petrosus major) поаѓа од горното саливаторно јадро во Варолиевиот мост и носи парасимпатична инервација кон неколку жлезди, вклучувајќи ги носните жлезди (glandula nasales), непчените жлезди (glandulae palatinae), солзната жлезда (glandula lacrimalis) и голтниковата (фарингеална) жлезда. Тој, исто така, дава парасимпатична инервација на клинестиот синус (sinus sphenoidalis), челниот синус (sinus frontales), виличниот синус (sinus maxilliaris), ситестиот синус (cellulae ethmoidales,labyrinthi ethmoidales) и носната празнина (cavum nasi). Овој живец носи и влакна за вкус од непцето преку малиот непчен живец (nervi palatini minores) и големиот непчен живец (nervus palatinus major).

Живецот за мускулот на узенгијата (nervus stapedius) дава моторна инервација на мускулот на узенгијата (musculus stapedius) во средното уво.

Тапанската врвца (nervus chorda tympani) дава парасимпатична инервација на подјазичните жлезди (glandula sublingualis) и подвиличните жлезди (glandula submandibularis), како и специјални сензорни влакна за вкус од предните две третини на јазикот.[1]

Надворешночерепни (екстракранијални) гранки[уреди | уреди извор]

Дистално од стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum), од лицевиот живец се одделуваат следните гранки:

Слепоочната гранка на лицевиот живец (или фронтална гранка) го преминува јаболчниот лак (arcus zygomaticus) до слепоочниот регион, снабдувајќи ги musculus auricularis anterior и musculus auricularis superior, а потоа се спојува со зигоматично-темпоралната гранка (ramus zygomaticotemporalis nervi zygomatici) на горновиличниот живец (nervus maxillaris, V2) и со ушно-слепоочната гранка (nervus auriculotemporalis) на долновиличниот живец (nervus mandibularis, V3). Попредните гранки ги снабдуваат venter frontalis musculi occipitofrontalis, кружниот мускул на окото (musculus orbicularis oculi ) и мускулот собирач на веѓите (musculus corrugator supercilii) и се спојуваат со супраорбиталната (nervus supraorbitalis) и лакрималната (nervus lacrimalis) гранка на офталмичниот живец (n. ophthalmicus, V1). За да се тестира функцијата на слепоочната гранка на лицевиот живец, од пациентот се бара да се намурти и да го збрчка челото.

Јаболчната гранка на лицевиот живец поминува низ јаболчната коска (os zygomaticum) до страничниот агол на очната празнина. Овде, таа го снабдува кружниот мускул на окото (musculus orbicularis oculi) и се спојува со филаменти од солзниот живец (nervus lacrimalis) и зигоматикофацијалната гранка (ramus zygomaticofacialis nervi zygomatici) на горновиличниот живец (nervus maxillaris, V2).

Букалната гранка на лицевиот живец (инфраорбитална гранка) е поголема од останатите гранки, минува хоризонтално напред, и нејзините гранки се распределуваат под очната празнина и околу устата. Тие ги снабдуваат следните мимични мускули: мускул на насмевнување (musculus risorius), образен мускул (musculus buccinator), мускул подигнувач на горната усна (musculus levator labii superioris), мускул подигнувач на горната усна и носното крилце (musculus levator labii superioris alaequae nasi), мускул подигнувач на усниот агол (musculus levator anguli oris), носен мускул (musculus nasalis), кружен мускул на усните (musculus orbicularis oris), мускул спуштач на носната преграда (musculus depressor septi nasi) и тенок мускул (musculus procerus).

Маргиналната долновилична гранка на лицевиот живец поминува напред под платизмата и мускулот спуштач на усниот агол (musculus depressor anguli oris), снабдувајќи ги мускулите на долната усна и брадата, а комуницира со менталната гранка на долниот забен живец (nervus alveolaris inferior). Таа ги инервира следните мускули: мускулот спуштач на долната усна (musculus depressor labii inferioris), мускулот спуштач на усниот агол (musculus depressor anguli oris) и мускулот на брадата (musculus mentalis).

Вратната гранка на лицевиот живец се протега нанапред под платизмата и формира низа лакови низ страната на вратот над супрахиоидниот регион. Една гранка се спушта за да се приклучи на вратниот кожен живец (nervus transversus colli) од вратниот сплет (plexus cervicalis). Вратната гранка на лицевиот живец ја снабдува платизмата.

Развој[уреди | уреди извор]

Ембриолошки лицевиот живец е изведен од вториот фарингеален лак (arcus pharyngei). Вториот лак се нарекува хиоиден лак бидејќи придонесува за формирање на помалиот рог и горниот дел од телото на подјазичната (или хиоидна) коска (остатокот од подјазичната коска го формира третиот фарингеален лак). Лицевиот живец дава моторна и сензорна инервација на мускулите кои се формираат од вториот фарингеален лак. Моторниот дел на лицевиот живец е изведен од базалната плоча (lamina basalis) на ембрионалниот Варолиев мост, додека сензорниот дел потекнува од мозочниот гребен (crista neuralis cranialis).[5]

Иако предните две третини на јазикот потекнуваат од првиот фарингеален лак, од кој исто така потекнува и трогранковиот живец, овој живец не ја обезбедува целата инервација на јазикот. Јазичната гранка на долновиличниот живец (nervus mandibularis, V3) дава сензации на притисок, топлина, текстура на предниот дел на јазикот преку општи соматски аферентни влакна. Нервни влакна за вкус се снабдени од тапанската врвца (nervus chorda tympani), која е гранка на лицевиот живец, преку специјални висцерални аферентни влакна.[6]

Функција[уреди | уреди извор]

Израз на лицето[уреди | уреди извор]

Главната функција на лицевиот живец е моторна контрола на сите мимични мускули (musculi faciei). Тој, исто така, го инервира задното меше на двомешестиот мускул (musculus digastricus), стилохиоидниот мускул (musculus stylohyoideus) и мускулот на узенгијата (musculus stapedius) во средното уво. Сите овие мускули се напречно-пругасти мускули со бранхиомерно потекло кои се развиваат од вториот фарингеален лак.

Сензации од лицето[уреди | уреди извор]

Дополнително, лицевиот живец спроведува сензации на вкус од предните две третини на јазикот преку тапанската врвца (nervus chorda tympani). Сензациите за вкус се испраќаат до горниот дел на nucleus tractus solitarii medullae oblongatae. Општите сензации од предните две третини на јазикот се спроведуваат од аферентни влакна на третата гранка на трогранковиот живец (V3). Овие сензорни (V3) и вкусни (VII) влакна патуваат заедно како јазичен живец (nervus lingualis) пред тапанската врвца да го напушти јазичниот живец за да влезе во средното уво преку петротимпаничната пукнатина (fissura petrotympanica). Овде тапанската врвца  се спојува со остатокот од лицевиот живец преку каналчето на тапанската врвца. Лицевиот живец потоа го формира коленестиот ганглион (ganglion geniculi nervi facialis), кој ги содржи клеточните тела на аферентните влакна за вкус на тапанската врвца и други сензорни патишта. Од коленестиот ганглион, аферентните влакна за вкус продолжуваат како посреден живец (nervus intermedius), кој оди до горниот преден квадрант на фундусот на внатрешниот слушен канал (meatus acusticus internus) заедно со моторниот корен на лицевиот живец. Посредниот живец доаѓа до задната черепна јама преку внатрешниот слушен канал пред да гради синапси во nucleus tractus solitarii medullae oblongatae.

Лицевиот живец, исто така, обезбедува малку аферентна инервација на орофаринксот под непчаниот крајник (tonsilla palatina). Исто така, посредниот живец носи малку кожни сензации од регионот на ушната школка (auricula).

Други функции[уреди | уреди извор]

Лицевиот живец, исто така, носи парасимпатични влакна до подвиличните жлезди (glandula submandibularis) и подјазичните жлезди (glandula sublingualis) преку тапанската врвца. Парасимпатичната инервација служи за зголемување на протокот на плунка од овие жлезди. Лицевиот живец, исто така, обезбедува парасимпатична инервација на носната слузница и солзните жлезди (glandula lacrimalis) преку крилестонепчаниот ганглион (ganglion pterygopalatinum). Парасимпатичните влакна кои патуваат со лицевиот живец потекнуваат од горното саливаторно јадро (nucleus salivatorius superior).

Функционални компоненти[уреди | уреди извор]

Лицевиот живец носи аксони од типот GSA (англ. General Somatic Afferent, општи соматски аферентни влакна), до кожата на задното уво.

Лицевиот живец, исто така, носи аксони од типот GVE (англ. General Visceral Efferent, општи висцерални еферентни влакна), кои ги инервираат подјазичните, подвиличните и солзните жлезди, и мукозата на носната празнина.

Аксоните од типот SVE (англ. Special Visceral Efferent, специјални висцерални еферентни влакна) ги инервирани мимичните мускули на лицето, мускулот на узенгијата, задното меше на двомешестиот мускул и стилохиоидниот мускул.

Аксоните од типот SVA (англ. Special Visceral Afferent, специјални висцерални аферентни влакна) ја спроведуваат сензацијата за вкус од предните две третини од јазикот преку тапанската врвца.

Клиничко значење[уреди | уреди извор]

Парализа[уреди | уреди извор]

Луѓето може да страдаат од акутна парализа на лицевиот живец, која обично се манифестира со парализа на лицето.[7] Беловата парализа е еден вид на идиопатска акутна парализа на лицевиот живец, која најверојатно се јавува како резултат на вирусна инфекција, а понекогаш и како резултат на Лајмска болест. Јатрогената Белова парализа може да се јави како резултат на неправилно администриран дентален локален анестетик (блок на долниот алвеоларен нерв).

Испитување[уреди | уреди извор]

Волните движења на лицето, како што се збрчкување на веѓите, покажување заби, муртење, цврсто затворање на очите (неможноста да се направи тоа се нарекува лагофталмус), стискање на усните и дување на образите, се користат за тестирање на функционалноста на лицевиот живец.

Дополнителни слики[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „The Facial Nerve (CN VII) - Course - Functions - TeachMeAnatomy“. teachmeanatomy.info. Посетено на 2022-07-08.
  2. „facial nerve | anatomy | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2022-07-08.
  3. Gupta, Sachin; Mends, Francine; Hagiwara, Mari; Fatterpekar, Girish; Roehm, Pamela C. (2013). „Imaging the facial nerve: a contemporary review“. Radiology Research and Practice. 2013: 248039. doi:10.1155/2013/248039. ISSN 2090-1941. PMC 3676972. PMID 23766904.
  4. Снел, Ричард (2011). Clinical Anatomy by Regions. Lippincott Williams & Wilkins; 9th edition. ISBN 978-1451110326.
  5. Dudek (2014). BRS Embryology (Board Review Series). LWW; Sixth edition. ISBN 978-1451190380.
  6. Moore KL, Persaud TV, Torchia MG (2011). The Developing Human: Clinically Oriented Embryology with Student Consult Online Access, 9th Edition. Saunders. ISBN 978-1437720020.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  7. Masterson, Liam; Vallis, Martin; Quinlivan, Ros; Prinsley, Peter (2015-09-16). „Assessment and management of facial nerve palsy“. BMJ (Clinical research ed.). 351: h3725. doi:10.1136/bmj.h3725. ISSN 1756-1833. PMID 26378061.