Лисистрата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Лисистрата (грчки: ΛΥΣIΣTPATН) - е драма (од жанрот комедија) на старогрчкиот писател Аристофан.

Ликови[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]

  • Лисистрата, атинска жена
  • Калоника, атинска жена
  • Мирина, атинска жена
  • Стратилида, атинска жена
  • Лампита, спартанска жена
  • Други жени
  • Советник, атински маж
  • Кинесија, сопругот на Мирина
  • Неговиот син
  • Гласник од Лакедемон
  • Пратеник од Лакедемон
  • Неколку безработници
  • Слуга
  • Атински маж
  • Пратеник од Атина
  • Хор од атински старци
  • Хор од атински жени

Содржина[уреди | уреди извор]

Најпрвин, дејството на драмата се одвива на една атинска улица, а потоа пред храмот на Акропол, во 411 година п.н.е.[1]

Прв чин[уреди | уреди извор]

Лисистрата излегува на улица и загрижено гледа лево-десно, нестрпливо очекувајќи некого. Пристигнуваат Калоника, Лампита и Мирина, а подоцна и многу други жени, не само од Атина, туку и од Беотија, Спарта и од други места. Лисистрата им го образложува својот план со цел да ги натераат мажите да престанат да војуваат: Жените ќе се затворат во храмот на Акропол, а мажите, не можејќи да издржат без сексуалните односи, ќе бидат принудени да попуштат. Жените положуваат заклетва.[2]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Атинските старци се упатуваат кон Акропол со намера да ги избркаат жените со помош на оган, но жените набрзина полнат кофи со вода и успеваат да се одбранат. Кај храмот пристигнува и член на атинскиот совет во придружба на двајца полицајци, но тие бегаат исплашени од жените. Помеѓу мажите и жените настанува кавга: мажите им се потсмеваат на жените, истакнувајќи ги нивните слабости, додека жените се жалат на својата потчинета положба. Притоа, тие цврсто ја повторуваат својата намера да ја спасат Грција од војните.[3]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Лисистрата е вознемирена, зашто жените почнуваат да попуштаат и, со разни изговори, сакаат да си одат дома. Пред Акропол доаѓа Кинесија и ја моли жена си да се врати дома, а таа му го разгорува сексуалниот нагон и во последниот миг бега во храмот, оставајќи го сопругот.[4]

Четврти чин[уреди | уреди извор]

Во Атина пристигнуваат пратеници од Спарта и од Лакедемон, соопштувајќи дека насекаде жените им откажале послушност на мажите. Мажите и жените почнуваат да се мират.[5]

Петти чин[уреди | уреди извор]

На мажите им се придружува и Лисистрата и пратениците од градовите ветуваат дека повеќе нема да војуваат меѓу себе. Мажите и жените се помируваат и настанува општа веселба.[6]

За делото[уреди | уреди извор]

„Лисистрата“ извршила влијание врз поголем број драмски писатели, како на пример, делото „Скротениот скротител“ (The Woman Prize or the Tamer Tamed) на англиските ренесансни писатели Френсис Бемонт и Џон Флечер. И други писатели биле инспирирани од „Лисистрата“, како: Ј.Ф. Кастели (со делото „Завереници“), Л. Анценгрубер, Адолф Вилбранд (со комедијата „Владеењето на жените“ од 1892 година), како и Р. Лаукнер и Ф. Буш (со делото „Женска завера“ од 1920 година). Исто така, Морис Донеј го преработил ова дело.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 3.
  2. Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-22.
  3. Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 23-50.
  4. Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 51-71.
  5. Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 72-77.
  6. Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 78-90.
  7. Miloš N. Đurić, „O Aristofanovoj Lisistrati“. во: Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 101-105.