Лисесто циганче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лисесто циганче
Мажјак
Пеење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Муварчиња
Род: Циганчиња
Вид: Лисесто циганче
Научен назив
Phoenicurus phoenicurus
(Linnaeus, 1758)
Подвидови
  • Phoenicurus phoenicurus phoenicurus

Лисесто циганче

  • Phoenicurus phoenicurus samamisicus

Југоисточно лисесто циганче

Лисестото циганче (науч. Phoenicurus phoenicurus), е мала врапчевидна птица од семејството на муварчињата (Muscicapidae), која порано била сместена во семејството на дроздовите (Turdidae).

Систематизација и распространетост[уреди | уреди извор]

Прифатени се два подвида. Номинираниот, P. p. phoenicurus кој го има низ цела Европа и достига до Сибир. Другиот подвид е P. p. samamisicus кој е распрострастранет појугоисточно, од Крим преку Турција, Среден Исток до централна Азија. Малку е помала од P. p. phoenicurus и кај возрасните мажјаци има слична бела дамка на крилјата како кај циганчето. Белата дамка, но малку поневпечатлтива ја има и кај младенчињата и кај женките. Подвидот е широко раширен во Турција и во јужниот дел на Балканот, во Македонија.[2][3]

Опис[уреди | уреди извор]

Женка
Гнездо со јајца

Лисестото циганче во многу нешта е слично на црвеногушката. Таа ги има истите општи особини, разговорливото поведение, има иста должина 13-14,5 см, но е малку потенка и полесна, тежи 11-23 г. Портокаловоцрвената опашка често ја ниша. Кај европските птици, само циганчето ( Phoenicurus ochrurus) има слично обоена опашка.[2][3]

Мажјакот летно време има бледо сиви глава и горни делови, освен задникот и опашката, кои, како и слабините, под крилјата и долниот дел од крилјата се портокаловокостенливи. Челото е бело, а страните на лицето и градите се црни. Крилјата и двата централни пердуви на опашката се кафеави. Портокаловото од слабините се прелева во речиси бело на стомакот. Клунот и нозете се црни. Наесен, боите на мажјакот обледуваат и му даваат исплакнат израз. Женките се покафеави, со посветли долни делови, немаат црно и сјајно перје, а грлото им е белкаво.

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Овие птици сакаат отворени, стари дабови или брезови шуми, со висока хоризонтална видливост, малку грмушки и дупки во старите дрвја каде ги сместуваат своите гнезда. Претпочитаат гнездото да им биде на работ од шумата, до чистините. Освен во шумите, птицата живее и во урбаните средини, во парковите и градините. Најчесто гнездото го прават во природните дупки на дрвјата, па во мртвите дрвја или дрвјата со мртви гранки, а користат и куќички за птици. Сакаат гнездото да им е покриено со многу мов и лишаи. Користат и стари иглолисни шуми, особено во северниот дел на опсегот.[2][3]

Поведение[уреди | уреди извор]

Исхраната на лисестото циганче

Преку лето, оваа птица живее речиси во цела Европа, западна Азија и северозападна Африка. Таа е птица преселница која зимува во централна Африка и Арабија.

Напролет, на почетокот до средината на април, први пристигнуваат мажјаците,[4] често неколку дена пред женките. Во мај, несат 5-6 светлосини јајца, а имаат и второ легло во текот на летото. Заминува за Африка меѓу средината на август и на почетокот од октомври. Се храни како другите муварчиња, со инсекти кои ги лови откако ќе пројдат покрај нив, значи претежно со летачки инсекти. Огласувањето му е разговорливо, а алармниот повик му е една тажна нота уит.[2] Песната на мажјакот е слична на црвеногушката, но само увертира, бидејќи има недовршен, изнемоштен крај.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Phoenicurus phoenicurus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Hoyo, J. del; и др. (2005). Handbook of the Birds of the World, vol. 10. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 771. ISBN 84-87334-72-5. Напосредна употреба на al. во: |first= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 Snow, D. W. & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic (Concise. изд.). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X.
  4. [1]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]