Линкестида — древна област во Горна Македонија што се протегала по средниот тек на реката Црна (Еригон), во јужниот дел на Пелагонија, со планината Баба на запад, јужниот дел на висорамнината Мариово и Кајмакчалан на исток[1][2]. Низ неа минувал познатиот антички пат Вија Егнација и преку нискиот премин Кирли-Дервен продолжувал кон Еордеја на југ. Тука живеело горномакедонското племе Линкести. Главен, а можеби и единствен вистински град во оваа област бил Хераклеја Линкестис[3], основан од кралот Филип II Македонски. Од Линкестида се зачувани засега најстарите релјефи на надгробни стели[4].