Лесковица
Лесковица | |
![]() Воздушен поглед на Лесковица | |
Координати 41°35′45″N 22°14′38″E / 41.59583°N 22.24389°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Население | 45 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2000 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 30033 |
Надм. вис. | 550 м |
Слава | Голема Богородица |
![]() |
Лесковица — село во Општина Штип, во околината на градот Штип.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во крајниот јужен дел на Општина Штип, во долината на реката Крива Лакавица, од нејзината лева страна, чиј атар се издига до сртот на планината Серта и се допира со подрачјето на Општина Неготино.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 550 метри. Од градот Штип, селото е оддалечено малку повеќе од 20 километри.[2]
До селото води асфалтен пат во должина од половина километар, кој се двои од регионалниот пат 1103 (Штип-Неготино).
Асфалтираниот пат кој води од главниот пат, завршува на почетокот на селото, и до неодамна остатокот од селото имал само земјени патишта. Во 2014 година биле асфалтирани двете главни улици во селото.[3]
Селото е поврзано со Штип со градски транспорт, локален автобус кој оди во двете насоки двапати на ден.
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Лесковица било населено уште од доцноантичко време, за што сведочат остатоците од населби на повеќе наоѓалишта во близина на селото.[4]
За време на српската окупација од 1912 до 1941 година, селото силно настрадало.[5] Од еден „Список на жртвите на теророт 1912—1915“ за двете населени места Лесковица и Пиперово се дознава:
„Се случи во 1914 година кога српските жандарми и четници со сила ги мобилизираа нашите во српската војска. Една група од 7—8 души мажи на брзина ги одведоа во српската војска. Дојдоа по други, но ниту еден од II набор не сакаше да прифати покана за војска. Нашите селани преку дезертерите имаа дознаено дека сите војници од I набор (група) се наоѓале во затвор, а имало и стрелани. Во селата се слушаа најразлични гласови. Мајките и татковците им советувале на своите деца да бегаат во Струмица веднаш по добивањето на поканата за војска. За да ги спречат младите да не бегаат, Србите го испратија во нашите села Јован Бабунски со неговите четници и жандарми.[5] И во двете села дојдоа со список во рацете и почнаа да ги апсат селаните што беа запишани во книгата: Петра Аргова Данчева, Миладин Манев Миладинов, Коце Јанев, Ефтим Ив. Илков, Гиго Василев Камчев, Тоце Јанев Шалев, Петруш Димов Томев, Христо Јовев, Стојан Димов, Богатин Георгиев, Коста Јовев, Тасе Лазаров, Стојан Миладинов, Јосиф Милев, Гуна Гелева и Миса Стефкова.[5]
Последните четворица така жестоко беа тепани, што повеќе би се рекло дека им ги кршеа ребрата, рацете, нозете, главите... Другите тринаесетмина ги измачувале во просториите на поранешниот уќумат на турскиот мудир. Бидејќи ги измачувале во близина на училиштето, селските деца го забележале настанот. Во врска со овој потресен настан ученикот Стојанчо Тр. Лазаров забележал:[5]
„Штом четниците на Јован Бабунски почнаа да ги тепаат нашите, учителот ни заповеда да пееме песни и викаше гласно: пејте посилно! Заедно со нас пееше и тој, но сепак гласовите на нашите мајки и татковци што ги мачеа во турскиот каракол, беа посилни од нашите. Едновремено учителот забележа дека сме исплашени и почна да мрмори нешто, но не се разбираше што зборува. Тој се сврте кон прозорецот, а истото го сторивме и ние. Тогаш видовме како им коват спици под ноктите, на некои од затворениците им ги сечеа прстите, а потоа искрвавените раце и нозе им ги ставаа во котел со врела вода. Сите беа раскрвавени и не се препознаваа. Добро се сеќавам на лицето на тетка Петра, целото беше издерено и во крв, и нејзиниот глас најмногу се слушаше. Учителот се сврте кон нас и пак ни рече да пееме. Јас и сите мои другари им раскажавме на домашните што видовме. Вечерта ги беа одвлекле сите 13 души, ги избоделе и ги затрупале живи во една дупка во месноста „Јанчев Дол”. Гробницата ја открија кучињата, по крвта.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 32,9 километри квадратни. На него преовладуваат шумите на површина од 1.520 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 922 хектари, а на пасиштата 615 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во минатото во селото работела земјоделска задруга.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лесковица живееле 759 жители, од кои 544 Македонци и 215 Турци.[6]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лесковица имало 760 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Поради значителна емиграција, Лесковица преминало од големо во мало село по големина. Тоа, во 1961 година имало 874 жители, а во 1994 година 195 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 113 жители, од кои 111 Македонци и 2 Срби.[9]
Според последниот попис од 2021 година, населението броело 45 жители, од кои 37 Македонци, 1 Србин и 7 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 759 | 768 | 739 | 810 | 874 | 719 | 431 | 219 | 195 | 113 | 45 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Повеќе од населението се иселени во градовите Штип, Неготино и Радовиш.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Лесковица било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Штип, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Штип.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Штип. Селото припаѓало на некогашната општина Штип во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 припаѓало на тогашната општина Лакавица.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Лакавица, во која покрај селото Лесковица, се наоѓале и селата Балталија, Брест, Гарван, Горачино, Загорци, Лакавица, Липов Дол, Љуботен, Ново Село, Пиперово, Пухче, Скоруша, Степанци, Суво Грло, Танатарци, Чифлик и Шопур. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на тогашната Општина Лесковица, во која влегувале селата Брест, Лесковица, Ново Село, Пиперово и Суво Грло.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 2301 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на продавницата.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 56 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 56 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Археолошки наоѓалишта[4]
- Бунар — населба од доцноантичкото време;
- Голема Нива — населба од доцноантичкото време;
- Дабјата — населба од доцноантичкото време;
- Дворот на Божин Николов — населба од доцноантичкото време;
- Сопот — населба од доцноантичкото време;
- Стари Гробишта — средновековна црква со некропола; и
- Суни Чешма — гроб од римско време.
- Цркви[18]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква, изградена во 1867 година; и
- Црква „Св. Димитриј“ — помала селска црква.
- Споменици
- Спомен-плоча за загинатите во НОБ
-
Селската црква „Св. Димитриј“
-
Спомен-плочата во црковниот двор на „Св. Ѓорѓи“
-
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави
- Голема Богородица — главна селска слава со црковно-народен собир во месната црква, која има голем двор кој се користи за славењето.
- Ѓурѓовден — црковна слава
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Порано во селото имало и фудбалски клуб по име Серта.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Куќи во селото
-
Куќи во селото
-
Фарми во селото
-
Селска чешма
-
Улици во селото
-
Селска чешма
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 176. Посетено на 23 февруари 2025.
- ↑ „Пуштени во употреба асфалтираните улици во штипско Лесковица“. НетПрес. НетПрес. 6 мај 2014. Посетено на 28 мај 2016.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 436. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Галев, М-р Димитар (1991). Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912–1941 година; Книга прва. Штип: Друштво на наука и уметност. стр. 634–636.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 231.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134-135.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 февруари 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 23 февруари 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|