Лекции за шаховската стратегија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лекции за шаховската стратегија
Корица на книгата
АвторАлександар Кобленц
Изворен насловУроки шахматной стратегии
ЗемјаСССР СССР
Јазикруски

Лекции за шаховската стратегија е шаховска книга од советскиот шахист и шаховски учител, Александар Кобленц. Делото е шаховски учебник, составен од шаховски лекции за различни елементи од шаховската игра, кои се објаснети не само преку анализа на шаховски партии, туку и преку анализа на конкретни шаховски композиции и композиции со задачи за читателот.

Делото било позитивно прифатено од шаховската јавност, а за тоа сведочи и предговорот во првото издание, кое го напишал поранешниот светски првак, Михаил Таљ.

Книгата е напишана на руски јазик, а првото издание било издадено во 1983 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Уште во самата посвета, којашто следува веднаш по предговорот на Михаил Таљ, авторот напоменува дека дека во делото не се наведени само практични примери, туку и композиции и задачи за читателот.

Воведниот дел е посветен на проучување на играта во завршницата, преку анализа на познати шаховски композиции. Во овој дел, авторот го запознава читателот со голем број теоретски податоци, кои ги вклучуваат: позиционите фактори, кои ги дал првиот светски првак, Штајниц, општите принципи на игра во завршницата и фазите во процесот на планирање на играта.

По анализата на играта во завршицата во воведниот дел, следуваат 13 лекции со анализа на пооделни елементи, значајни за развојот на играта.

Првите две лекции се посветени на пешачките структури, при што во првата се нагласени основните одлики на пешаците и улогата на пешаците во завршницата од партијата, додека во втората е ставен нагласок на значењето на распоредот на пешаците, кога на таблата има и други фигури.

Во третиата лекција, нагласокот е ставен на значењето на ловецот и контролата на долгите дијагонали во завршницата, додека четвртата и петтата глава се посветени на активното заемно дејствување на фигурите како влог за успех, односно трансформацијата на стратешкиот план во текот на партијата.

Следните две лекции, Кобленц ги посветил на фазата на отворањето. Во шестата е даден главен осврт на значењето на отворањето и развојот на понатамошниот тек на партијата, додека седмата лекција е посветена на значењето на центарот во почетната фаза од партијата.

Во продолжение на книгата се обрнува особено внимание на судирот на плановите за време на играта, како и тактичкта тенкост во различните позиции, додека во десеттата лекција е објаснета неочекуваната активација на фигурите во текот на партијата и нивната улога врз конечниот исход.

Последните три лекции обработуваат различни, но мошне значајни теми. Единаесеттата е посветена на Шпанската партија, со анализа на главните продолженија во отворањето и размислувањето пред одлучувањето во различните настанати позиции. Дванесеттата и тринаесеттата лекција содржат објаснување на два многу важни елементи: нападот и притисокот. Во овој дел од книгата, авторот го споменува правилото за откирвање на можностите за напад, според кое можностите за напад се откриваат по стекнувањето со положбена предност. При анализата на притисокот во шаховските позиции, особено се нагласува значењето на централизираниот коњ, пешачките острови и положбената жртва.

Стил на пишување[уреди | уреди извор]

Стилот на изразување, кој го употребил Кобленц при создавањето на делото е на повисоко шаховско ниво, со употреба на голем број на стручни поими. Сепак, читателот е задоволен со бројните теоретски податоци и анализирани позиции, кои му овозможуваат да ја сфати суштината на секој од овие поими. Сите лекции, завршуваат со композиции со задачи за читателот, чии одговори опширно се објаснети на крајот од книгата. Поголем дел од лекциите, содржат и дел со поднаслов „Практичен пример“, кој содржи анализа на некои важни елементи поврзани со содржината во лекцијата, преку шаховска партии.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]