Лекарственик на Свети Јоаникиј
Лекарственик на Свети Јоаникиј (именуван како Лекаруша) — лекарственик напишан од Свети Јоаникиј Ракотински во 1884 година. Авторството е посведочено со негов своерачен потпис („Сия книга лекарство собралъ и писалъ Iωанникий Священоинокъ 1884 л. 30 Августъ“). Ракописот се чува во Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Лекарственикот на Свети Јоаникиј содржи 101 рецепт, од кои 94 се нумерирани, а останатите се дадени на крајот од ракописот. Списот започнува со христијански поуки во вид на прашања и одговори, потоа следи насловен дел именуван како ωглавленїе (еден вид содржина на лекарственикот, каде покрај упатството за лекување се дава и страницата каде тоа е запишано)[б 1]. Лекарственикот е напишан со делумно црковнословенско полууставно писмо (и по примерот на тогашните печатени изданија, содржи многу подновувања и измени), а делумно на современо ракописно писмо, употребувајќи и неколку графии од руската и од бугарската граѓанска кирилица (како щ,я,й). Со полуустав е напишана содржината на ракописот, првиот и половина од вториот рецепт, како и поголемиот дел од 39. до 94. упатство за лекување, а потоа и следните шест. Со брзопис, пак, е напишан останатиот текст (почетната страница, поголемиот дел од вториот рецепт и сите следни до 38., како и последниот рецепт којшто не е нумериран). Се претпоставува дека текстовите со брзопис се напишани лично од Свети Јоаникиј, додека другиот дел веројатно е напишан од негов соработник или помошник. Според стручњаците, од јазичен аспект, во него е најзначајна богатата лексика, а мешањето на особеностите од различни македонски наречја само посочува на компилациската особеност на ракописот, употребувајќи и ракописи што не биле пишувани на македонски народен јазик. Употребата на елементи, пак, својствени за нашиот јазичен простор упатува на тежнеењето на пишувачот да биде што е можно поразбирлив и поприфатлив за оние за кого и бил наменет овој лекарственик. [1]
Лекарственикот е од исклучително значење за историјата на медицината на овие простори, имајќи предвид дека содржи упатства за подготовка на лекарства за многу заболувања (стомачни, белодробни, кожни и др.), со што сведочи не само за нивото на развој на месната народна медицина, туку и за степенот на развој на научната медицина во раздобјето кога е напишан овој ракопис. [1]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Овој дел не е целосен, затоа што се запишани само рецептите до број 47
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 „ПИСМЕНОТО И КНИЖЕВНОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО СКОПЈЕ И СКОПСКО/РАКОПИСИТЕ НА СВЕТИ ЈОАНИКИЈ РАКОТИНСКИ“ (PDF). Ѓоко Ѓорѓевски. Институт за македонска литература. 2022. Посетено на 10 јануари 2025.