Лекарска комора на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Лекарската комора на Македонија е формирана на 5 јуни 1992 година. Иницијативата за формирањето на Комората во Македонското лекарско друштво ја покренуваат неколку доктори врз основа на сознанијата што тие ги имаат за развиените земји во светот.

Собранието е одржано во просториите во Болницата на Армијата на Република Македонија во Скопје. На Првата конститутивна седница, меѓу другите, присуствувал и Киро Глигоров првиот претседател на Република Македонија. По уводниот збор на проф. д-р Јован Тофовски и поздравниот говор на Киро Глигоров делегатите усвоиле Статут и Кодекс на медицинската деонтологија на Комората. Биле избрани и органите и телата на Лекарската комора. За претседател е избран проф. д-р Алексеј Дума.

Двата документа делумно се изменети и дополнети на Втората седница на Собранието одржана на 27 мај 1993 година во Скопје. Статутот е изменет и дополнет и во февруари 2000 година.

Во Лекарската комора на Македонија во почетокот членувале доктори по медицина и доктори по стоматологија. Во 1995 година стоматолозите се издвојуваат и формираат посебна Стоматолошка комора.

Лекарската комора на Македонија е наследник на лекарската комора која постоела на овие простори во третата деценија на минатиот век во тогашното Кралство Југославија. Седиштето на комората која ја покривала тогашната Вардарска бановина било во Скопје. Во комората членувале сите доктори и стоматолози што било обврска за да можат да ординираат. Се плаќало членарина и тоа во месните писарници во општинските полициски станици.

Во Лекарската комора на Македонија членуваат вкупно 4.038 доктори. Од нив 3847 доктори ја имаат подигнато членската карта.

Лекарската комора на Македонија, на барање на докторите, до декември 2001 година издала вкупно 3106 лиценци.

Сите членови на Комората се организирани во 42 општински одбори.

Цели[уреди | уреди извор]

Лекарската комора на Македонија е самостојна и професионална организација на докторите по медицина, здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, за следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, како и заради заштита на интересите на лекарската професија. Комората ги застапува и ги заштитува интересите на членовите на Комората а се грижи и за угледот при вршењето на лекарската професија.


Задачи[уреди | уреди извор]

Задачите на Лекарската комора може да се сублимираат во следниве точки:

  • Се грижи за почитување на етичките и правни норми при вршењето на медицинската практика;
  • Води сметка за придржувањето кон моралните принципи, чесноста и неопходната преданост кон медицинската професија, за угледот на докторите и за чувањето на лекарската тајна;
  • Води регистер на доктори во Република Македонија;
  • Донесува акти во врска со лиценците за работа на докторите;
  • Ја брани честа и независноста на медицинската професија;
  • Работи на унапредување на стручноста и го поттикнува постојаното усовршување на своите членови;
  • Ја поттикнува соработката меѓу членовите и ги разгледува и смирува евентуалнтите спорови меѓу нив;
  • Се грижи за правна, социјална и друг вид заштита на своите членови и
  • Се бори против сите видови надрилекарство

Надворешни врски[уреди | уреди извор]