Легенда за спијачите

Од Википедија — слободната енциклопедија

Легенда за спијачите (српски: Легенда о спавачима) — расказ на српскиот писател Данило Киш, дел од збирката раскази „Енциклопедија на мртвите“ од 1983 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Расказот се состои од 20 мали делови. Во една пештера, на ридот Целион, лежат тројца мртовци - Дионизиј, неговиот пријател Малхус и овчарот Јован, заедно со неговото куче Китмир. Прв се буди Дионизиј, кој во себе ги повикува Господ, но и името на саканата Приска. Тогаш, Дионизиј почнува да се сеќава како луѓето дошле во пештерата, носејќи икони и пеејќи псалми, како нивните тела ги носеле низ пештерата, како ги положиле на воловска кола, како влегле низ градската капија, итн. Притоа, цело време Дионизиј се прашува дали сето тоа било јаве или сон.[1]

Осврт кон расказот[уреди | уреди извор]

Во пост-скриптумот кон збирката, Киш објаснува дека инспирацијата за расказот потекнува од легендата за седумтемина спијачи од Ефес, која потекнува од Коранот, а која на почетокот од 6 век била забележана и од сирискиот автор Саруг. Подоцна, легендата ја обработил и арапскиот писател Тауфик ал-Хаким во својата драма „Пештера“, а таа се споменува и во коментарите кон романот на Јан Потоцки, „Ракопис најден во Сарагоса“. Според легендата, во 250 година, седум млади луѓе од Ефес (Константин, Дионизиј, Јован, Максимилијан, малхус, Мартинијан и Серапион) побегнале од прогонствата на Дециј во една пештера на ридот Целион. По 230 години (или, според друга верзија, по 309 години), тие се разбудиле, но набргу умреле, а нивните тела биле пренесени во Марсеј. Мотото на расказот Киш го презел од осумнаесеттата сурата на Коранот, со наслов: „Пештера“.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Legenda o spavačima“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 61-82.
  2. „Post scriptum“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 166-167.