Лариса Генијуш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лариса Генијуш

Лариса Генијуш (белоруски: Ларыса Геніюш; 9 август 1910 - 7 април 1983 година) — белоруска поетеса, писател и активен учесник во националното движење.

Животопис[уреди | уреди извор]

Детство и младост[уреди | уреди извор]

Лариса Генијуш е родена како Лариса Миклашевич, на 9 август 1910 година во Жлобович, во Гродњенска Област, северозападна Белорусија, во семејство на имотни земјопоседници. Таа имала повеќе браќа и сестри. Посетувала полско училиште, а во 1928 година успешно ја завршила полската гимназија во Волковиск. Била добро запознаена со светската литература, со полските, скандинавските и англиските класици. Уште како млада почнала да пишува поезија.

Живот во Прага[уреди | уреди извор]

На 3 февруари 1935 година, Лариса Миклашевич се омажила за Иван Генијуш, студент по медицина кој студирал на Карловиот универзитет во Прага. Во 1937 година по раѓањето на синот Јурка, таа му се придружила на сопругот во Прага. Таму и била соседка Александра Косач-Шимановскаја, сестра на познатата украинска писателка Лесја Украинка, која со своето дело имала големо влијание на белоруските поети. Првата печатена поема на Лариса Генијуш била во 1939 година, во берлинскиот весник „Раніца“, кој бил весник на белоруските емигранти. Во 1942 година, била издадена нејзината прва збирка на поезија „Ад родных ніў“. Поезијата била исполнета со носталгија и размислувања за судбината на нејзината татковина.

Кога во 1939 година, Црвената армија ја заземала западна Белорусија, нејзиниот татко Антон Миклашевич бил стрелан, а мајка и со двете сестри биле депортирани во Казахстан. Според одлуката на тогашниот претседател на Белоруската Народна Република, Васил Зачарка, Лариса Генијуш била назначена за генерален секретар на Владата на Белоруската Народна Република во егзил, во март 1943 година. Таа ја организирала и сочувала архивата на Белоруската Народна Република, се грижела за белоруските имигранти, политички бегалци и воени заробеници. Највредниот дел од архивата таа ја сокрила на локација надвор од дофатот на НКВД и МГБ (Министерство за безбедност на Советскиот Сојуз), поради што подоцна безбедносната служба на Советскиот Сојуз ја мачела во затвор.

Апсење и осуда[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна, Лариса Генијуш заедно со сопругот и синот живееле во градот Вимперк, блиску до Прага. На 5 март 1948 година, тие биле уапсени од МГБ. И двајцата сопружници биле држени во затвор во Чехословачка и во Љвов во Украина. Во октомври 1948 година, биле префрлени во затворот во Минск. Тука поетесата била испрашувана и мачена од белорускиот министер за државна безбедност Лаврентиј Цанава.

На 7 февруари 1949 година, и двајцата биле осудени на 25-годишна затворска казна. Лариса својата казна ја отслужувала во логорот во Коми АССР. Во логорот, таа била пример за огромната духовна сила во обединување на белоруските затвореници и затворениците од другите националности. Во затворот продолжила да пишува поезија. Затворениците ја нарекувале Мајка, учејќи ги нејзините песни на памет и рецитирајќи ги како молитва. Таа била ослободена во 1956 година, по осумгодишна затворска казна.

Судбината на другите членови од нејзиното семејство била трагична. Нејзината мајка и двете сестри починале во 1945 година, во Казахстан. Нејзиниот брат Аркаџ, загинал како војник на 27 јули 1944 година, во Битката за Монтекасино, попозната како Битката за Рим, во Италија, а вториот брат загинал како војник на полската војска на крај од април 1945 година, блиску до Берлин.

Годините во Зељва[уреди | уреди извор]

По ослободувањето, Лариса Генијуш живеела во домот на својот сопруг во белорускиот град Зељва. И двајцата сопружници одбиле да го примат државјанството на Советскиот Сојуз и до крајот на нивниот живот во пасошот им стоела забелешката – без државјанство. Тие неколкупати побарале рехабилитација, но сите нивни барања биле одбиени со одговор дека осудата била законска. Поетесата била следена од службата на КГБ насекаде, писмата што ги добивала биле отворани, а во куќата и биле поставувани апарати за прислушкување. На сопругот му дозволиле да работи како лекар во локалната болница, но нејзе само на кратко и дозволиле да работи како чистачка. Во 1979 година, нејзиниот сопруг починал, а нејзе и била дадена мала пензија. Властите не ѝ дозволиле да има мирна старост, а само еднаш и било дозволено да го посети својот син Јурга, кој живеел во Белосток, во Полска.[1]

Цели десет години нејзините песни биле строго забранети. Само во 1963 година, нејзините песни напишани по затворскиот период за првпат биле објавени во белоруски списанија. Првата збирка на делото на Лариса Генијуш во Белорусија под наслов „Невадам зь Нёмана“ била објавена во 1967 година, благодарение на тогашниот претседател на врховниот совет на Белоруската Советска Социјалистичка Република, Максим Танк. Оваа збирка песни покрај новите песни од периодот на Зељва, содржела и песни од нејзината прва збирка „Ад родных ніў“, а имало и цензурирани делови. По ова нејзе ѝ било дозволено да објавува само детска поезија.

Смрт[уреди | уреди извор]

Таа починала во 1983 година, а на нејзиниот погреб присуствувале илјадници луѓе.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Поезија[уреди | уреди извор]

  • Ад родных ніў (Прага, 1942; повторно печатена: Слоним, 1995)
  • Невадам з Нёмана (Минск, 1967)
  • На чабары настоена. Лірыка (Минск, 1982)
  • Dzieviać vieršaǔ (Бјеласток, 1987)
  • Белы сон: Вершы і паэмы (Минск, 1990)
  • Вершы: Рукапісны зборнік з 1945—1947 (Лондон, 1992)
  • Маці і сын (пад адной вокладкай зборнікі Ларысы Геніюш «Сэрца» і Юркі Геніюша «Да свету») (Бјеласток, 1992)
  • Выбраныя вершы (Минск, 1997)
  • Выбраныя творы (Минск, 2000)

Книги за деца[уреди | уреди извор]

  • Казкі для Міхаські (Минск, 1972)
  • Добрай раніцы, Алесь (Минск, 1976)

Други дела[уреди | уреди извор]

  • Споведзь: (успаміны) (Минск, 1993)
  • Каб вы ведалі: З эпісталярнай спадчыны (1945-1983) (Минск, 2005)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Геніюш, Ларыса (2005). Каб вы ведалі: З эпісталярнай спадчыны (1945-1983). Мінск: Лімарыус. стр. 5–12. ISBN 9856740487.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]