Ландгроф

Ландгроф (германски: Landgraf) — кнежевска титула што стои над обичното грофовско достоинство. Во Светото Римско Царство, најдоцна од доцниот среден век, ландгрофовите, маркгрофовите и некои пфалцгрофови припаѓале на императорското кнежевско достоинство, со што фактички биле изедначени со војводите.
Историја
[уреди | уреди извор]Првично, ландгрофот бил кралски или императорски службеник, кој поседувал имоти доделени како феуд право од императорот. Притоа, ландгрoфовите не ѝ подлегнувале на власта на војводи, маркгрофови или епископи, туку во рамките на своите поседи имале власт рамноправна со таа на војводите. Ландгрофовите биле непосредни вазали на кралот или императорот.[1] Оваа уредба била воведена со цел да се ослаби моќта на моќните војводи.
Во средниот век, најзначајна била титулата ландгроф на Тирингија, позната од почетокот на XII век. По изумирањето на тириншките ландгрофови од династијата Лудовинг, титулата ландгроф на Тирингија, по Тириншката наследна војна, преминала кај маркгрофовите на Мајсен од династијата Ветини, роднини на Лудовинзите по женска линија. Ветините ја носеле титулата сѐ до 1572 г., кога започнало делењето на имотите на Ернестинската линија, а Тирингија престанала да биде единствено поседништво и се распаднала на бројни мали кнежевства.
Во 1292 г. била создадена титулата ландгроф на Хесен, која заедно со дел од тириншките поседи и со статус на императорски кнез ја добил Хајнрих I Детето, чија мајка била ќерка на последниот тириншки ландгроф од династијата Лудовинг. Кај неговите потомци, оваа титула повеќепати се делела.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Landgrave | Germanic States, Feudalism, Elective Monarchy | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2025-04-19.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|