Лактат дехидрогеназа (LDH) е ензим кој се наоѓа во речиси сите живи клетки (животински, растителни и прокариотски). LDH ја катализира претворањето на лактат во пируват и обратно, како и претворањето на кофакторот NAD+ во NADH и обратно. Дехидрогеназа е ензим кој врши трансфер на хидрид од една молекула на друга.
Лактат дехидрогеназата е составена од четири подединици (тетрамер). Двете најзначајни подединици се белковините LDH-M и LDH-H, енкодирани од страна на гените LDHA и LDHB, соодветно. Овие две подединици можат да формираат пет возможни тетрамери (изоензими): 4H, 4M, и три мешани тетрамери (3H1M, 2H2M, 1H3M). Овие пет изоформи се ензимски слични, но различно се распространети во ткивата: главниот изоензим во скелетните мускули и црниот дроб, M4, има четири мускулни (M) подединици, додека H4 кој е главен изоензим во срцето кај повеќето видови содржи четири срцеви (H) подединици.