Лазо Колевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Лазо Лавски)
Лазо Колевски
Роден 1918
Мрзен Ораовец, Македонија Македонија
Починал 2 март 1942
Плетвар, Македонија Македонија
Националност Македонец
Биста на Лазо Филипоски во Прилеп
Биста на Лазо Филипоски во Прилеп

Лазо Филипов Колевски – Лавски (познат и како Лазо Филипоски) (Мрзен Ораовец, Кавадаречко, 1918 - Плетвар, 2 март 1942) — македонски комунист, учесник во НОВ. Заедно со Боро Петрушевски, Колевски бил првиот кој на 8 септември 1941 година убил непријателски војник по окупацијата на Македонија во Втората светска војна. Прогласен е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Рано останал без мајка и тешкиот живот го принудил заедно со татко му да се пресели во Прилеп, каде што завршил основно образование. Во 1935 година се преселил во Градско, каде работел како чирак во една пекарница. Во Велес дошол во контакт со тамошните револуционери и од тој момент започнал неговиот бурен живот.

Во 1937 година заминал на печалба во Белград, каде што се вклучил во тамошното синдикално движење. Таму се запознал со прилепската група студенти и станал посебно близок со Кузман Јосифовски - Питу, кој во тоа време се школувал во Белград.

По враќањето во Прилеп станува активен член на УРС-овите синдикати, а во 1940 година станува член на КПЈ.[2] Истата година учествува во илинденските демонстрации во Прилеп. Еден месец подоцна, полицијата го запленила весникот „Пролетер“ и други партиски материјали, при што биле уапсени голем број лица, меѓу кои и Колевски. Затворен бил 15 дена, а поради неговото храбро држење го добил прекарот Лавски.[3]

Учество во НОВ[уреди | уреди извор]

Споменик на Плетвар на местото на убиството на Лазо Колевски и Борка Талески

По капитулацијата на Југославија бил член на Месниот воен штаб на МК на КПЈ во Прилеп и инструктор за ракување со оружје, а едно од складиштата за оружје била и неговата куќа.

На 8 септември 1941 година, заедно со Ѓоре Велкоски, Гиго Менкароски и Борко Петрески, по добиена задача од Месниот комитет, оди кај тунелот на Бабуна со цел да ги испита условите за минирање на железничкиот тунел кај село Гостиражни. Колевски, Велкоски и Менкароски, извршувајќи ја поставената задача, наишле на бугарска стража што го обезбедувала тунелот при што биле сопрени и им биле побарани лични документи. Колевски, наместо лична карта, го извадил револверот и стрелал во стражарот, кој паднал убиен. Во престрелката бил ранет уште еден окупаторски војник.[4]

Набрзо потоа, Колевски е еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 година, во месноста Бидимаш на Селечка, ја формираат првата партизанска чета.[5] По вклучувањето на четата во Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и Колевски станал дел од Одредот, а на 25 октомври 1941 година, со само 23 години, е назначен за негов заменик командант.[6]

По расформирањето на одредот, преминал во илегала. На почетокот на 1942 година оди по партиска работа во Тиквешката околија. На 2 март 1942 година, враќајќи се од Кавадарци за Прилеп, заедно со Борка Талески – Модерното, близу Плетвар наидуваат на бугарска заседа, при што загинуваат и двајцата.

За народен херој бил прогласен на 11 октомври 1953 година.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 712-713 стр.
  2. Ице Ацески – Рапеш „Нескршливите“, Прилеп, 1991, 69-70 стр.
  3. „Лазо Колевски - Лавски“, Old Prilep[мртва врска]
  4. Ацески, цит. дело, 36 стр.
  5. „Јоска Јорданоски – Сандански“, Old Prilep[мртва врска]
  6. Љубен Георгиевски - Љупта, „Тарцан: монографија за Трајко Бошкоски-Тарцан–Илинденски“, Скопје, 1994, 216 стр.
  7. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 185