Лазо Ангеловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лазо Ангеловски
Родена 1925
Лерин, Егејска Македонија - Кралство Грција
(денес Грција)
Починала 1 август 1948
Лерин
Националност Македонец
Занимање Учител и партизан

Лазо Ангеловски (10 август 1925 во Граждано, Леринско19 август 1948 во Лерин) ― деец на македонското национално движење.[1] Еден од организаторите на македонската просвета во Егејска Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949). Отворил 87 македонски училишта во коишто учеле 10.000 ученици.[2]

Животопис[уреди | уреди извор]

Лазо Ангеловски е роден на 10 август 1925 година во селото Граждано, Егејска Македонија, во сиромашно печалбарско семејство. Татко му Филип по вторпат во 1927 бил принуден да емигрира во САД и на тој начин ги одбегнал владините грчки обвинувања за членувањето во Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО), која делувала и во Америка. Завршува основно и средно образование на грчки.

Уште како ученик на средното училиште во Лерин, постојано бил исмеван од наставниците кои го нарекувале „Бугарин“ или „Незнамис“ („Г-дин Не знам“). Ваквиот однос, како и секојдневниот терор кој грчките власти го спроведуваа врз македонскиот народ и другите малцинства, ќе го привлечат него кон младинската организација на Македонското биро ОКНЕ, која во февруари 1943 година се обединува со другите прогресивни младински организации во ЕПОН[3] (Национална панеленистичка организација на младите).

Во редовите на Организацијата, младиот Лазо се издигнал во прав деец на македонското национално движење. Како член на Комисија на ОКНЕ, Лазо активно учествува во организирањето на младите во родното место за време на нацистичката окупација.

Дејствувањето на Лазо Ангеловски било откриено од грчките власти, по што бил избркан од училиштето. Сепак, тој успева да го продолжи учењето и да ја заврши гимназијата како еден од најдобрите ученици. Лазо за една година ги совладувал предметите кои со наставната програма биле предвидени за две години.

Заложби за Македонците во време на грчката граѓанска војна[уреди | уреди извор]

По започнувањето на Граѓанската војна во Грција (30 март 1946), Лазо Ангеловски за да му помогне на својот народ, доброволно се вратил во Егејскиот дел на Македонија кон крајот на 1946 година. Во 1947 година бил избран да ја врши функцијата секретар на Окружниот одбор на народната власт во Леринско. Истовремено тој му се посветува на просветната дејност.

Како искусен педагог, кој добро го владее македонскиот и грчкиот јазик. На Лазо Ангеловски му било доверено на слободната територија со други соработници да организира курс на македонски јазик за народните учители. Така тој станал еден од првите обучувачи на учителскиот курс „Гоце Делчев“ кој се одвивал во село Герман и Желево, Преспанско. По завршувањето на курсот на кој се обучени 120 македонски и 40 грчки учители, Лазо отворил 87 македонски училишта[1] во коишто учеле 10.000 ученици, а потоа ја извршувал задачата на просветен инспектор.

Сериозен во својата работа, Лазо Ангеловски кој тргнувал од мотото дека „Сите македонски деца мора да бидат во можност да научат да читаат и пишуваат на својот мајчин јазик“, одел од село во село и со младешки жар неуморно работел на искоренување на неписменоста. Меѓутоа, во почетокот на 1948 година наставата била прекината поради интензивни бомбардирања од страна на војската на грчката монархофашистичка војска. Набргу потоа била донесена одлука за евакуација на децата, а Лазо бил назначен за главен координатор.

Свесен дека одговорот на грчкиот национализам лежи во образованието на мајчин јазик, во 1944 година, Лазо заминал во Битола, каде завршил учителски курс по македонски јазик. По завршувањето на курсот бил назначен за народен учител во село Брајчино, а подоцна, со решение на Министерството за просвета на НР Македонија, бил назначен за управник во Смилевската гимназија.

Во 1946 година, Лазо Ангеловски работи во Министерството за просвета во Скопје, а истата година бил назначен и за управник на детскиот дом “Мерџан“ во Тетово. Исто така го води и Домот за деца без родители во Скопје.

Политичката и воена организација на Македонците од Егејска Македонија, Народно ослободителниот фронт (НОФ), одигра голема улога во евакуацијата и спасувањето на децата. По донесувањето на одлуката за доброволно заминување на малолетните деца, Организацијата формира посебни комисии под раководство на главниот инспектор за македонските учители Лазо Ангеловски. Пријавувањето на децата траело до крајот на февруари 1948 година, а по нивното испраќање преку границата, Лазо останал за да се бори со својот народ.

Лазо неуморно дејствуваше политички и надвор од слободната територија на ДАГ. Најмногу во костурските и во леринските села.

Измачување и негово убиство[уреди | уреди извор]

Престојот во селото Буф, каде што се сместил во куќата на Аврам, се поврзува со неговото убиство. Таму Лазо се сретнал со членовите на Народниот одбор и со младинските активисти. По кратко пешачење низ селската шума на Буф, се слушнале извици: "Алт" ("Стој")! Па, потоа се слушнале истрели. Лазо бил ранет во левата нога. Тој со тешки маки се довлечкал до местото Бела Вода, каде што во обидот да се напие вода бил фатен од грчките војници. При испитувањето бил неизмерно храбар, никого не предал. На прашање на истражниот орган, Лазо одговорил: "Ако ме обвинувате за предавство на грчкиот народ, треба да знаете дека мене како Македонец со тој народ ме поврзува заедничката борба што ја водиме против грчката монархија". А, на прашањето за децата, Лазо му одговорил: "Не грижете се за нив. Тие се безбедни, повеќе не умираат од глад и не страдаат од вашите бомбардирања".

Претсмртното писмо на Лазо Ангеловски[уреди | уреди извор]

Еден ден пред да биде погубен, Лазо како да знаел што го чека и испратил писмо до неговиот чичко Атанас. Неговото писмо го изнел и предал на чичко му, еден затвореник од селото Герман.[4]

Незаборавен чичко Атанас!

Со тебе сме делеле добро и зло. Не знам дали научи за нашето нештастие. Фатен сум од страна на грчките монархофашисти. Во затвор cyм, во темница, во Лерин. Нема ништо до мене, сал тиранин стражар на врата стои и мене ме чува, со мене не зборува. Распарчен cyм во устата со куршум. Левата рака ме боли, сум тепан со кундак. Чичко, знам дека веднаш ќе се лутиш ти на мене и ќе плачеш за мене...Знам, највеќе ќе се лутиш за тоа што не те послушав тебе, ама се е свршено, судбината таква била. 3наj, зборовите твои ме душат ама ceгa се е nразно. Јас немам поблизок од тебе. Јас, памтам, како заедно живеевме и зборувавме по цели ноќи. Затоа прости за секогаш. Знам, што те кладов во големо нештастие...Се, оставам на тебе. Ако го земаш ова пиcмo па ти извести ги моите роднини : татко, мајка и другите мои. Јас и порано ти пишав за се, оставам топли засекогаш поздрави до сите мои, мајка и сестри. Не, сакам да речам Вие сите заради мене ќе плачете, зошто - кога си ти... Чичко, ако го земаш писмото бездруго знај за последното ова: оставам мајка, татко и сестри две на тебе. Засекогаш ти да ги гледаш. Јас нема друго што да ти пишувам. Ти знаеш, затоа што ти мене ме советуваше. Затоа, од тебе сум крајно благодарен. Секогаш очекувам да умрам...Мачен сум по казна, тепан, да не ти пишувам, ме тераат да зборувам за движењето, против ДАГ па потоа да бидам ослободен. Јас избрав смрт, не, нема да зборувам по никоја цена. Ранет сум, во уста, секој ден пред мене водат наши другари на стрелање. Тие збогум од сите нас земаат. Едни ги бесат, други ги стрелаат... Вратата се отвора, до мене таков глас се слуша: пискања и врескања, па и јас на исто чекам, што друго да чекам? Сите викаат, плачат, збогум земаат од мила мајка Македонија. "Збогум мои другари, јас немам никој на овој свет", пак се слуша. Сакам некогаш caм да заплачам затоа ти пишувам при памет и една рака, а овој што шепоти шпион ќе не прати осудени до крај. Драги чичко, ако дојде време Лерин да го ослободите, дојди и ти донеси ја мајка ми и сестри ми па побарај ја мојата гробница, за да сронат солзи крвави за моите коски да се накиснат и мене да ме разбудат. Писмото го пишувам по ноќи и денови, во секое време проверки вршат тирани грчки, корофилаци клети. Baкa било и живот за мене не чекај. Сам на таква одлука се одлучив. Денес на говорницата ќе ме изведат да говорам пpoтив организацијата и партизаните на Маркос. Да, смрт ме чека. Но секако кој овде влезе сал мртов излегува. Па затоа јас не се откажувам. Речено ми е пред другите затвореници говор утре да одржам или смрт да изберам. Некои мене ме охрабруваат, други пак ме кандисуваат да зборувам, ами против кого да зборувам? Јас немам поблизок и свој да ме разбере поарно од тебе. Затоа јас пред крај, тебе ти го пишувам писмото. Да знаеш, јас не се покорив, јас ја избрав смртта. Така, знај дека деновите се проодливи, мене смрт ме чека. Мене, не ме страши смртта, не, ништо нема да зборувам. Нека знае целиот свет, мајка, татко, и двете сестри... За последен пат, збогум најпрво со тебе и со моите најблиски земам. Поздрав на секој носи, за последен пат од твојот внук Лазо.

Смрт на ф... Лерин 18.08.1948 г.

Од Лазо (следува потпис) ДО: Атанас Ангеловски ЈНА. Демир Хисар - Битолско

По ѕверските мачења, на 19 август 1948 година бил врзан за џип и влечен по улиците на Лерин, по што починал.

Во чест на Лазо Ангеловски[уреди | уреди извор]

За неговата неуморна просветна дејност, во Скопје е изградено големо и модерно основно училиште кое гордо го носи неговото име.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 27. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „Лазо Ангеловски“. Македонска нација. Посетено на 2020-05-06.
  3. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 20. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. Напредното учителство во Македонија. Скопје: Просветно Дело. 1985. стр. 283–284. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]