Лазор Ночески
Лазор Ночески е фиктивен лик од романот „Пиреј“. Неговиот лик е физички отсутен од нарацијата, а присутен е во романот преку изреките кои подеднакво ги цитираат и Јон и Велика. Изреките од Лазор Ночески кои ги цитира Јон најчесто се однесуваат на животот и на смртта, а оние кои ги цитира Велика најчесто се однесуваат на семејството и работата.
Лазор Ночески е лик на мудрец и претставник на исконскиот глас на колективот. Неговото име има хебрејско потекло (хебрејски: Елеазар), што значи „Господ ми е на помош“. Библиското значење на името според Новиот завет е „оној кој станал од мртвите“. Варијантата Лазор е западномакедонска (дебарско-кичевска) варијанта на името Лазар.
Лазор прв и единствен пат се појавува во романот кога ѝ умираат двете последни деца на Велика, Капинка и Ѕвездан. Тој како да изникнува од земјата, се појавува пред Велика во опустеното село да ѝ помогне при закопот на децата, но и на еден симболичен начин да ѝ ја врати надежта и вербата во Бога.
Лазор Ночески е пример за т.н. „неинтелектуален лик“ кај Петре М. Андреевски, лик чиешто школо е животот, лик кој најверојатно нема ниту еден ден формално образование, но чијашто етичка свест е особено суптилна и длабока.
Изреки од Лазор Ночески
[уреди | уреди извор]- Мудрости за животот и смртта
Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука.[1]
Јадење ко секое јадење, ако го јадеш - се јаде. Сѐ што не си јал мислиш дека не се јаде.[2]
Жална мајка и на мртво дете се радува.[3]
Трагата на ѓаволот не му ја гледаш и пак по неа одиш.[4]
Скинато ќесе ништо не држи.[5]
Војната е облак, порој. Не знаеш кај ќе фати, што ќе забере.[6]
Не старее само џамот, сѐ друго старее.[7]
- Мудрости за човечките односи и особини
Скржавиот човек и гревот свој не сака да ти го даде.
Лошото време го прават лошите луѓе.
Пријателот ти е роднина кого самиот си го одбираш.