Лазарополски хаикуа
„Лазарополски хаикуа“ — збирка од 120 хаику песни на македонската поетеса Искра Донева од 2013 година, објавена како самостојно издание на авторката. Книгата е посветена на Јован Ламбески, со благодарност за гостопримството и поддршката на авторката.[1]
Технички податоци
[уреди | уреди извор]Делото, со обем од 133 страници, е испечатено во печатницата „Графотекс“ во Куманово. Графичката обработка е дело на Лиле Шијак, автор на фотографијата на корицата е Александар Станојков, а Ѓоко Здравески ја извршил лектурата. Книгата е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-65559-1-7.[2]
За делото
[уреди | уреди извор]Стихозбирката настанала како резултат на учеството на Донева во книжевната работилница „Кратки книжевни форми“, одржана во семејната куќа на Јован Ламбески во Лазарополе, на 27 и 28 октомври 2012 година.[3] Во освртот кон делото, Владимир Мартиновски забележува дека песните на Донева се нижат како кадри во филм правејќи лирски патопис. Притоа, секое хаику ги бележи амплитудите на нејзините доживувања на природата, на планинскиот пејзаж, на традиционалната архитектура, на топлиот амбиент во селската куќа, на есента, на радоста на пишувањето и на креативниот молк. Лирскиот сензибилитет на Донева нè уверува дека убавината на животот не се мери само по годините на неговото траење, туку по интензитетот на неговата различност, неповторливост и убавина. Со внимателно одбраните зборови и моќните поетски слики, збирката ги осветлува и топли нашите души.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Искра Донева, Лазарополски хаикуа. Скопје, 2013, стр. 2.
- ↑ Искра Донева, Лазарополски хаикуа. Скопје, 2013, стр. 131-133.
- ↑ „Деноноќие во планинска контемплација“, во: Искра Донева, Лазарополски хаикуа. Скопје, 2013, стр. 123-124.
- ↑ Владимир Мартиновски, „Лазарополски хаикуа од Искра Донева“, во: Искра Донева, Лазарополски хаикуа. Скопје, 2013, стр. 125-129.