Лаворов венец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лаворов венец

Лаворов венец[1][2] или ловоров венец[3] — триумфален венец направен од лаворови лисја, кој им се доделувал на победниците во античко време. Го носеле олимписките победници, царевите, поетите и научници. Се состои од круг од лаворови гранчиња. Лаворот е симбол на победата, вечноста и бесмртноста. Римските цареви околу главите имале лаворов венец направен од златни ливчиња.

Во Стара Грција, наместо златни, сребрени и бронзени медали, на победниците на Олимписките игри, им се доделувале лаворови венци. Лаворовиот венец ја претставувал најголемата слава за грчките души. Иако лаворовиот венец немал материјална вредност, тој имал многу посебно значење за спортистите. Кога ќе дојделе во некој град, ги примале со голема почит и правеле кипови во нивна чест. Во грчката митологија, тој бил симбол на грчкиот бог Аполон. Во Стара Атина, лаворовиот венец бил заменет со венец од маслинови гранки, бидејќи маслиновото дрво било симбол на градот.

Лаворовиот венец и лаворот станале симболи на победата, особено на Олимписките игри. Така, на Олимписките игри во Грција во 2004 година, победниците добиле и лаворови венци.

Понекогаш се правеле венци и од слични растенија, како што се лавор и Ruscus hypoglossum.

Лаворов венец им се доделувал и на научници и поети во некои средини како што била ренесансната Италија. На пример, италијанскиот поет Данте Алигиери може да се види на слики со лаворов венец околу главата. Поимот „лауреат“ доаѓа од лаворов венец. Во некои земји, дипломците при добивањето на дипломите добиваат лаворови венци.

Лаворовиот венец е чест мотив во архитектурата, во производството на мебел и во дизајнот на облека.

Наводи[уреди | уреди извор]