Куќа на ул. „Кочо Рацин“ бр. 9 (Берово)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Куќа на ул. „Кочо Рацин“ бр. 9
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видкуќа
Стилстароградски
Адресаул. „Кочо Рацин“ бр. 9
ГрадБерово
Земја Македонија
Завршенасредина на XIX век
Технички податоци
Катови2

Куќа на ул. „Кочо Рацин“ бр. 9 — стара куќа во градот Берово прогласена за културно наследство на Македонија.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градбата е типичен пример за традиционалната архитектура од средината на XIX век. Се одликува со симетрија и вертикалата и по хоризонталата. Има средиштен трем на приземјето. Десно од тремот се влегува во просторија за преработка на волна, ткаење и предење, а летно време за обработка на земјоделски производи. Прозорецот има неколку вертикални и една хоризонтална решетка од ковано железо. Од тремот низ дрвена врата се влегува во затворен прост со скалиште, кое води во затворен чардак на катот. Од ова просторија се влегува во една помала, за чување на брашно и месење леб. Во таа просторија има изѕидан мијалник и одводна канализација стара колку куќата, а има и остатоци од вградена мусандра и долапи. Лево од тремот е кујната со огниште за готвење, а од неа се влегува во килерот. Подовите на приземјето се од камени плочи.[1]

На катот, чардакот е по средината и на предната фасада излегува еркерно над приземјето, а одзади има непосреден влез од теренот низ дрвена врата. На еркерот има два прозора, а внатре има миндер. Лево на еркерот подоцна е дограден балкон. Од двете страни на чардакот има по две соби. Лево се гостинската и зимската дневна соба со огниште, а десните се спални со мангали за греење. Овие одаи немаат долапи, бидејќи постелнината во беровската куќа од XIX век се чувала во сандаци. Освен кревети, имаат и полици по на висина од 1,8 – 1,9 м.[1]

Куќата е изведена во бондручна од печени тули, одвнатре и однадвор покриена со малтер од глина со слама. Меѓукатната и таванската конструкција е од дрвени греди, а подовите се дрвени (душеме). Покривот е со плитки турски ќерамиди. Градбата има два оџака — еден од страна и еден одзади, изѕидани на истиот начин како ѕидовите. Прозорците на задната фасада имаат решетки од ковано железо и дрвени капаци. Фасадите се варосани.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Стамбен објект на ул. Кочо Рацин бр. 9“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-09-28. Посетено на 27 септември 2017.