Кучешко срце

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кучешко срце (руски: Собачье сердце) - новела на рускиот писател Михаил Булгаков.

Содржина[уреди | уреди извор]

Кон крајот на декември, во Москва, едно куче-скитник, кое штотуку се здобило со тешки изгореници на колкот, ја оплакува својата несреќна судбина и сонува за подобар живот. Тогаш, крај него поминува непознат човек, кој му дава колбаси и така го намавува во својот стан. Таму, во текот на неколку дена, на кучето (кое го нарекуваат Шаров) му даваат извонредна нега. Неговиот нов сопственик е познатиот лекар, професорот Филип Филипович Преображенски, кој живее во раскошен стан, заедно со слугинката Зина и готвачката Дарја. Истовремено, во станот се наоѓа ординацијата на професорот, а нему му помага младиот лекар Иван Арнолдович Борментал. Професорот Преображенски е противник на пролетеријатот и на болшевичкиот режим, но поради неговата европска слава, власта мора да го толерира. Меѓутоа, тој има проблеми со Швондер, претседателот на куќниот совет, кој бара професорот да отстапи дел од својот голем стан. Еден ден, професорот Преображенски прави необичен експеримент: ја пресадува хипофизата од штотуку умрен млад човек во мозокот на кучето Шаров. Експериментот успева и набргу кучето станува човек: оди на две нозе, почнува да зборува и самостојно да мисли. Меѓутоа, тогаш настануваат големи проблеми, зашто кучето ги наследува лошите навики на човекот (Клим Чугинкин) чија хипофиза ја поседува. Оттука, Шаров пие, пцуе, краде, нема почит кон никого, прави неред низ станот, итн. Со текот на времето, Шаров бара да добие документи и добива нов идентитет (Полиграф Полиграфович Шаров), потоа бара да му се додели посебна соба за живеење, а на крајот се вработува како раководител на секторот за чистење на Москва од животни-скитници. Професорот сфаќа дека направил голема грешка, а кулминацијата настапува кога во неговиот стан доаѓа милицијата, зашто Шаров го наклеветил професорот дека му се заканувал на Швондер со убиство. Тогаш, професорот му наредува на Шаров да се исели, но тој вперува пиштол во него. За среќа, благодарение на брзата реакција на докторот Борментал, Шаров е совладан, а потоа двајцата лекари прават операција над Шаров и повторно го претвораат во куче.[1]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Булгаков го напишал „Кучешко срце“ во 1924 година, но ракописот бил запленет од полицијата во 1926 година (заедно со неговиот Дневник), а му бил вратен во 1930 година.[2] Кога Булгаков му го дал ракописот на издавачот, тој го оценил делото како генијално. Но, кога авторот се израдувал дека книгата ќе биде објавена, издавачот изјавил дека нема да ја објави, зашто не сака да биде уапсен. Оттука, делото било за првпат објавено дури во 1969 година, во Париз.[3]

„Кучешко срце“ е храбра сатира на советското општество во 1920-тите, маскирана во форма на научна фантастика. Во книгата, создавањето ново суштество, според моделот на Франкенштајн, е проследено со бројни гротескни и трагикомични сцени.[4]

Во 1988 година, врз основа на книгата бил снимен истоимениот телевизиски филм.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008.
  2. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 123.
  3. Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008.
  4. Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008.
  5. IMDb, Heart of a Dog (1988) (пристапено на 21.3.2020)