Прејди на содржината

Кружнолисно зајачко уво

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кружнолисно зајачко уво
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Астериди
Ред: Штитовидни
Семејство: Штитоцветни
Род: Зајачко уво
Вид: Кружнолисно зајачко уво
Научен назив
Bupleurum rotundifolium
L.[1]
Синоними[2]
Список
    • Bupleurum perfoliatum Lam.
    • Bupleurum perfoliatum var. rotundifolium (L.) Desv.
    • Diatropa rotundifolia (L.) Dumort.
    • Perfoliata rotundifolia (L.) Fourr.
    • Perfolisa obtusifolia Raf.
    • Selinum perfoliatum E.H.L.Krause
    • Tenoria rotundifolia Bubani

Кружнолисно зајачко уво[3] (науч. Bupleurum rotundifolium) — вид цветно растение од родот зајачко уво (Bupleurum) во семејството на штитоцветните (Apiaceae). Домороден во Мароко, Алжир, Јужна, Средна и Источна Европа, Турција, Иран, Туркменистан и Киргистан.[2] Успева на рудерални подрачја, и денес е коров во источните САД и ЈАР, а внесен е и на други места.[2] Природно е застапен и во Македонија (подолу).

Ова е едногодишно голо растение, високо 20-75 см, со доста дебело и јако стебло. Стеблото е круглесто, со многубројни надолжни бразди, во долниот дел неразгрането и често црвено, а во горниот дел разгрането и зелено. Листовите синкаво-зелени. Базалните листови долгнавести, копјести или обратнојајцевидни и обично стеснети во подолга или покуса дршка или приседнати и со својата основа го обвиваат стеблото. Стеблените листови елиптични до елиптично-обратнојајцевидни, целокрајни, во долната половина пробиени од стеблото, долги 3-8 см, широки 5 см, на врвот обично тапи и со голем број жили. Штитовите со 4-8 (10) штитчиња, со дршки со речиси еднаква должина (10-20 мм), штитовите без прицветници. Штитчињата со голем број цветови на дршки подолги од нив; прицветничињата 5-6, ширококопјести до обратно-јајцевидни, во основата делумно сраснати помеѓу себе, жолтеникаво-зелени, за време на цветањето расперени, со 5-9 жили, на врвот секогаш шиловидно заострени, 2-3 пати подолги од цветовите. Венечните ливчиња светложолти, долги 0,4-0,5 мм, свитканиот кон внатрешноста јазиковиден дел тап, со речиси квадратен облик. Плодот црно-кафеав долгнавесто-елиптичен, долг 3-3,5 мм, полукружен, со речиси незабележливи ребра.[4]

Во Македонија

[уреди | уреди извор]

Во Македонија ова растение вирее по ниви, меѓи, напуштени ниви, покрај железнички пруги, селски куќи и патишта.[4]

Познат за Скопје — Катлановска Бања; Скопска Црна Гора — с. Кучевиште (Љ. Групче); с. Смилковци (В. Матевски); клисурата на р. Пчиња — с. Кожле; Таорска Клисура; Куманово — с. Доброшане (Р. Новевски); Свети Николе — с. Делисинци (К. Мицевски & В. Матевски); жел. станица „Овче Поле“; Штип — покрај патот за Плачковица; Кратово; Кавадарци — с. Драдња (В. Матевски); Неготино — с. Криволак.

Се посочува за Кавадарци (Јуришић, 1923); Демир Капија и Прилеп (Bornmüller, 1926); Велес — Башино Село (Bornmüller, 1927); Валандово — с. Татарли, (†) с. Кајали (Stojanoff, 1928); Струмица — с. Вељуса (Рудски, 1943); Гевгелија — пл. Даб (Циримотиќ, 1958); Скопје — Радуша (Матвејева, 1965).[4]

  1. ↑ Sp. Pl.: 236 (1753)
  2. 1 2 3 „Bupleurum rotundifolium L.“. Plants of the World Online. Board of Trustees of the Royal Botanic Gardens, Kew. 2017. Посетено на 1 октомври 2020.
  3. ↑ Лозановски, Ристо (1994). „Терминологија од областа на плевелните растенија“. Македонска терминологија. МАНУ. XXIV (83–84): 59.
  4. 1 2 3 Мицевски, Кирил (2005). Флора на Република Македонија. Том I, св. 6. Скопје: МАНУ. стр. 1592-1593.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]