Кредити на населението

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Кредити на населението (англиски: household credits, household loans) претставуваат финансиски средства кои банките и другите финансиски институции им ги позајмуваат на поединците и домаќинствата. Овие кредити се јавуваат во различни видови и се наменети за финансирање на тековната потрошувачка, за купување трајни потрошни добра, како и за домување. Во основа, овие кредити може да се поделат во две групи: потрошувачки кредити (consumer loans) и станбени кредити (mortgages).

Потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Потрошувачките кредити им служат на поединците и домаќинствата за финансирање на тековната потрошувачка и за купување трајни потрошни добра. Тие ги опфаќаат сите кредити одобрени на населението, освен станбените кредити. Потрошувачките кредити можат да се групираат на различни начини: според намената, начинот на отплата, рочноста, валутата итн. Така, банките одобруваат денарски кредити, кредити со валутна клаузула и девизни кредити. Понатаму, некои кредити се со рок на достасување до една година, а други се долгорочни. Од гледна точка на отплатата на кредитите, разликуваме кредити кои се отплаќаат наеднаш и кредити со отплата во периодични рати (ануитети).[1] [2]

Обновливи кредити[уреди | уреди извор]

Во групата на обновливи потрошувачки кредити (revolving consumer loans) спаѓаат кредитите врз основа на кредитни картички (credit cards), дозволените пречекорувања на тековните сметки (overdrafts) и други видови кредити. Кај овие кредити, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, која постојано се продолжува. Со други зборови, клиентот има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. На тој начин, овие кредити всушност немаат утврден рок на достасување, зашто постојано се продолжуваат. Во зависност од начинот на отплата на кредитот, тие може да се јават како кредити кои се исплаќаат наеднаш или кредити со отплата на рати. Имено, потрошувачите имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Од друга страна, потрошувачите самостојно одлучуваат кога и колку ќе позајмуваат, при што плаќаат камата само на искористениот кредит. Токму поради овие карактеристики, обновливите кредити се многу популарни и сите банки, независно од големината или од стратегијата, си конкурираат на овој пазар.[3]

Наменски потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Наменските потрошувачки кредити се одобруваат преку трговските претпријатија со кои банките имаат склучено договор и тие се наменети за купување одредени производи во продавниците (бела техника, видео и аудио техника, мебел, накит, облека итн.). Притоа, износот на кредитот може да биде мал (на пример, околу 10 000 денари), но исто така, овие кредити се одобруваат и на поголеми износи, кои се движат до околу 300 000 денари. Инаку, корисникот на кредитот воопшто не ги добива парите, туку кредитот се одобрува така што банката ги префрла парите на сметката на продавачот. Во однос на рочноста, потрошувачките кредити кои гласат на помали износи обично имаат и помал рок на достасување (на пример, од шест месеци до една година), додека за купување поскапи производи, банките одобруваат кредити и со рок до пет-шест години. Истовремено, кредитите со помала рочност се со постојана каматна стапка, додека долгорочните кредити се одобруваат со променлива каматна стапка. Покрај каматната стапка, банките наплатуваат и различни надоместоци, како што се: манипулативен трошок за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата итн., кои се движат од 1,5% па сè до 5% од износот на кредитот.[4]

Ненаменски потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Банките одобруваат потрошувачки кредити кои немаат однапред определена намена. Овие кредити се исплаќаат во готово, или пак, банката ги префрла парите на сметката на клиентот, кој потоа може да ги употреби парите за која било цел. Понудата на ненаменски потрошувачки кредити е богата, т.е. банките нудат кредити со различни износи, рокови на достасување и други услови на кредитирање, со цел да ги задоволат потребите на потрошувачите. Така, овие кредите гласат на износи што започнуваат од 10 до 15 илјади денари, па сè до противвредност од неколку илјади евра. Рокот на достасувањето на ненаменските потрошувачки кредити може да достигне дури и до пет или седум години, а отплатата се врши во еднакви месечни рати. Вообичаено, банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои зависат од рочноста, видот на обезбедувањето и од тоа дали се работи за денари или девизи. Покрај тоа, кредитите се оптоварени и со бројни провизии и надоместоци, коишто се движат од 0,5% до 5% од износот на кредитот.[5]

Автомобилски кредити[уреди | уреди извор]

Автомобилските кредити (automobile loans) се одобруваат за купување нови или стари автомобили, мотори и теренски возила. При одобрувањето на кредитот, банката му ги исплаќа парите на продавачот на автомобилот, а отплатата се врши во еднакви месечни ануитети. Автомобилските кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити, при што најчесто тие се обезбдени со залог на моторното возило кое се купува (заедно со полиса за каско-осигурување, винкулирана во полза на банката). Исто така, како обезбедување на овие кредити можат да послужат и следниве инструменти: меница, административна забрана на платата, еден или двајца жиранти, денарски или девизен депозит или хипотека на недвижен имот. На автомобилските кредити банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои значително се разликуваат во зависност од висината на учеството, валутата на кредитот и видот на обезбедувањето. На автомобилските кредити банките наплаќаат и различни трошоци, како што се: провизија за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата, нотарски трошок, премија за осигурување, интеркаларна камата итн.[6] Во Македонија, во 2012 година, кај банките и друштвата за лизинг биле заложени 3.576 автомобили, со вредност од 79,8 милиони евра; во 2013 година, бројот на заложените автомобили изнесувал 3.435, со вредност од 259,8 милиони евра, додека во првите десет месеци на 2014 година биле заложени 2.730 автомобили чија вредност изнесувала 126 милиони евра.[7]

Станбени кредити[уреди | уреди извор]

Банките одобруваат станбени кредити (mortgage loans) за следниве намени: купување стан или куќа, купување куќа со земјиште, реновирање стан или куќа, градба, доградба и надградба на куќа итн. Исто така, банките одобруваат кредити и за рефинансирање на станбен кредит, земен од друга банка. Од гледна точка на достасувањето, станбените кредити претставуваат долгорочни кредити, со рочност која се движи од 5 до 30 години. Понатаму, тие спаѓаат и во групата на обезбедени кредити, и тоа кредити обезбедени со недвижен имот (хипотекарни кредити). Најпосле, набљудувано од аспект на начинот на отплата, станбените кредити спаѓаат во групата на кредити што се отплаќаат на рати.

Во светот, одобрувањето станбени кредити претставува традиционална активност на банките, која зазема голем дел од кредитното портфолио. Имајќи го предвид големото значење на домувањето, развиените земји преземаат различни мерки за поттикнување на станбените кредити. На пример, вообичаена практика е каматата што луѓето ја плаќаат на станбените кредити да се одбие од основата за плаќање на данокот на личен доход. Исто така, постојат државни или квазидржавни институции коишто ги гарантираат и ги осигуруваат станбените кредити. Понатаму, во овие земји има развиен секундарен пазар на станбени кредити, каде што банките создаваат пакети од кредити и издаваат хартии од вредност кои им ги продаваат на инвеститорите. Секундарниот пазар на станбени кредити е многу важен затоа што ја зголемува нивната ликвидност, а исто така, го решава и проблемот на нерамнотежата меѓу долгите рокови на достасување на овие кредити со покусите рокови на изворите од кои се финансираат.[8]

Кредитирање на населението во Македонија[уреди | уреди извор]

Кредитирањето на населението претставува понова појава во македонското банкарство. Имено, долго време овие кредити речиси воопшто не постоеја, но почнувајќи од 2003 година, тие бележат исклучително високи стапки на растеж – појава која е забележана во сите земји во транзиција. Поголемиот интерес на банките за кредитирање на населението се должи на тоа што овие кредити вообичаено носат високи стапки на принос, а освен тоа, кај нив е поголема можноста за диверзификација на ризикот на кредитното портфолио. Како последица на брзиот кредитен растеж, на крајот на 2010 година, учеството на кредитите на населението во вкупните кредити изнесуваше 38,5%, за разлика од 2003 година, кога овие кредити учествуваа само со 20,8% во вкупните банкарски кредити. Сепак, наспроти горните показатели, треба да се забележи дека кредитирањето на населението во Македонија, мерено во однос на БДП, сè уште е прилично пониско во споредба со развиените земји. Така, на крајот на 2010 година, вкупните кредити одобрени на населението изнесуваа 18,7% од македонскиот БДП, додека овој показател во ЕУ изнесуваш околу 70%.[9] Како последица на тоа, во поново време се забележува јасен тренд на зголемување на задолженоста на населението: на пример, на крајот на 2010 година, односот меѓу вкупниот долг и расположливиот доход на населението изнесуваше 24%, т.е. двојно повеќе во споредба со 2005 година.[10]

Што се однесува до рочната структура на кредитите на населението, треба да се забележи дека доминираат долгорочните кредити, т.е. кредитите со рок на достасување над една година. Така, во 2001 година, долгорочните кредити учествуваа со речиси 60% во бруто-кредитите на населението, додека 30% отпаѓаа на кусорочните кредити. Подоцна дојде до натамошно зголемување на учеството на долгорочните кредити, кое на крајот од 2010 година достигна дури 83% (а 7,4% отпаѓаа на кусорочните кредити). За разлика од кредитирањето на претпријатијата, кое најчесто опфаќа одобрување девизни кредити или кредити со валутна клаузула, кај кредитите на населението учеството на денарските кредити е многу повисоко. Така, на крајот на 2010 година, дури 55% од кредитите отпаѓаат на денарски кредити, 38% се кредити со валутна клаузула, а само 7% се девизни кредити. Ваквата валутна структура на кредитите на населението произлегува од карактерот на кредитите. Имено, само кредитите со подолги рокови на достасување (станбените и автомобилските кредити) содржат девизна компонента, додека кредитите на кредитни картички, кредитите на тековна сметка и најголем дел од потрошувачките кредити се денарски, а овие категории имаат најголемо учество во вкупните кредити на населението.[11]

Профилот на ризичноста на кредитите на населението се разликува во споредба со оној на кредитите на претпријатијата. На пример, важна карактеристика на кредитирањето на населението е тоа што банките имаат поголема можност да извршат диверзификација на ризикот. Оттука, набљудувано на ниво на целото кредитно портфолио, квалитетот на овие кредити е подобар во споредба со кредитите на претпријатијата. Притоа, со текот на времето дојде до намалување на учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на населението: за разлика од 2001 година, кога речиси 11% од бруто-кредитите беа нефункционални, на крајот од 2007 година, овој процент изнесуваше 4,3%. Подоцна, настапи спротивен тренд, така што, на крајот од 2010 година, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на населението достигна 8,1%. Влошувањето на квалитетот на овие кредити настапи како последица на два фактора: ефектите од светската финансиска и економска криза и зреењето на кредитното портфолио. Сепак, треба да се забележи дека нефункционалните кредити на населението се помали од нефункционалните кредити на претпријатијата (10%).[12]

Кредитна анализа кај кредитите на населението[уреди | уреди извор]

Во основа, кредитната анализа е исправена пред истата цел и во кредитирањето на населението, а тоа е оценување на кредитниот ризик на кредитобарателот, т.е. оценување на неговата способност и желба за уредна отплата на кредитот. Сепак, при кредитирањето на населението, кредитната анализа значително се разликува во споредба со кредитите на претпријатијата, поради повеќе причини:

  • за луѓето има ограничени финансиски податоци, кои не се потврдени од овластените ревизорски друштва, така што постои можност за нивно погрешно прикажување;
  • кај овие кредити, најчесто како единствен извор на приходи се јавува тековниот приход (платата, пензијата), кој пак, многу брзо може да се промени поради: болест, невработеност, смрт итн.;
  • поради горната причина, како и поради фактот дека се работи за мали кредити, во кредитирањето на населението обично нема потреба од сложена финансиска анализа;
  • понатаму, стандардната група фактори која влијае врз кредитниот ризик овозможува автоматизирање на кредитната анализа итн.

Инаку, при кредитирањето на населението, банките вообичаено применуваат два пристапа на кредитна анализа: квалитативна кредитна анализа (judgmental credit analysis) и статистичка кредитна анализа (statistical credit analysis). Во првиот случај, врз основа на расположливите информации од кредитното барање, кредитниот регистар и од другите извори, кредитниот службеник ги оценува карактеристиките на клиентот, опфатени со анализата на 5Ц (карактер, капацитет, колатерал итн.), и донесува одлука за прифаќање или одбивање на барањето за кредит. Во рамките на овој пристап, одлучувањето во мера се потпира врз субјективната проценка и искуството на кредитниот службеник. Во вториот пристап, банката применува некој формален, статистички заснован модел на одлучување во врска со кредитните барања.[13]

Фази на кредитниот процес[уреди | уреди извор]

И во работењето со населението, кредитниот процес поминува горе-долу низ истите фази, присутни при кредитирањето на претпријатијата. Така, и овде, банките најпрвин прават анализа на пазарот со цел да ги утврдат потребите и барањата на потрошувачите. Врз таа основа, тие ги развиваат своите кредитни производи и настојуваат на разни начини да ги придобијат потрошувачите. Кредитниот процес формално започнува со поднесувањето кредитно барање од страна на заинтересираните лица. Некои банки нудат и можност за телефонско пријавување на кредитот, каде што телефонскиот оператор го пополнува кредитното барање, за 15 минути потрошувачот добива првично одобрение, а потоа, во некоја експозитура, тој ги поднесува потребните документи. Вообичаено, банките применуваат стандардни формулари за кредити, во кои се наведени сите потребни елементи, а потрошувачите само ги пополнуваат наведените полиња. На тој начин се овозможува автоматизација на кредитната анализа, што овозможува нејзино забрзување и намалување на оперативните трошоци за извршување на кредитниот процес. Притоа, банките поставуваат одредени критериуми за одобрување на одделни видови кредити и проверката на нивното исполнување ја претставува првата фаза во обработката на кредитното барање. На пример, кредитобарателите мораат да достават доказ дека имаат постојана работа и дека остваруваат одреден месечен или годишен приход; исто така, месечната рата на кредитот се ограничува на 30%-50% од месечната плата на кредитобарателот. За да им овозможат на потрошувачите полесно исполнување на потребните услови за добивање кредит, банките дозволуваат барањето за кредит да го поднесат две или повеќе лица заедно (на пример, брачен пар или потесно семејство итн.).[14]

Во формалната обработка на кредитното барање, кредитниот службеник ги проверува документите кои потрошувачите ги доставуваат, како што се: пасош или лична карта, потврда за работен однос и потврда за плата, заверени од работодавачот, последна платена сметка за струја, телефон, греење или вода. За станбените кредити, потребната документација која ја доставува кредитобарателот е пообемна, зашто покрај стандардните, треба да се достават и бројни други документи, поврзани со имотот што се купува, како што се: купопродажен договор, имотен лист, решение за локација, дозвола за градба итн.[15]

Финансиски аспекти на анализата[уреди | уреди извор]

За да даде оцена на финансиската сила на кредитобарателот и неговата способност за отплата на кредитот, банката проверува дали тој има постојана и стабилна работа и колку изнесуваат неговите приходи. Ако покрај платата, клиентот остварува и други приходи, треба да се оцени дали тие се редовни, трајни и стабилни. Всушност, најчесто платата на кредитобарателот се јавува како единствен извор на приходи од кои ќе се отплаќа кредитот. Се разбира, оценувањето на капацитетот на клиентот подразбира и проверка на нивото на задолженост на клиентот. Оттука, за да бидат сигурни дека платата ќе биде доволна за отплата на кредитот, повеќето банки го ограничуваат месечниот ануитет на одреден процент од месечниот приход, најчесто на една третина. Во продолжение, за да го зголемат мотивот на кредитобарателот за уредна отплата на кредитот, кај некои видови кредити (на пример, автомобилските и станбените) банките бараат одредено учество, изразено како процент од цената на предметот што се купува. Со други зборови, банката само делумно го финансира купувањето на предметот, а остатокот паѓа на товар на кредитобарателот. На тој начин, доколку тој не го враќа кредитот на време, банката ќе го раскине договорот за кредит и должникот ќе ги изгуби вложените пари. Во таа смисла, колку е повисоко учеството на должникот, толку е помал неговиот поттик да го избегне враќањето на кредитот.[16]

Анализа на обезбедувањето[уреди | уреди извор]

Банките бараат различни инструменти за обезбедување на наплатата на кредитите: на пример, потрошувачките кредити најчесто се обезбедени со административна забрана на платата и со жиранти, а некои се обезбедени со депозит, залог на хартии од вредност или хипотека на недвижен имот. Административна забрана на платата значи дека секој месец на должникот му се одзема одреден процент од платата, кој автоматски се префрла во корист на банката. Ако кредитот е обезбеден со жиранти, тогаш доколку должникот не го враќа кредитот, банката ќе го наплати кредитот од жирантите. Што се однесува до обезбедувањето, и овде важи принципот дека приходите на клиентот се основен извор на отплата на кредитот, односно обезбедувањето има второстепена улога.

Oбезбедувањето има клучно значење во оценувањето на кредитниот ризик кај автомобилските и станбените кредити. Притоа, покрај горните инструменти, автомобилските кредити секогаш се обезбедени со автомобилот што се финансира со кредитот, при што со цел банката да се заштити од ризикот на оштетување или кражба на автомобилот, тој мора да биде целосно осигуран. Значењето на обезбедувањето е уште поголемо кај станбените кредити поради нивните големи износи и долгите рокови на достасување. Затоа, уште пред одобрувањето на кредитот, банката праќа проценител којшто ја утврдува пазарната вредност на имотот што се става под хипотека и тој елемент има големо влијание врз износот на кредитот што може да му се одобри на кредитобарателот. Истовремено, банката ги проверува и правните аспекти на обезбедувањето, т.е. дали имотот е заведен во катастар, кои се неговите сопственици, дали тој веќе не е ставен под хипотека итн. Се разбира, ако должникот не го враќа кредитот, можноста на банката да го наплати своето побарување пресудно зависи од постоењето активен пазар и од пазарната вредност на имотот. Оттука, при анализата на обезбедувањето, банката ги испитува трендовите на пазарот на недвижности, локацијата на имотот, неговата старост и состојба итн. Во таа смисла, треба да се забележи дека недвижностите претставуваат добро обезбедување, зашто се трајни и не можат да се преместат или да се уништат. Но од друга страна, недвижностите не се ликвиден имот, а понекогаш нивните цени можат да се намалат и тоа ја отежнува нивната продажба во случај на присилна наплата на кредитот. Токму поради опасноста од опаѓање на пазарните цени, станбените кредити најчесто се обезбедуваат со недвижен имот чија вредност е поголема за 1,5 пати од износот на кредитот.[17]

Кредитно бодување[уреди | уреди извор]

Кредитното бодување спаѓа во групата на квантитативни модели на оценување на кредитниот ризик, бидејќи веројатноста дека должникот нема редовно да го отплаќа кредитот се мери врз основа на одредени квантитативни податоци. Така, врз основа на историските податоци за претходно одобрените кредити, банката настојува, со примена на одредени статистички техники, да определи кои карактеристики на потрошувачите се пресудни за уредна отплата или за невраќање на кредитите. Според тоа, за да може да се примени овој метод на кредитна анализа, банката мора да поседува богата база на податоци за одобрените кредити во некој подолг временски период. Оттука, овој систем е погоден за оценување на кредитниот ризик на некои стандардизирани кредити, кои се со мали износи и се одобруваат во многу голем број, така што за нив има доволно историски податоци.Според овој пристап, кредитната анализа се врши така што, врз основа на податоците од кредитното барање и од другите извори, на кредитобарателот му се доделува одреден број бодови, и тоа посебно за секој поединечен фактор. Обично, моделите на кредитно бодување вклучуваат десетина карактеристики на клиентот, како што се: месечен приход, работен стаж, ниво на задолженост, кредитна историја (задоцнети отплати, неплатени кредити), ликвиден имот, депозитно работење со банката (број на сметки, просечно салдо), недвижен и подвижен имот (куќа, стан, автомобил), возраст итн.

Крајната оцена (вкупниот број бодови) претставува пондериран просек од поединечните бодувања и, врз основа на добиените бодови, банката донесува одлука за прифаќање или одбивање на кредитното барање. Така, ако вкупниот број бодови на кредитобарателот изнесува над некое критично ниво, тој ќе биде оценет како кредитоспособен и банката ќе му одобри кредит. Обратно, ако кредитобарателот не успеал да го освои потребниот број бодови, тоа ќе значи дека тој е премногу ризичен и неговото кредитно барање ќе биде одбиено. Инаку, нивото на прифаќање и одбивање на кредитното барање го определува посебно секоја банка во зависност од нејзината кредитна политика. Притоа, во моделите на кредитно бодување обично постои некој интервал меѓу прагот на одбивање и прагот на прифаќање на кредитното барање, кој ја претставува областа на неодлучност. Ако вкупните бодови на клиентот се наоѓаат во овој интервал, кредитниот службеник спроведува квалитативна анализа, при што тој може да побара дополнителни информации за донесување на конечната одлука.[18]

Одредување на каматните стапки на кредитите на населението[уреди | уреди извор]

Една од најважните одлики на кредитите на населението е тоа што нивното одобрување предизвикува големи трошоци по единица производ, што пак произлегува оттаму што тие претежно гласат на мали износи. Тоа има големо значење за ценовната политика, бидејќи банките мора да ги постават каматните стапки на нивото коешто обезбедува покривање на трошоците, а носи и одредена заработка. Но, од друга страна, банките не се сосема слободни во одредувањето на цените на кредитите, зашто мора да внимаваат и на конкуренцијата. Со други зборови, ако банката одреди премногу високи каматни стапки, потрошувачите едноставно ќе заминат кај конкуренцијата. Понатаму, многу важен фактор во ценовната политика се односите со потрошувачите, кои најчесто, покрај кредитите, користат и бројни други финансиски услуги. Тоа значи дека, понекогаш, банката може да прифати пониски каматни стапки на кредитите со цел да ги задржи клиентите, кои користат други банкарски производи. На пример, некои банки на постојните клиенти им нудат потрошувачки кредити со пониски каматни стапки. Најпосле, значаен фактор во ценовната политика има и обезбедувањето на кредитите. Така, каматните стапки на одреден вид кредити (на пример, ненаменски потрошувачки кредити) знаат да бидат далеку пониски од стандардните ако кредитот е обезбеден со орочен депозит или со хипотека на недвижен имот.

Поаѓајќи од тоа дека цената на кредитот треба да ги покрие трошоците на финансирање и оперативните трошоци на кредитниот сектор, како и да обезбеди одредена добивка, и при кредитирањето на населението банките често го применуваат методот „трошоци плус“. Тоа значи дека на вкупните трошоци се додава одредена маржа за покривање на ризикот, како и профитна маржа. Исто така, со развојот на финансиските пазари и заострувањето на конкуренцијата, банките сè повеќе применуваат променливи каматни стапки на кредитите на населението, т.е. каматните стапки ги одредуваат врз основа на некоја пазарна каматна стапка на која додаваат определена маржа. Притоа, во услови на нестабилност на финансиските пазари, примената на променливи каматни стапки им овозможува на банките да се заштитат од каматниот ризик.

Традиционално, каматните стапки на потрошувачките кредити се изразуваат на три основни начини:

  • проста каматна стапка,
  • додавање на каматата и
  • дисконтна стапка.

Притоа, начинот на изразување на каматните стапки на кредитите има многу големо влијание врз финансискиот трошок што го поднесува корисникот на кредитот. Имено, проблемот се состои во тоа што номиналните каматни стапки, одредени според овие методи, воопшто не мора да ја претставуваат вистинската, т.е. ефективната каматна стапка на кредитот (annual percentage rate, APR). Ефективната каматна стапка ја претставува стапката на дисконтирање која сегашната вредност на сите периодични плаќања ја изедначува со износот на кредитот.

Примената на методот на проста каматна стапка (simple interest rate) подразбира пресметка на каматата само на износот на кредитот што останува за отплата. Така, ако кредитот се отплаќа на рати, тогаш овој метод на пресметка го зема предвид постепеното намалување на главницата на долгот, така што во следниот период, од претходниот износ на кредитот се одзема отплатата на главницата и каматата се пресметува само на остатокот на долгот.

Методот на додавање на каматата (add-on rate) се состои во тоа што на износот на кредитот се пресметува номиналната каматна стапка, така пресметаната камата се додава на кредитот, збирот се дели со бројот на ратите и така се доаѓа до износот на месечната рата. Притоа, каматната стапка се пресметува на целиот износ на долгот, без да се земе предвид постепената отплата на долгот и тоа дава висока ефективна каматна стапка. Затоа, секогаш кога кредитите се отплаќаат на рати, овој метод на одредување на каматната стапка води кон тоа ефективната каматна стапка да биде повисока од номиналната.

И според методот на дисконтна стапка (discount rate), каматата се пресметува на целиот износ на кредитот, но таа веднаш се одзема од кредитот и остатокот му се исплаќа на корисникот на кредитот. Со други зборови, потрошувачот воопшто не го користи целиот кредит, туку го добива износот на кредитот намален за каматата.

Примената на трите методи на изразување на каматната стапка води кон многу различни резултати во поглед на ефективната каматна стапка. Притоа, само кога се применува методот на проста каматна стапка, ефективната каматна стапка е еднаква на номиналната, а тоа произлегува оттаму што каматата се пресметува само на остатокот на долгот. Но, кај другите два метода тоа не е така, па затоа ефективната каматна стапка е многу различна од номиналната каматна стапка. Најпосле, методот на дисконтна стапка води кон највисока ефективна каматна стапка, затоа што банката однапред ја задржува каматата, а должникот не го користи целиот износ на кредитот.[19]


Регулација на кредитирањето на населението[уреди | уреди извор]

Регулаторните органи му посветуваат посебно внимание на кредитирањето на населението со цел да ги заштитат потрошувачите од можните злоупотреби од страна на банките. Притоа, регулацијата на кредитирањето на населението, во основа, се однесува на две подрачја: прво, информирање на потрошувачите за финансиските трошоци (каматната стапка и другите надоместоци) и за другите услови во врска со кредитите и; второ, спречување на нееднаков третман (дискриминација) на потрошувачите во однос на пристапот до банкарските кредити.

Потребата од првиот тип на регулација произлегува оттаму што потрошувачите обично не се многу упатени во бројните финансиски и правни прашања, кои се составен дел на договорите за кредит. Како резултат на недоволната информираност, многу лесно може да се случи луѓето да донесат погрешни одлуки, коишто подоцна предизвикуваат неповолни финансиски последици. Ваква регулација не е потребна кај кредитирањето на претпријатијата, кои имаат посебни организациски единици (сектори, служби итн.) и стручни лица задолжени за финансиски прашања. За да им се овозможи на потрошувачите да донесуваат одлуки, засновани врз соодветни информации, регулаторите им наложуваат на банките да ги известат потрошувачите за најважните прашања, како што се: вкупниот финансиски трошок што го предизвикува кредитот, ефективната каматна стапка, како и другите услови под кои се одобрува кредитот.

Вториот вид регулација претставува одговор на однесувањето на банките, кои често поставувале пречки во кредитирањето на одделни групи на населението. На пример, искуството во развиените земји покажало дека одредени општествени слоеви (обоените луѓе, жените, лицата кои примаат социјална помош, жителите на одредени подрачја итн.) имале далеку потежок пристап до кредитите, а често и однапред биле исклучени од кредитните услуги. Затоа, овие земји донесле прописи со кои на банките им се забранува да вршат дискриминација на потрошувачите врз основа на полот, расата, религијата, општествениот статус итн. Така, при поднесувањето на кредитното барање, банките не смеат да поставуваат прашања, кои не се непосредно поврзани со финансиската сила на клиентот (дали има телефон, каква е брачната положба, колку деца има итн.). Исто така, во случај на одбиено кредитно барање, потрошувачот има право да бара објаснение, зошто е донесена таква одлука.

Во Македонија, првиот чекор во насока на заштита на потрошувачите беше направен во 2005 година, кога централната банка донесе одлука (со примена од 2006 година), според која банките беа обврзани, покрај номиналните каматни стапки, да ги објавуваат и вистинските, т.е. ефективните каматни стапки на депозитите и на кредитите на населението. Во 2007 година беше донесен Законот за заштита на потрошувачите при одобрувањето и користењето кредити од страна на банките, друштвата за лизинг и трговците, вклучувајќи го и издавањето кредитни картички. Подоцна, во 2011 година, донесен е Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Според Законот, за да биде полноважен, секој договор за кредит мора да биде склучен во писмена форма, а потрошувачот мора да биде претходно запознаен со условите на кредитот, како што се: износот на кредитот, трошоците што се плаќаат при склучувањето на договорот, стапката на вкупни трошоци (ефективната каматна стапка), износот на вкупните финансиски трошоци, рокот на отплата, бројот на ратите, износот на поединечната рата, трошоците при предвремена отплата на кредитот, условите под кои може да се раскине договорот итн. Кога се работи за кредити врз основа на кредитни картички и кредити во вид на дозволено пречекорување на тековните сметки, банките имаат обврска да ги известат потрошувачите за висината на расположливиот кредит, редовната и казнената каматна стапка, рокот до кога треба да се плати долгот итн. Исто така, банките се должни на клиентите да им издаваат писмени извештаи со информации за: сите уплати и исплати во одреден период, состојбата на почетокот и на крајот на периодот, висината на каматната стапка, расположливиот долг итн.

Најпосле, со овој закон е регулирано и рекламирањето на потрошувачките кредити, при што понудувачите на овие кредити мора да ги објават сите релевантни информации во врска со кредитот, како што се: сите трошоци на кредитот, годишната стапка на вкупни трошоци и условите за отплата на кредитот, а исто така, понудата мора да содржи и јасен, разбирлив пример за пресметка на вкупните трошоци на кредитот. Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити ги обврзува давателите на потрошувачки кредити да ја објават годишната стапка на вкупните трошоци на кредитот, а подоцна, централната банка ја пропиша методологијата за нејзина пресметка. Основната цел на оваа регулатива е на потрошувачите да им се обезбеди единствен начин на мерење на вкупните трошоци на кредитите. Врз таа основа, потрошувачите можат да вршат споредба меѓу трошоците на кредитите што ги нудат одделни банки и така да го изберат најповолниот кредит. Стапката на вкупни трошоци претставува дисконтна стапка (на годишно ниво), изразена како однос меѓу вкупните трошоци на кредитот и износот на одобрениот кредит. Притоа, оваа стапка го изедначува износот на кредитот со сите парични текови што треба да ги плати потрошувачот, и тоа врз сите основи: главница, камата, провизии, надомести и други трошоци. Со други зборови, таа ја претставува вистинската, ефективната каматна стапка на кредитот, којашто најчесто се разликува од номиналната каматна стапка, наведена во договорот. Банката е должна да ја објави стапката на вкупните трошоци во своите простории и на интернет-страницата, меѓутоа не со помали букви во споредба со другите податоци за кредитот. Исто така, пред склучувањето на договорот за кредит, таа треба да му соопшти на потрошувачот колку изнесува стапката на вкупните трошоци на кредитот, како и да му обезбеди разбирлив пример за нејзина пресметка.

При одобрувањето на кредитот, банката треба да изработи преглед на сите парични текови (уплати и исплати) и да му го даде на потрошувачот. Притоа, банката треба да ја наведе номиналната каматна стапка, со објаснување дали таа е постојана или променлива. Исто така, ако се работи за кредит со валутна клаузула, таа треба да го наведе девизниот курс по кој се извршени пресметките во прегледот на паричните текови. Најпосле, во прегледот на паричните текови банката треба да ги наведе и сите провизии и други надоместоци поврзани со кредитот, како на пример: за обработка на кредитното барање, за одобрување на кредитот, за администрирање на кредитот, за чување на обезбедувањето итн. Меѓутоа, во пресметката на стапката на вкупните трошоци не се вклучуваат трошоците од типот на: нотарски услуги, трошоци за проценување на вредноста на обезбедувањето, членарини, трошоци за добивање разни уверенија, трошоци за платен промет итн.[20]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148.
  2. Business Dictionary
  3. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148.
  4. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150.
  5. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150.
  6. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151.
  7. „Со стар автомобил може да си купите и хипотека“, Дневник, година XVIII, број 5613, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 8-9.
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 153-154.
  9. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 146-147.
  10. Извештај за финансиската стабилност во Македонија во 2010 година, Скопје: Народна банка на Македонија, јуни 2011, стр. 18.
  11. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 147.
  12. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 147-148.
  13. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 156-157.
  14. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 205-206.
  15. Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Скопје: Economy press, 2003, стр. 613-618.
  16. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 206.
  17. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 206-207.
  18. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 207-208.
  19. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 211-213.
  20. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 167-169.