Краток филм за убивањето

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Декалог 5“ или „Краток филм за убивањето“ (полски: Krótki film o zabijaniu) — полски филм од 1988 година, во режија на Кшиштоф Кишловски, кој е и автор на сценариото, заедно со Кшиштоф Пјисјевич. Главните улоги ги играат: Мирослав Бака, Кшиштоф Глобиш, Јан Тесарж, Збигњев Запасјевич, Александер Беднарж, Јежи Зас, Артур Барциш, Кристина Јанда, итн.


Мирослав Бака, актерот Јацек

Содржина[уреди | уреди извор]

Младото момче Јацек (го игра Бака) скита бесцелно во центарот на градот, полн со деструктивна енергија; ги плаши гулабите на плоштадот, фрла камен врз возилата, итн, а во својата торба, тој носи јаже. Истовремено, таксистот Валдемар (го игра Тесарж) го мие својот автомобил и во неколку прилики одбива да ги вози луѓето кои ја бараат неговата услуга. Третата приказна се однесува на Пјотр Балицки (го игра Глобиш), кој штотуку успева да го положи испитот за адвокат. Тројцата главни ликови случајно се среќаваат низ градот, но се свесни дека судбината ќе ги поврзе. Најпосле, Јацек се качува во таксито на Валдемар, барајќи да го однесе на крајот од градот и таму, без никаква причина, го дави со јажето, а потоа го удира по главата со метална прачка. Влечејќи го телото до реката, Јацек забележува дека таксистот е жив и го убива удирајќи го со голем камен по главата. По убиството, тој посетува една девојка, канејќи ја да заминат некаде во природа. На судењето, Јацек е осуден на смртна казна, а негов бранител е Пјотр. На крајот од филмот, Пјотр присуствува на погубувањето на Јацек и таа сцена силно го потресува.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]